Глобалниот пораст на исламофобијата - реалност или спин

Семејствата на жртвите од нападот врз џамијата во Крајстчерч вчера почнаа да ги погребуваат своите најблиски, кои се меѓу 50-те лица што загинаа во најголемиот терористички напад во историјата на Нов Зеланд, пренесоа светските медиуми. Новозеландската полиција соопшти дека сите 50 жртви се идентификувани.

Муслиманите обично ги закопуваат своите мртви во рок од 24 часа по смртта. Пред тоа телото се мие и се завиткува во бел чаршаф, проследено со молитва за нивните души.

Властите објаснија дека процесот на идентификација на жртвите траел толку долго бидејќи сакале 100 проценти да бидат сигурни, за на семејството на жртвата да не му вратат погрешно тело, и за сите докази да може да се искористат против осомничениот за убиството, Брентон Тарант, за кој се верува дека сам ги смислил и ги извршил нападите. Тројцата што беа уапсени по нападот, според полицијата, веројатно не се вклучени.

„Би било непростливо да му вратиме погрешно тело на семејството“, рече полицискиот комесар Мајк Буш, а премиерката наведе дека ја разбира „фрустрацијата“ на семејствата што чекаат да ги закопаат своите сакани, но и дека за властите ова е нова ситуација и дека се обидуваат најдобро да се снајдат во неа и да не пропуштат ништо.

Нападите се случија на 15 март, за време на традиционалната муслиманска петочната молитва, која почнува веднаш по пладнето. Она што потресе многумина, сепак, е фактот дека напаѓачот го емитуваше нападот во живо на интернет.

Многу светски лидери остро го осудија нападот, а турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган го опиша како „последниот пример на растечкиот расизам и исламофобија“.

„Со овој напад непријателството кон исламот, кое светот веќе некое време рамнодушно го набљудува, па дури и го охрабрува, ги надмина индивидуалните размери и достигна ниво на масовни убиства“, рече Ердоган.

 

Дали сме сведоци на сè поголема исламофобија?

Поранешниот шеф на антитерористичката единица на полицијата во Лондон, сер Марк Роули, оцени за Би-би-си радио 4 дека исламофобијата несомнено е реална и дека расте, како и дека се пропагира преку интернет. Но, тој, во исто време, смета дека исламофобијата не е расизам. Изедначувањето на тие две работи за него е малку „трапаво размислување“.

Исламофобијата е расизам, смета, сепак, Сара Мансур, адвокатка, поетеса и коосновач и директорка на поетското друштво Бенкстоун. Таа оценува дека не е случајност тоа што повеќето муслимани не се белци и имаат корени во поранешните колонии.

„Не би било претерано да се каже дека расистичките стереотипи одат толку далеку што дури и не мора да бидете муслиман за да се најдете на нишан на напади“, доволно е само да имате потемна кожа, проценува Мансур во својата колумна во Гардијан.

Таа смета дека исламофобијата не е присутна само на интернет, и не може да им се припише само на ултрадесничарските екстремисти.

„Тоа протекува низ целиот јавен простор, низ институциите и медиумите, за да предизвика опасна реакција, а речиси никој не се грижи. Ако се сомневате, земете го предвид изолираниот случај на Саида Варси, чии повици за истрага за документираната исламофобија во редовите на Конзервативната партија (на Британија) наидоа на игнорирање од владата“, додава Сара Мансур.

Саида Варси е британска политичарка со пакистанско потекло, правничка и член на Горниот дом на Парламентот, Домот на лордовите.

Од 2010 до 2012 година таа беше копретседавач на Конзервативната партија, а во владата на Дејвид Камерон, како прва муслиманка на таква висока позиција во Велика Британија, прво беше министер без ресор (2010-2012), а потоа и државен секретар во Министерството за надворешни работи, како и министер за религија, сè додека во 2014 година не поднесе оставка поради несогласување со владината политика во однос на израелско-палестинскиот конфликт во Газа.

Но да се вратиме на Сара Мансур, која во својата колумна ги повикува сите што се сомневаат во јакнењето на исламофобијата во светот, да се сетат, на пример, на референдумот за излегување на Велика Британија од ЕУ, кој беше изгласан и базиран на „лаги“, со цел, како што тогаш велеа политичарите, да се избегне масовна имиграција на бегалци од нестабилниот и погоден од војна Блиски Исток.

