Поради строгиот карантин

Гневот е сè поголем, Европа е на раб на пукање (ФОТО+ВИДЕО)

Во многу европски земји со месеци на сила е строг карантин. Тоа, како и многу спората кампања на вакцинација, но и појавата на новите соеви на вирусот, како последица има фрустрација, гнев и бегство во светот на журките, пишува Дојче веле.

EPA-EFE

Холандија: Немири поради полицискиот час

„Корона-немирите“ најмногу ја погодија Холандија. Во таа земја има големо незадоволство поради воведувањето на ноќниот полициски час кој е на сила од викендот. Стотици насилни млади луѓе протестираа во саботата, неделата па во понеделникот вечерта. Тие на улиците ја напаѓаа и полицијата, и тоа во Амстердам, Ротердам и Хаг. Мета на нападите беа и новинарските екипи.

Градоначалниците на одделни градови претпоставуваат дека во немирите се вмешани различни групи, вклучувајќи ги оние кои го негираат постоењето на коронавирусот, но и фудбалски хулигани.

„Толку насилство не сме виделе во последните 40 години“, изјави Коен Симерс, претставник на синдикатот на холандската полиција НПБ. До полноќ безбедносните сили главно ја имаа ситуацијата под контрола, кажа директорот на холандската полиција Вилем Велдерс.

Премиерот Марк Руте оцени на Твитер дека тие настани „немаат никаква врска со протестите или борбата за слобода“, туку дека станува збор за „криминално насилство“.

Британија: Славје додека не дојде полицијата

Со кучиња и хеликоптер лондонската полиција за време на викендот прекинала една нелегална забава со 300 гости. На лице место 78 лица морале да платат казна од 200 фунти за кршење на корона-мерките. Многумина го избегнале тоа со бегање преку жичаната ограда.

Тоа не беше првата забава од тој вид во Британија. Недела дена претходно полицијата прекина друга забава со 200 гости. Минатиот четврток беше прекината свадба за стотина гости во едно лондонско училиште.

Полициската акција ја предводел Рој Смит, кој ги критикува учесниците на славјето: „Нашите службеници повторно беа приморани да го ризикуваат своето здравје, бидејќи имаа работа со голема група неверојатно егоистични луѓе, кои беа збутани на мал простор“.

Германија: Расположението е сè поагресивно

И во Германија неодамна кај некои желбата за славење беше посилна од разумот. Во повеќе сојузни покраини полицијата прекина помали „корона-журки“ и поднесе пријави.

Во Вајсенхорн, во Баварија, патрола добила информација за прослава со тринаесет учесници од различни домаќинства. Кога полицајците им побарале документи, двајца гости се обиделе да избегаат од прозорец на вториот кат. Со отворени скршеници биле префрлени во болница. Поради агресивноста на одделни учесници, полицијата морала да вика засилување.

Германската влада во меѓувреме се подготвува и на можни напади на центрите за вакцинација, на транспортот на вакцините или нивните произведувачи. Конкретни докази за тоа нема, но поради „високата динамика и емоциите“ околу таа тема, постои „апсолутен ризик“, се наведува во документот на министерството за внатрешни работи. Во документот се наведува и дека „особено треба да се смета на протести на противниците на вакцините, корона-скептиците и теоретичарите на заговори“.

Полска: Желбите на претприемачите

Во Полска против продолжувањето на рестриктивните мерки се бунат угостителите и туристичките работници. Претставниците на повеќе од стотина хотели, ресторани, барови како и бројни претприемачи од забавната индустрија, се огласија минатата недела заедно на Твитер, објавувајќи дека повторно ќе почнат со работа.

Тие сметаат дека се во право и врз основа на пресудата на управниот суд во полскиот град Ополе, кој утврди дека делумниот карантин е воведен без механизам утврден во полскиот устав. Еден полски менаџер за Франс прес кажа: „Економските активности во Полска може да се ограничат само со закон – а таков закон нема“.

Особено гласни се претприемачите во зимските туристички центри како Закопане, бидејќи се плашат дека ќе останат без вкупниот сезонски приход. Најголемиот опозициски сојуз КО оценува дека помошта на претприемачите за време на пандемијата не е доволна, па и тие бараат да се ублажат мерките.

Чешка: Отпор со граѓанска иницијатива

Сопствениците на повеќе десетици ресторани и кафулиња во Чешка се побунија против владините пандемиски мерки кои треба да останат на сила најмалку до средината на февруари. Тие во неделата ги отворија вратите за гостите, иако е дозволено само да испорачуваат храна за носење. Полицијата отворила повеќе прекршочни постапки, предвидени се казни и до 800 евра.

Угостителите на таа акција реагираа со граѓанската инцијатива „Цркнат пес“. Тоа е игра на зборови, бидејќи владиниот систем за предупредување на короната скратено е „Пес“, што на чешки значи – пес. Во моментов на сила е петтиот, највисок степен на опасност.

„Вирусот е попаметен од владата и секако прави што сака“, критикуваат организаторите. „Мораме да се вратиме на нормалниот живот“. Иницијативата стана позната кога формираше километарски ред пивски кригли во прашкиот стар град. Во последните недели е забележан прилив на членови и иницијативата сега се смета за политичко движење.

Легенда под Главна слика

EPA-EFE

Богатите држави мораат веднаш да донираат вакцини против ковид-19 на загрозените држави. 

повеќе

Можеби ни треба регистар на погрешни перцепции на граѓаните за криминалот и корупцијата во државата.

повеќе

Младите бараат подобар живот надвор од државата, бидејќи доаѓаат до заклучок дека приватните компании и странските организации им пружаат поголема поддршка и повеќе ги вреднуваат отколку сопствената држава.

повеќе