ФТ: Лагите ја ослабуваат Русија во обидот за одмерување на силите со Западот

За разлика од Русија, каде што Путиновиот систем сега повеќе од кога било почива на лаги и репресија, во САД, и покрај сите грешки и злочини, отворената дебата и критиките и натаму се можни.

Фото: ЕПА

Владимир Путин има име за Западот. Тој го нарекува „империја на лагата“. Најавата на рускиот лидер за почетокот на неговата „специјална воена операција“ во Украина беше проткаена со гневни потсетувања на западното лицемерие на Косово, во Ирак, Либија и пошироко, вели Гидеон Рахман за Фајненшл тајмс.

Гневот на Путин е искрен. Како што забележува политичкиот аналитичар Иван Крастев: „Лицемерието на Западот му стана опсесија“.

Меѓутоа, лицемерието и лагата не се исто. Разликата може да изгледа семантичка, дури и површна - но сепак е важна. Руската влада е специјализирана за директни лаги, постојано инсистирајќи дека не ја нападнала Украина, дека не го отрула опозицискиот лидер Алексеј Навални, дека нема никаква врска со соборувањето на авионот МХ17 и дека нејзината армија не извршила воени злосторства.

Од друга страна, САД и нивните сојузници се специјализирани за лицемерие. Карактеристичниот порок на Западот е да прокламира некој идеал или политика, а потоа да го применува недоследно. Така, западните земји се декларираат како бранители на човековите права, но се натпреваруваат да ѝ продаваат оружје на Саудиска Арабија.

Тие се залагаат за државниот суверенитет, но САД, Велика Британија и Франција ја поддржаа хуманитарната интервенција во Либија, која директно, а можеби и намерно доведе до промена на режимот и насилна смрт на либискиот лидер Моамер Гадафи.

Западните земји тврдат дека се решително против ширењето на нуклеарното оружје, но прават исклучоци во случаите на Израел и Индија, иако не и со Иран.

Западот е „империја на лицемерието“. Русија всушност е таа што е вистинската „империја на лагата“. А кога станува збор за одмерување на силите, лицемерието е поефикасно од директните лаги.

Во една империја на лицемерието сè уште се можни отворени дебати и критики. Се прават грешки и злосторства. Сепак, на овие злосторства може да се укаже - или преку официјални истраги или преку слободните медиуми. Њујорк тајмс неодамна ја доби Пулицеровата награда за длабинска истрага за американското војување со беспилотни летала и ужасната цена на цивилните жртви. Пентагон му се заблагодари на весникот и вети промена. Пак лицемерие? Можеби - но не би имало можност за реформи без истрага и обелоденување.

Никој во Русија нема да добие награда за истрага на воените злосторства извршени во Буча или уништувањето на Мариупол. Секој новинар доволно храбар да проба такво нешто би завршил во затвор или мртов. Наместо тоа, руската влада исфрла лаги - како што е тврдењето дека труповите со врзани раце на улиците на Буча биле поставени од Украинците.

Општеството што може да се соочи со болните вистини не е само морално попожелно. Тоа е и поефикасно. Империјата на лагите почива на состојба на постојана когнитивна дисонанца. Постојат некои области од општествениот живот во репресивниот систем каде што е неопходно да се каже вистината: Кога ми тргнува возот? Дали имам канцер? Има други области каде што е клучно да се скрие вистината: Дали овие избори се лажирани? Колку Руси загинаа во Украина?

Проблемите се јавуваат кога политиката бара лаги, но функционалното општество бара вистина. Општествено корозивните ефекти на лажењето се содржани во добропознатата советска изрека: „Ние се преправаме дека работиме, а тие се преправаат дека ни плаќаат“.

Опасноста од базирањето на политиката на лаги е нашироко демонстрирана во Украина. Сѐ до последен момент Кремљ негираше дека планирал инвазија. Се чини дека дури и високи руски функционери ја дознале вистината неколку часа пред да тргнат тенковите.  Дури и сега, општата војна мора да се нарекува „специјална воена операција“.

Меѓутоа, Путин и Русија сега плаќаат висока цена за лагите што Кремљ му ги кажа на светот и на самиот себеси. Се чини дека на чело на украинската влада нема издрогирани неонацисти. Народот во источна Украина не чекаше очајно руската армија да ги „ослободи“. Путиновите соништа за брза победа беа уништени кога се сретнаа со реалноста.

Сепак, Западот не може да е задоволен од својата способност да ѝ се спротивстави на политиката на големи лаги. Инвазијата на Ирак беше оправдувана со лажното тврдење дека режимот на Садам Хусеин развива оружје за масовно уништување. Се чини дека САД се убедија самите себеси дека тоа е вистина. Познато е дека директорот на ЦИА му рекол на тогашниот претседател Џорџ Буш дека доказите за оружјето за масовно уништување се „готова работа“. Политичкиот притисок да се оправда инвазијата помогна да се создаде лажен наратив - со катастрофални последици.

Уште посериозно, Доналд Трамп ја воведе политиката на „големи лаги“ во самото срце на американската внатрешна политика. Трамп продолжува да инсистира дека претседателските избори 2020 се лажирани. Голем дел од Републиканската партија ја поддржува таа лага. Трамп е исто така подготвен повторно да се кандидира за претседател во 2024 година и има добри шанси да победи.

Најјасната разлика меѓу руската империја на лагата и американската империја на лицемерието често не е толку во нивното однесување надвор од нивните граници, туку во домашните системи што тие ги бранат. Путиновиот систем повеќе од кога било почива на лаги и репресија. САД сѐ уште се слободна земја.

Слободата на говор е толку вкоренета во Америка што дури и еден реизбран Трамп не би можел да инсистира - како што тоа го прави Путин - секој граѓанин на неговата земја да мора да ја прифати неговата лага или да се соочи со затвор. Меѓутоа, ако од Белата куќа повторно се излее политиката на големи лаги, тоа ќе ја деградира Америка и ќе го загрози светот.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Во новите предлози се направени само формални, но не и суштествени промени, во однос на претходниот предлог (кој Владата го нема објавено).

повеќе

Енергетската криза во светот, но и во Република Македонија (РМ), не стивнува иако сме на почеток на летото кога вообичаено има помала потрошувачка на енергија кај нас. 

повеќе

Самостојните уметници не се доволно мотивирани да создаваат. 

повеќе