Германскиот печат: Ќе победи Вучиќ, „таткото на нацијата, лидерот и спасителот“

Печатот на германски јазик и денес е полн со текстови за изборите во Србија и анализите се прилично остри – кон „фантомската демократија“ на Александар Вучиќ, но и кон Европската Унија која таквата состојба ја критикува „тивко и ретко“.

EPA-EFE

„Во Србија, најголемата и најважна земја на Западниот Балкан, во недела се одржуваат парламентарни избори првично планирани за април, но одложени поради пандемијата“, пишува угледниот неделник Шпигл. „Убедлив победник ќе биде Српската напредна партија на државниот претседател Александар Вучиќ“.

Се наведува дека во Србија и претседателот и владата „си дозволуваат отворено да го кршат уставот“, „систематски да ги занемаруваат граѓанските права“, „по потреба да ги прилагодуваат изборните правила“ и дека „политичката корупција е секојдневние“.

„Како претседател, Вучиќ треба да има мали претежно церемонијални моќи, но всушност е владетелот на Србија. Јавниот и медиумскиот простор со години масовно го окупира, а од избивањето на коронакризата речиси целосно. Таа сеприсутност личи на Орвеловиот Голем брат“, додава Шпигл.

„Вучиќ притоа се претставува како татко на нацијата, лидер и спасител на Србија. Политичките и економските мерки ги најавува во прво лице“.

Во текстот се додава дека „патетично искажаниот патриотизам“ на Вучиќ често наидува на плодно тло. „Но дел од неговиот успех е во тоа што неговата СНС со стотици илјади членови функционира како голем клиентелистички апарат“.

Дописникот на Шпигл забележува дека се „тивки и ретки“ критичките тонови од Брисел кон Западниот Балкан – а особено кон Србија. „Причината е што Вучиќ е највлијателниот државник во регионот. Тој пред сѐ може да се погрижи за стабилноста. Или за ескалации, како што во претходните години по потреба правеше во односите со БиХ, на Косово, во Македонија или во Црна Гора“.

Слично пишува и виенски Винер цајтунг, наведувајќи дека Вучиќ за време на епидемијата се покажал како „сеприсутен кризен менаџер: заштитни маски, респиратори, 100 евра за секој полнолетен – за сѐ изгледа се грижи лично Вучиќ, ако може да им се верува на најважните српски медиуми кои известуваат позитивно за претседателот“.

Другиот голем виенски весник, Стандард, анализира колку Србија во последните четири години напредувала кон ЕУ и заклучува дека во повеќето области – назадувала.

„Може да се помисли дека граѓаните, кои мнозински го поддржуваат влегувањето во ЕУ, на изборите ќе го казнат недостигот од ангажман на својата власт. Но тоа не е така. И тоа дури не може да им се префрли ни на српската влада ни на српскиот претседател. Бидејќи претставниците на ЕУ едноставно не зборуваат јасно кога станува збор за Србија“, пишува весникот и додава:

„Причините се противречни: од една страна, многу држави на ЕУ, пред сѐ Франција, воопшто не сакаат проширување на ЕУ и среќни се ако пристапниот процес пропаѓа. Од друга страна, веруваат дека мора да ѝ излезат во пресрет на Србија за балканската држава да ја признае незавосноста на соседно Косово“.

Еден неименуван дипломат за Стандард односите на Србија и ЕУ ги опиша како „лош брак во кој никој не се осмелува да се разведе“. Новинарката на весникот констатира дека би било почесно официјално да се прекинат пристапните преговори бидејќи инаку „им се носи вода на воденицата на оние кои не сакаат демократија“.

„А всушност на српската влада и претседателот им оди од рака да ја претстават состојбата како навистина да постои пристапен процес, но дека ЕУ едноставно не сака да ја интегрира Србија“, заклучува Стандард.

Легенда под Главна слика

EPA-EFE

Веќе четврта деценија штом општеството се фокусира на македонско-бугарските или македонско-албанските односи, на улиците излегуваат навивачките групи со навредливиот репертоар. Спонтано? Ајде, Ве молам.

повеќе

Нивото на Советот на Центар никако да порасне и да ги покаже демократските капацитети и зрелоста очекувани од граѓаните.

повеќе

Historia magistra vitae est (Историјата е учителка на животот). Оваа латинска изрека ќе ги објаснува односите меѓу народите и нациите додека постои светот.

повеќе