Интервју за Шпигл

Гејтс: Неверојатно е колку малку напредуваме во борбата против коронавирусот!

Бил Гејтс инвестираше огромни суми пари во развојот на вакцина против коронавирусот, но и понатаму е омилена цел на теоретичарите на заговори. Во интервју за германскиот магазин Шпигл 64-годишниот американски претприемач, основач на „Мајкрософт“, втор најбогат човек во светот и филантроп зборува за напредокот во потрагата по вакцини и за тоа во што погрешиле САД за време на пандемијата на коронавирусот.

Фото: ЕПА

Шпигл: Коронавирусот однесе речиси милион животи. Дали Ве изненади оваа пандемија?

Гејтс: Некои нејзини аспекти се мошне изненадувачки. Идејата дека светот бил во опасност од пренослива респираторна епидемија е нешто за што многу светски здравствени експерти зборуваат со децении. Но главно зборуваа меѓусебе. Никој не очекуваше дека тоа ќе биде коронавирус. Ретроспективно можеме да кажеме дека имаме МЕРС и САРС и дека семејството на коронавируси очигледно може да преминува од еден на друг вид. Сепак, ни требаше многу време да ги откриеме симптомите на оваа болест.

Шпигл: Како е можно овој патоген така да нè затекне?

Гејтс: На крајот на епидемијата на западноафриканската ебола во 2015 година, реков дека не сме подготвени за следната пандемија. Она што беше направено помеѓу 2015 година и оваа пандемија на крајот на 2019 година беше многу, многу скромно.

Шпигл: Зарем Фондацијата Гејтс не можеше да стори нешто повеќе?

Гејтс: Владите и нациите се одговорни за подготовка на светот за војни, природни катастрофи, климатски промени или епидемии. Не ние. Да, фондациите можат да придонесат во финансирањето на научниците, но тие не се темел за решавање на сите здравствени проблеми. Нашиот фокус е на болестите што несразмерно ги погодуваат земјите во развој, болестите на кои богатиот свет не обрнува внимание, како што се ХИВ, туберкулоза и маларија. Излезе дека знаеме повеќе за вакцинацијата затоа што ги ангажираме најдобрите луѓе од компаниите за вакцинирање, но нашата работа не се пандемиите. Владите се занимаваат со нив.

Шпигл: Кои грешки во борбата против пандемијата Ве вознемируваат најмногу?

Гејтс: Тоа што не сфативме дека маските можат да бидат толку голема работа. Прво рековме маските да не се користат затоа што ни се потребни за здравствените работници. Потоа рековме дека маските можат да им помогнат на болните. Ни требаше време да сфатиме дека дури и кај луѓе што не се заразени, носењето маски ги намалува шансите за инфекција.

Шпигл: Дали верувате дека има напредок во развојот на терапијата против ковид-19?

Гејтс: Реалниот напор за тестирање на разни интервенции е исклучително слаб. Сè уште не ја разбираме плазмата. Неверојатно е тоа што не напредувавме повеќе! Податоците за придобивките се доста слаби и кога станува збор за лекот ремдесивир. Организацијата и примената на дијагностиката е слабо спроведена, особено во САД, каде што би очекувале да биде добра.

Шпигл: Колкава одговорност за неуспешната реакција на кризата со короната носи американскиот претседател Доналд Трамп?

Гејтс: Американската реакција беше многу, многу лоша, дури и кога станува збор за тестирањето. Не требаше да им плаќаме надомест на компаниите на кои им беа потребни повеќе од 24 часа за резултатите од тестовите. Мора да ги направиме тестовите достапни за урбаните заедници со најголем обем на работа, наспроти побогатите пациенти за кои системот за тестирање е подостапен. Американскиот одговор е многу полош отколку што требаше да биде. И во тоа постои јасна одговорност на политичкото раководство.

Шпигл: Трамп ги повлече Соединетите Држави од Светската здравствена организација. Дали иницијативите како вашата фондација можат да ја пополнат таа празнина?

Гејтс: Не, никогаш. Нашата фондација никогаш не ги пополнува празнините создадени од американската влада. Тоа не е нашата улога. Последно што треба да се направи е да им се помогне на владите кога тие не се однесуваат одговорно.

