По изборите во неделата

ФТ: Бугарија без Борисов - причина за славје

ЕУ предолго ја толерираше корупцијата во својата најсиромашна членка, вели Фајненшл тајмс.

Фото: ЕПА

Бугарија тргнува кон неизвесна политичка иднина по неделните избори, втори во три месеци, без ниедна партија што би можела да формира стабилна влада. Но една работа е јасна: конзервативецот Бојко Борисов, кој ја водеше Бугарија поголем дел од последниве 12 години, нема да се врати на власт. Ниедна од другите партии не сака да соработува со неговата централно-десничарска партија Герб. И само поради тоа Бугарите и Европејците имаат причина да се радуваат.

Владеењето на Борисов е поврзано со период на уцени, поради што Бугарија стана дамка врз угледот на ЕУ, која го поддржува владеењето на правото, ставајќи се на исто рамниште со автократските Унгарија и Полска. Распространетата корупција и злоупотребата на фондовите од ЕУ ја сопнуваа најсиромашната земја на блокот и го забавија нејзиниот економски развој, за што сведочи и растечкиот јаз со соседна Романија.

Корупцијата, исто така, сврте многу Бугари против демократскиот процес. Иако на површината се чинеше дека доаѓа до промена на власта меѓу главните партии, тие премногу често го делеа пленот меѓусебе. Честите примери на политичари во меѓусебен договор создадоа конспиративен начин на размислување, што делумно објаснува зошто Бугарија има најлоши показатели во ЕУ за вакцинацијата против коронавирусот.

ФТ проценува дека е срамота за ЕУ тоа што во текот на поголем дел од мандатот на Борисов, Брисел мижеше кон злоупотребата на парите на даночните обврзници на ЕУ, кон злоупотребата на судските и обвинителските овластувања и клиентелистичките практики што ги зацврстија на власт поранешните исфрлувачи од ноќните клубови.

Кога администрацијата на американскиот претседател Џозеф Бајден минатиот месец воведе санкции против двајца бугарски олигарси и висок безбедносен службеник, тоа послужи како уште едно обвинение за неактивноста на Европа, вели ФТ и додава дека Борисов успеал толку долго да се извлекува бидејќи избегнувал да им прави проблеми на своите партнери во ЕУ.

За разлика од полскиот и унгарскиот колега, тој не се впушташе во судир со Брисел, ниту ги демонизираше малцинствата за да ја разгори својата конзервативна база. Одржуваше добри односи со Русија и Турција без да им служи на нивните интереси. Ѝ беше скрупулозно лојален на десноцентристичката Европска народна партија и нејзината ѕвезда водилка, германската канцеларка Ангела Меркел. Со лојалноста дојде и политичката заштита, вели ФТ.

На потег е Трифонов

Сега, додава весникот, останува на Слави Трифонов, фолк-пејач и популарен ТВ-водител, да се обиде да формира влада. Неговата антиелитистичка партија „Има таков народ“ (ИТН) е на првото место по изборите во неделата, со околу 24 проценти од гласовите.

Исклучително е тоа што оваа неконвенционална партија не водеше кампања, нема политичка програма и скоро нема препознатливи имиња, вели ФТ и додава дека Трифонов подолго време ја користи својата ТВ-емисија за собири против корумпираните елити. Гласачите му дадоа личен мандат, но малкумина имаат идеја што ќе прави тој со него, а некои се прашуваат дали новото тврдо момче многу ќе се разликува од старото тврдо момче.

ФТ потсетува дека ден по изборите, без консултации со другите две реформистички партии, Трифонов рекол дека ИТН ќе се обиде да владее сама и додава дека тоа не е добро за транспарентноста и изградбата на консензус што ѝ се потребни на Бугарија, особено ако сака да тргне во реформа на јавното обвинителство и судовите, која е клучна во борбата против корупцијата.

Привремената администрација, формирана по неизвесното гласање во април, веќе почна да ги открива неправилностите, да отпушта корумпирани службеници и да воспоставува потранспарентни процеси за набавки, вели ФТ.

Фрагментираната и поларизирана политика значи нестабилност и веројатно нови избори наскоро, но почиста влада, можеби, сѐ уште е можна, заклучува текстот.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Kога веќе треба да се држи комбинирана настава, колку и да е комплицирана таа „равенка“, во неа не смее да се забораваат децата кои учат онлајн.

повеќе

Под менторство на овој истраен истражувач, научник и педагог, се развивале и се формирале многумина трудбеници и афирматори на македонското културно наследство.

повеќе

Ковидот нема да нѐ победи. Да зборуваме за раст и развој, за подобар и забрзан раст, за паметен и зелен развој.

повеќе