Мали

Французите се повлекуваат поради руски платеници?

Групата на приватни воени платеници Вагнер дејствува од сенка, а нејзиното постоење и сопственост се предмет на гласини, дезинформации и негирање. Меѓутоа, таа група наскоро би можела да постигне нешто што со децении не им успева на милитантите и бунтовниците - да го забрза крајот на француската воена интервенција во Мали, вели Питер Апс за Ројтерс.

Фото: Википедиа

Новинските извештаи од минатата недела укажуваат дека преодната влада на Мали - која ја презеде власта со државен удар минатата година - е на чекор да потпише договор со оваа руска компанија во борбата против исламските екстремисти. Веста наиде на критики од Париз, кој соопшти дека доаѓањето на групата Вагнер ќе биде „некомпатибилно“ со децениската француска поддршка за владата на Мали.

Ставот на Франција го поддржа и германската министерка за одбрана, Анеграт Крамп Каренбауер, која на Твитер објави дека ангажманот на таа компанија ќе го доведе во прашање сето она што Обединетите нации и Европската Унија го прават во Мали. Германија значително придонесува во ЕУ-мисијата за обука, додека силите на ОН вклучуваат и британски, кинески и други мултинационални војници.

Портпаролот на водачот на хунтата во Мали изјави дека нема информации за таков договор. Официјалните претставници на Мали им рекоа на новинарите дека владата е во контакт со „сите“ со цел да го задуши сегашниот бунт, кој вклучува и елементи на Исламска држава.

Колку се блиску Франција и Германија до повлекување од Мали останува нејасно, но претседателот Емануел Макрон навести дека сака да ги повлече француските сили.

Во јуни Макрон објави планови за намалување на обемот на долгогодишната француска антитерористичка операција Баркхане во Мали и нејзино спојување со други меѓународни операции. Во тоа време Франција имаше над 5.000 војници што дејствуваа во Мали и поширокиот регион, каде што на некој начин беа присутни уште од колонијалната ера, но Париз сака да го подели товарот со другите европски и африкански земји.

Париз и Берлин сега навестуваат дека доаѓањето на групата Вагнер би било капка што ќе ја прелее чашата. Исто така, можно е ова да служи како изговор за повлекување на поддршката од регионот каде што сакаат да ги намалат своите обврски дури и по цена на губење на влијанието во корист на Москва и Пекинг.

Додека Кина го проширува своето влијание во Африка преку инвестиции во земји низ целиот континент, влијанието на Русија е од понов датум и поконцентрирано. Групата Вагнер ја искористи предноста на нестабилноста и насилството. Либија и Централноафриканската Република се најдобри примери за тоа, но има извештаи дека руските воени платеници се активни на неколку локации во Мозамбик, Мадагаскар и Судан.

Ројтерс за ангажманот на Вагнеровата група во Мали објави на 13 септември, а неколку дипломатски и безбедносни извори рекоа дека договорот е близу. Четири извори за британската агенција рекле дека на групата Вагнер ќе ѝ бидат исплатени шест милијарди франци месечно (9,1 милиони евра) за нејзините услуги. Никој од групата Вагнер не сакал да ги коментира овие тврдења за Ројтерс.

Степенот до кој оваа фирма постои како посебно приватно претпријатие останува нејасен. Списанието „Форин полиси“ во почетокот на оваа година објави дека компанијата Вагнер груп не постои легално и дека фразата се користи за мрежата на компании што Кремљ ја користеше за борбите во Украина во 2014 година и за проширувањето во Сирија следната година.

Руските власти негираат дека платениците од Вагнеровата група извршуваат нивни наредби.

Сопственоста на групата исто така останува мистерија. Неколку медиумски платформи, меѓу кои и Ројтерс, ја поврзаа групата со Јевгениј Пригожин, бизнисмен против кој во САД е покренато обвинение поради мешање во претседателските избори во 2016 година и кој е предмет на санкции од ЕУ, откако беше обвинет за кршење на ембаргото на ОН за продажба на оружје за Либија. Пригожин ги негира врските со групацијата Вагнер, а неговата канцеларија за односи со јавноста вели дека тој нема деловни интереси во Африка.

Од државниот удар минатиот август, кој беше осуден од САД и Франција, се чини дека Мали се приближува до Русија и се оддалечува од Париз и Вашингтон.

По државниот удар, некои странски и малиски медиуми укажаа на можна вмешаност на Русија, известувајќи дека новите воени водачи на Мали, Малик Диав и Садио Камара, поминале една година на воениот колеџ во Москва. Камара, кој сега е министер за одбрана, беше во официјална посета на Русија во почетокот на овој месец, објави Ројтерс.

Не е јасно дали Русија може да ја замени Франција како главен играч во Мали. Франција сака да изгради меѓународен отпор кон употребувањето на Вагнеровата група, но на други фронтови и Париз и Берлин одамна сакаат да го балансираат конфликтот со Русија преку економска и друга соработка. Ова јасно се гледа во примерот на гасоводот Северен тек 2, кој ќе пренесува природен гас од Русија до Европа преку Балтичко Море, заобиколувајќи ја Украина. Иако САД се спротивставија, изградбата на гасоводот е поддржана од Макрон и германската канцеларка Ангела Меркел, како и двајцата нејзини можни наследници на лидерското место.

Каков и да е исходот од настаните во Мали, Русија уште еднаш ја покажа својата ефикасност во користењето неконвенционални тактики и сили за да заземе место на масата кога ќе посака.

Фото: By TM1972

Легенда под Главна слика

Фото: Википедиа

Можеби поради еуфоријата што ја донесе туризмот - и желбата на самите жители на Грција да уживаат во одморите - пошироката јавност беше подготвена да ги толерира дневните бројки на новозаразени (во просек помеѓу 2.000 и 3.000 случаи во текот на летото). 

повеќе

Насловот асоцира и на резултатите од изборите, кои, кога ќе излезе оваа колумна, ќе бидат познати, иако најретко споменуван збор во кампањата беше зборот ДЕЦЕНТРАЛИЗАЦИЈА, кој е единствен начин за остварување на сите „големи“ ветувања што ги слушнавме изминативе две недели.

повеќе

Опонентите на академик Блаже Ристовски во Македонија го квалификуваа како националист, во белградскитe кругови  го именуваа како „бугарофил“, а во Бугарија го нарекуваа „Југословен“ и „србокомунист“. А тој си остана ист, исправен пред нападите и секогаш подготвен да им одговори на критичарите.

повеќе