Слично на Мансур мислат и многу други муслимански коментатори, оценувајќи дека омразата кон муслиманите е станата мошне видлива и глобална.

„Исламофобијата е страв, предрасуди и омраза кон муслиманите, што води кон провокации, непријателство и нетолеранција“, оценува Имран Овен, професор по криминологија на Универзитетот во Бирмингем.

Тој смета дека за ставот дека сите муслимани се опасни и дека не се дел од општеството највиновни се политичарите, особено американскиот претседател Доналд Трамп и екстремнодесничарските групи во Европа.

 

Што му претходеше на ова расположение?

Можеме да кажеме дека сето наведено стои, и дека исламофобијата е реалност, особено во Европа, САД и Австралија. Но дали работите се толку еднострани и едноставни? Што му претходеше на ова расположение на јавноста во споменатите општества?

Може да се каже дека сето она што прилично влијаеше на денешната ситуација почна на 11 септември 2001 година, и нападите врз САД, за кои одговорноста ја презеде Ал каеда, предводена од Осама бин Ладен.

Овие напади врз САД клучно влијаеја на промена на американската надворешна, внатрешна и воена политика, па така, неполн месец по нападот почна бомбардирањето на Авганистан, каде што во тоа време се криеше Осама бин Ладен, лидерот на исламските екстремисти. Бин Ладен претходно им објави војна на САД, а во 1998 година фатва, повикувајќи ги сите муслимани да убиваат американски цивили.

Тој, како и другите екстремистички лидери, како мотив за омразата и борбата со САД го наведоа, меѓу другото, и тоа дека Америка ги поддржува авторитарните режими и монархиите на Блискиот Исток, со што го угнетува населението, одржува воени бази и инсталации во Арапскиот Полуостров, со цел да им се заканува на соседните муслимански земји и да ги подели, слабеејќи ги политички. Исто така, го поддржува и Израел за да го одврати вниманието на меѓународната јавност од окупацијата на Палестина. Како доказ за овие обвиненија беа изнесувани и војната во Заливот и американското бомбардирање на Ирак.

Наскоро дојде и војната во Ирак, а потоа „арапската пролет“ и војната во Сирија, па сето тоа влијаеше море од бегалци да поитаат првенствено во Европа. Европскиот континент, кој во исто време се бореше со светската економска криза и со нејзините последици, не се снајде баш најдобро во новите геополитички текови.

Од денешна перспектива се чини поразителна оцената на поранешниот комесар за човекови права на Советот на Европа (СЕ), Томас Хамарберг, кој за време на пролетната сесија на Парламентарното собрание на СЕ во 2010 година оцени дека исламофобијата и расизмот и понатаму се големи проблеми во Европа.

Тој тогаш истакна дека европските лидери не успеале да „укажат дека муслиманите се составен дел од мултикултурна Европа и дека со векови придонесувале во европскиот развој.“

Ксенофобичните тенденции, според него, влијаеле и на односот кон мигрантите, како и на прифаќањето бегалци и азиланти.

Но иако и тогаш Европа беше многу свесна за овој проблем, следуваше „арапската пролет“ во 2011 година, по што нов бран бегалци навалија кон нејзината територија.

Во меѓувреме, земјите што прифатија многу бегалци, како Франција, Белгија и Британија, беа цел на терористички напади со голем број жртви.

Како што може да се види, сведоци сме на „маѓепсан круг“.

За барем да почнеме да излегуваме од него, треба да сфатиме дека сите жртви - се жртви, без оглед на верската, етничката или расната припадност, и дека „една работа води кон друга“. Единствениот начин тоа да се прекине е помирување и разбирање на фактот дека убивањето цивили, кои имаат бавно и слабо влијание врз геополитичките текови, е бумеранг.

Извор: Н1

Напредокот и оптимизмот што ги обележаа децениите по 2. Светска војна се гледаа во создавањето на средната класа, составена од луѓе што, иако родени во куќи со земјени подови, завршија со факултетски дипломи и добри работни места во големите градови. Поседуваа автомобили и викендички, летуваа на море и патуваа во странство без визи.

повеќе

Најголемиот предизвик на секоја земја е развојот и одржувањето на здрава популација.

повеќе

Албанија и Северна Македонија уште ќе чекаат, една година откако блокот рече дека имаат шанси за разговори за членство, вели Политико.

повеќе