Шпигл: Дали сметате дека е можно американската влада да ја преиспита својата одлука за повлекување од Светската здравствена организација? Дали тоа зависи од исходот на претседателските избори во ноември?

Гејтс: Јасно е дека САД ќе останат во Светската здравствена организација и ќе продолжат да плаќаат членарина ако изборите на 3 ноември тргнат во една насока. Ако тргнат во друга насока, сè уште се надевам дека ќе можеме да ја убедиме владата дека тоа е мудра одлука, дека се добро вложени пари дури и според стандардите на „Америка на прво место“, целосно себични стандарди.

Шпигл: Резултатите од изборите може да зависат од тоа дали вакцината за коронавирусот ќе добие итно одобрување од Управата за храна и лекови на САД (ФДА) пред 3 ноември. Постои голема загриженост во врска со ефикасноста и безбедноста доколку одобрението пристигне пред да заврши тестирањето. Дали вреди да се ризикува?

Гејтс: Никој нема да одобри вакцина што не ја поминала клиничката студија во фаза 3. Идејата дека тоа е можно, дури и ако доаѓа од директорот на ФДА, секако е неодговорна. Сега дури и компаниите јасно ставија до знаење дека нема ни да бараат итно одобрување без целосни податоци од Фаза 3.

Шпигл: Кога мислите дека вакцината ќе биде достапна?

Гејтс: Постои мала, ситна шанса Фајзер и Модерна да имаат доволно податоци до крајот на октомври. Од шесте проекти, на Астра зенека, Џонсон&Џонсон, Новавакс и Санофи и две РНК-вакцини, секако очекувам дека во почетокот на 2021 година три или четири ќе добијат одобрение за употреба во итни случаи. Кога ќе влегуваме во 2021 година, верувам дека 90 проценти ќе имаме некои вакцини. Се сомневам дека ова ќе има некакво влијание врз изборите. И тоа не треба да има никакво влијание, бидејќи политичарите не произведуваат вакцини.

Шпигл: Проектот на Астра зенека неодамна беше стопиран затоа што на еден од учесниците во студијата му беше дијагностициран трансверзален миелитис, опасно воспаление на 'рбетниот мозок што може да е резултат на несакан имунолошки одговор и може да доведе до парализа. Студијата, во меѓувреме, продолжи во Велика Британија. Но што ако овој проблем е предизвикан од вакцината?

Гејтс: Вистина е дека вакцината може да предизвика некоја автоимуна состојба што ќе се открие во одреден момент. Ние ја следиме врската и регулаторните тела цело време се занимаваат со тоа. Значи, тоа не е многу изненадувачки. Што и да се случи, тоа го нагласува фактот дека е многу важно да се имаат многу различни пристапи.

Шпигл: Дали ќе се вакцинирате против ковид-19?

Гејтс: Јас секако нема да го привилегирам мојот пристап до вакцината ако нема доволно од неа. Ако се квалификувам според нормалните критериуми, дефинитивно ќе се вакцинирам. Ќе ги разгледам податоците за итно одобрување и мислам дека тоа е паметен потег. Но нема да се туркам преку ред во ниедна смисла. Постојат многу луѓе што се поважни од мене во однос на достапноста на вакцините, здравствените работници, луѓето што работат во домови за стари лица и затвори или луѓето што живеат во повеќегенерациски домаќинства.

Шпигл: Можеби ќе дојдете на ред побрзо отколку што се надевате. Третина од Американците одбиваат вакцинација против ковид-19.

Гејтс: Се надевам дека со покривање на 60 или 70 проценти од населението ќе создадеме многу силен имунитет на стадо. Се надевам дека националните влади се во можност да убедат доволен број граѓани да ја примат вакцината дури и без употреба на присилни мерки, бидејќи тоа доведува до голем отпор кон вакцинацијата.

Шпигл: Вие лично сте мета на разни теории на заговор. На пример, се шпекулира дека имате намера да ја искористите вакцината против коронавирусот за да им имплантирате микрочипови на луѓето. Како се справувате со ваквите наративи?

