Франс прес: Србија е легло на дезинформации за вакцинирањето

Преполните барови, ретки со маски и речиси никаквите рестрикции во Србија оставаат впечаток дека пандемијата завршила. Но, тоа е сурова илузија бидејќи земјата во моментов е во светскиот врв според бројот на заразените.

EPA-EFE

И покрај тоа што се достапни повеќе видови вакцини, програмата за вакцинирање во Србија сопре откако беа вакцинирани нешто повеќе од 40 отсто од седум милиони жители.

Србија во просек има над 6.500 заразени на ден во последните две недели, според податоците на Франс прес, што е стапка на зараза од речиси 93,5 на 100.000 жители, далеку најмногу во светот.

Иако носењето на заштитни маски во затворени простори и социјалното дистанцирање се задолжителни, тоа слабо или никако не се контролира. Почитувањето на правилата е работа на индивидуален избор.

„Не ме загрижува вирусот, го имав минатата година, не беше страшно“, вели 20-годишниот студент по економија Марко во преполн белградски бар.

Лекарите бараат од владата да воведе построги мерки како ограничување на работното време на несуштинските претпријатија и воведување ковид-пропусници, што би ги ограничило социјалните активности на оние кои сè уште не се вакцинирале.

Размислувајќи за тоа со недели, премиерката Ана Брнабиќ конечно се откажа од тоа, сметајќи дека не е возможно да се наметне дисциплина.

„Пропусниците не може да се контролираат, а ни носењето маски во затворени простори“, кажа таа на прес-конференција. „Имаме лек за ова... а тоа е вакцинирањето“.

Главниот српски епидемиолог Предраг Кон, член на владината работна група за пандемијата, не може да верува дека владата не сака да воведе построги мерки.

„Не можам да го сфатам тоа што го слушам“, кажа тој по кризен состанок на работната група, обвинувајќи ги носителите на одлуките за опструкција.

Претседателот на синдикатот на лекар Раде Паниќ го поврзува владиното колебање со изборите следната пролет и големото влијание на антиваксерите.

„Антиваксерите создадоа проблем, но владата не сака да го реши поради изборите“, вели Паниќ за Франс прес. „Пораката е дека сме препуштени сами на себе... Чисто преживување“.

Агенцијата Франс прес не добила одговор од српската влада.

Покрај проблемите со спроведувањето на епидемиолошките мерки, Србија тешко успева да ги наговори младите да се вакцинираат. Како што кажа премиерката, се вакцинирале само 22 отсто од младите на возраст од 18 до 30 години.

Здравствените пропусници помогнаа младите да се наговорат на вакцинирање во земјите како Франција, но Брнабиќ верува дека младите во Србија се поинакви.

„Кога би слушнале дека некој фалсификувал пропусница за да влезе во бар или ноќен клуб, тоа би станало кул и сите млади би се обиделе да докажат дека и тие можат да го направат тоа“, кажа таа.

Паниќ, кој работи како анестезиолог во ковид-болница, кажа дека лекарите се преоптеретени, а премиерката ја смета за дилетантка.

„Се наоѓаме на бојно поле, и пациентите кои умираат и исцрпените лекари“, кажа тој.

Србија на почетокот добро тргна со вакцинирањето обезбедувајќи доволно дози и од истокот и од западот, толку многу што ги повика и странските државјани да дојдат да се вакцинираат.

Објави дека ќе стане првата европска земја која ќе ја произведува кинеската вакцина на Синофарм и даде одобрување да почне производството на руската вакцина Спутник V.

Србија исто така беше меѓу првите во светот кои понудија бустер доза на пошироката јавност.

Но, земјата е легло на дезинформации за вакцинирањето, што поттикнува недоверба во владата и другите институции, што е последица на честите корупциски скандали и општиот недостиг од транспарентност, пишува Франс прес.

Група одметнати лекари разгорува сомнежи, од кои некои во меѓувреме привлекоа стотици илјади следачи на социјалните мрежи и добија простор во националните медиуми.

„Државата мора не само да ги мотивира граѓаните туку и да направи сè за да ги прекине лагите и манипулациите“, објави на Твитер Срѓан Лукиќ, српски пулмолог кој сега работи во Словенија. „Србија е во тоа многу неуспешна“.

Легенда под Главна слика

EPA-EFE

Првичната реакција на голем број држави кога се појави новата варијанта на ковид-19 вирусот за забрана на патувањето од Јужна Африка и од соседните држави, иако истиот веќе се има проширено, е очајна мерка. Всушност, државите можеби се и подобро подготвени отколку што мислат за што и да следи.

повеќе

Со неколку геополитички шаховски потези, Кина докажа дека не секогаш оружјето и војните се единствениот начин за глобална доминација.

повеќе

Македонија може да ги задоволи потребите од електрична енергија ако на површина од 160 км2 постави соларни панели, а инвестицијата за тоа е 2,4 милијарди евра.

повеќе