Гардијан: Русија, Кина и ЕУ ѝ се додворуваат на Србија со „коронавирус дипломатија“

Во Србија, земјата кандидат за влегување во Европската Унија што во последните години им се додворуваше на Москва и Пекинг, многу е видлив пресекот на конкурентните „коронавирус-дипломатии“.

Како што се забрзува пандемијата на коронавирусот, водечките играчи гледаат како да ги употребат „меката моќ“ и „помошта“ за да ги исполнат своите геополитички цели, пишува британски Гардијан во написот со наслов „Како со коронавирус-дипломатија Русија, Кина и ЕУ се натпреваруваат за наклоноста на Србија“.

ЕУ со тоа се обидува да докаже дека приказните за европските вредности и солидарноста не се само празни приказни, за Кина тоа е промена на наративот да ја претстави земјата како решение за коронавирусот, а не негова причина, наведува весникот. Русија користи поскромни ресурси со максимален ефект, со руските воени возила што се движат низ Италија или со авионот полн со опрема испратен во САД што делумно ја произвела компанија под американски санкции.

Американците, фокусирани на себе под администрацијата на Доналд Трамп, во голема мера се отсутни од играта на коронавирус-дипломатијата, наведува Гардијан.

Како што пишува весникот, прво Кинезите пристигнаа во Белград со авиони полни со опрема и шест медицински експерти да помогнат да се координира националната политика за сузбивање на ширењето на коронавирусот, претседателот на Србија полн со емоции го бакна кинеското знаме од благодарност и ја критикуваше Европа поради недостигот од помош.

Потоа дојдоа Русите, кои со авион доставија помалку важни, но сепак добредојдени ресурси со големо медиумско внимание. Конечно дојдоа и Европејците укажувајќи дека биле тука цело време и дека дале значително повеќе средства од Русија и Кина заедно.

Во Србија, сѐ почна на 15 март кога претседателот Александар Вучиќ прогласи вонредна состојба. Истиот ден претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Леен во соопштение најави забрана за извоз на медицинска опрема од ЕУ блокот, што го разгневи Вучиќ и ги предизвика неговите емотивни критики упатени до Унијата.

Вучиќ кажа дека европската солидарност не постои, дека тоа е бајка и дека им испратил писмо на единствените кои можат да помогнат, а тоа се Кинезите. Тој од Кина побара материјал, опрема и совети за борбата против пандемијата а набрзо потоа авионот слета во Белград.

Еден европски дипломат во Белград кажа дека тоа не е баш нешто што би сакале да го слушнат од влада која тврди дека прави сѐ што може за да влезе во ЕУ. Меѓутоа, како што укажува Гардијан, имаше критики и во Шпанија и во Италија околу недостигот од координиран европски одговор на коронавирусот, а за оние што се надвор од блокот, како Србија, тоа одбивање се почувствува уште посилно.

Кина со задоволство го пополни тој простор. Српските власти велат дека кинеските експерти што останале во земјата сега ја водат владината политика на одговорот на коронавирусот. За разлика од повеќето во Европа, Србија го следи кинескиот модел и ги изолира дури и благите случаи на зараза во големи привремени болници, а не им доверува на луѓето да се самоизолираат.

Кинезите препорачаа и карантин од типот на тој во Вухан, кажа еден српски функционер, но тоа беше отфрлено бидејќи српската јавност не би го прифатила, но затоа е воведен строг полициски час и целосен карантин за постарите.

Ветеното масовно тестирање сѐ уште не е разработено и има извештаи дека процедурата на тестирање е хаотична, пишува Гардијан, но, како што наведува, српските власти се надеваат дека раната примена на строгите кинески мерки ќе значи дека земјата ќе избегне епидемија од големи размери како онаа во западноевропските земји.

Русија исто така испрати помош главно во облик на раствор за дезинфекција за болниците и влезовите на станбените згради. Во Москва опозицијата се жали дека Кремљ испраќа опрема во странство за пропагандни поени додека лекарите дома ги немаат основните нешта. Во Србија помошта е добредојдена, иако се има чувство дека помпата околу испораките е преувеличена во однос на нејзината вистинска корист.

Од испадот на Вучиќ, ЕУ исто така работи на тоа да покаже како ѝ помага на Србија. Делегацијата на ЕУ кажа дека се дадени над 200 милиони евра во подароци и над 250 милиони евра во заеми за да им се помогне на медицинските објекти во последните две децении. Лабораторија која ја финансирала ЕУ е пренасочена за потребите за тестирање на коронавирусот. Дополнителни 93 милиони евра ЕУ вети во краткорочниот и среднорочниот период во борбата против коронавирусот и неговите последици.

За преродба требаат само три чекора: промена на изборниот модел, укинување на мега и квази државниот апарат заедно со сите паразити во него и економски план за ревитализација на земјата.

повеќе

Нашиот капацитет за справување со општи кризи е ограничен. Дали здравството е немоќно, или ние не можеме да се прилагодиме на промени?

повеќе

 За базата во Ново Село, Бугарија не добива ни долар за закупнина, а отворени се и бројни прашања за животната средина.

повеќе