Гејтс: Јас не микрочипирам луѓе. Јас не го создадов коронавирусот. Нашата фондација се грижи за спасување животи. Вакцинирајќи во земјите во развој во изминатите 20 години, направивме некои од најневеројатните работи што ги постигнало човештвото. За време на пандемијата имаше пречки, но се надевам дека за неколку години ќе се вратиме таму каде што бевме и ќе продолжиме по тој пат.

Шпигл: Гледајќи наназад, дали го преиспитувате фокусот на вашата фондација во изминатите неколку години? Дали можевте подобро да се подготвите?

Гејтс: Освен американската влада, нашата фондација е најголемиот инвеститор во вакцините. Инвестиравме десетици милијарди долари во вакцини. Помогнавме со КјурВак. Помогнавме со Модерна. Помогнавме со Инови. Имаме врска со БионТек. За жал, овие вакцини не се подготвени. Да се случеше пандемијата за десет години, нашата способност да произведуваме РНК-вакцини по многу ниски цени и од големи размери ќе беше јасно решение.

Шпигл: Покрај истражувањето за вакцини, Фондацијата Гејтс, исто така, дава поддршка и за медиумски компании во САД и Европа, меѓу кои е и Шпигл, со околу 2,3 милиони евра за три години. Иако со овие проекти се сака да се сврти вниманието кон глобалното здравје, тие исто така предизвикуваат и прашања во врска со скриени намери да се влијае на медиумите?

Гејтс: Ако е скриена намера да им се овозможи на реномирани медиумски организации да испратат повеќе репортери во Африка и да видат што се случува со децата што умираат и што треба да сториме за маларијата, ХИВ и занемарените тропски болести, тогаш да, очигледно постои таква намера. Тековните деловни модели на некои реномирани медиумски организации го отежнуваат вршењето скапи активности на репортерот за тоа што се случува во земјите во развој, па затоа е природно што ваквите прашања не го привлекуваат вниманието на луѓето. Избравме организации со добра репутација и интегритет. Она што тие всушност ќе го напишат во статиите целосно зависи од нив. Значи, ако сметате дека Фондацијата Гејтс не работи добро со маларијата, напишете го тоа. Можеби грешиме. Можеби маларијата не е важна. Можете да го напишете тоа.

Шпигл: Што мислите што ќе се случи оваа есен и зима? Колку смртни случаи како резултат на ковид-19, директни или индиректни, сè уште ќе треба да претрпи светот пред да заврши пандемијата?

Гејтс: Одговорот е веројатно, и за жал, во милиони. Ковид-19 продолжува да се шири, не само во богатите земји како САД, туку и во сиромашните. Огромно мнозинство смртни случаи, сепак, нема да се најдат во официјалните евиденции, бидејќи во оваа пандемија постојат распространети и ужасни несакани ефекти. Најлошите меѓу нив ги погодуваат сиромашните земји.

Шпигл: Како тоа?

Гејтс: Бидејќи ковид-19 го забави движењето на глобалната економија, 37 милиони луѓе повторно западнаа во екстремна сиромаштија. Тоа е пораст од седум проценти по 20 години постојан пад. А кога луѓето се посиромашни, тие се и погладни. Економските ефекти и нарушувањата во синџирот на снабдување поврзани со ковид-19 може да го удвојат бројот на гладните луѓе во 2020 година, на 265 милиони. Ако смртноста кај новороденчињата повторно почне да се зголемува, тоа веројатно ќе се должи главно на неухранетост. Се разбира, секоја процена на влијанието врз животот или економијата е сепак само процена. Дали светот ќе се придвижи кон најлошото или кон најдоброто сценарио зависи од тоа што ќе преземат нашите лидери понатаму.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

И Софија ќе треба да не го запре македонското евро-интегрирање на самиот почеток – и Скопје ќе треба да ја декомунистицира и дејугословенизира својата елита, економија, политика, наратива и медиуми.

повеќе

На светов има доволно место и за доктори и за антиваксери, и за научници и инженери, како и за рамноземјани и антимаскери, за уметници и фантазери.

повеќе

Во Законот кој е предложен воопшто не се цели на попишување на реалната состојба на терен, туку се цели на попишување на сите возможни граѓани заради задоволување на политички цели.

повеќе