Германците се плашат од бегалците, тероризам и Трамп

Што најмногу ги мачи Германците? Германците во последните години најмногу ги мачи стравот од економски колапс, тероризам, но и од Доналд Трамп. Тоа го покажа истражување на една од најголемите осигурителни компании во Германија, „Р+В осигурување“. Таа од 1992 спроведува истражувања за стравовите на државјаните на Германија – впрочен, осигурителните комапнии и живеат од ризиците и стравовите, пишува Дојче веле.

Бригите Ремштет од „Р+В осигурување“ вели дека оваа година ги изненадил падот на вкупниот инедкс на скалата. „Веројатно поради тоа што постојат итни проблеми кои би требало да се решат, како климатските промени. Но знаеме и дека во годините кога стравот беше многу голем, на крајот сепак доаѓа до олабавување. Тоа се случи и годинава“, вели Ремштет.„Освен тоа, добрата економска ситуација во последните години имаше позитивен ефект. Стравот од невработеност, на пример, е низок, како и секогаш“.

Константното известување за бегалците ги зајакнува стравовите

Оваа година владее особено голем страв дека државата ќе биде преплавена од огромен број бегалци. Од тоа се плашат 56 отсто од Германците – и тоа е нивниот страв број еден на скалата на загриженост. Веднаш потоа е стравот дека ќе дојде до тензии како резултат на понатамошниот прилив на странци.

„Многу малку луѓе всушност имаат лични непријатни искуства со бегалците кои би можеле да бидат причина за нивниот страв“, укажува Улрих Вагнер, професор по социјална психологија од Универзитетот во Марбург. Покрај тоа, бројот на нови бегалци од 2016 година постојано паѓа. „Дебатите меѓу политичарите и во медиумите на таа тема ги придвижуваат таквите стравови“.

Длабоко вкоренетиот страв на истокот

Тоа колку луѓето за нешто се грижат зависи од тоа колку интензивно се расправа за некоја тема. „Според најновите податоци, на пример, стравот од тероризмот значително опадна во однос на минатата година“, вели Вагнер. Тој истакна дека „ние едноставно не разговараме толку за некои заканувачки настани и тоа луѓето ги прави побезбедни“.

Уште еден резултат од истражувањето покажува дека жените се малку повеќе загрижени од мажите. „Тоа сѐ уште не е сменето уште од 1992“, вели Бригите Ремштет. Меѓутоа, воочлива е уште една разлика: „На истокот на земјата стравовите се и до десет отсто поголеми отколку на западот“. Тоа може да објасни зошто десно-популистичката партија Алтернатива за Германија (АфД) добива толку гласови на истокот на земјата. Последниот пример за тоа се изборите во германските покраини Бранденбург и Саксонија.

Ремштет таа разлика ја објаснува со тоа што многу луѓе на истокот се чувствуваат напуштено бидејќи заработуваат помалку пари од луѓето на западот. За социјалниот психолог Вагнер важна улога игра и недостигот од искуство во односот со странците.

„Парадоксот е дека помалку луѓе од емигрантско потекло и бегалци живеат во источна отколку во западна Германија, а стравовите таму се поголеми. Луѓето во источна Германија едноставно имаат помалку можности за стекнување искуство со бегалците“, вели Вагнер.

Голем страв имаат Германците од срцев удар или рак, како и тоа дека ќе бидат повредени во сообраќајна несреќа. Таа судбина секоја година им се случува на околу 400.000 луѓе во Германија. Сепак, тоа не спречува милиони луѓе секој ден да се возат со автомобили со брзина поголема од 100 километри на час.

И иако сообраќајните несреќи се секојдневни, тие многу малку влијаат врз стравовите на луѓето од невообичаените настани.

„Резултатите на истражувањето покажуваат и дека во Германија постепено опаѓаат оние прекумерните стравови“, вели Вагнер. Нормално, не е пожелно човек да живее без страв. „Стравовите имаат своја функција. Ако знаеме дека одредени нешта се опасни, тогаш има логика да се избегнуваат“. Непромислено е значи да се откажат луѓето од сите стравови. Како тој, на пример, на Германците од американскиот претседател Доналд Трамп...

Деликатна јазична авантура е ако се излезе од основното и утврдено значење на зборовите и се прејде во сферата на жаргонот и колоквијалноста.

повеќе

Плаќањето на вработените на час наместо месечно помага да се зголеми нивната плата со тоа што ќе се вреднува работното време поефикасно.

повеќе