Франција сè уште го чисти нуклеарниот отпад на Марија Кири

Нејзината лабораторија кај Париз, наречена Чернобил на Сена, сè уште е радиоактивна скоро еден век по нејзината смрт.

Во 1933 година нуклеарната физичарка Марија Кири ја надрасна својата лабораторија во латинскиот кварт во центарот на Париз. За да ѝ го овозможи просторот потребен за хаотичната задача на извлекување радиоактивни елементи како што е радиумот од купишта руда, Парискиот универзитет изгради истражувачки центар во Аркеј, село јужно од градот. Денес тоа прерасна во пренаселено предградие на работничката класа. А трошната лабораторија, сместена во обрасната градина во близина на еден аквадукт од 17 век, понекогаш се нарекува Чернобил на Сена, вели Блумберг.

Ниедна поголема несреќа се нема случено во таа лабораторија, која е затворена во 1978 година. Но таа блика од радиоактивност што со милениуми ќе биде опасност по здравјето, а француското тело за заштита од радијација го забрани пристапот за секој што не носи заштитна облека. Лабораторијата е опкружена со бетонски ѕид врз кој има боцкава жица и камери за надзор. Мониторите постојано го проценуваат зрачењето, а локалните власти редовно ја тестираат реката. „Ние сме доказ дека Франција има сериозен проблем со нуклеарниот отпад“, вели градоначалникот на Аркеј, Кристијан Метаири. „Нашата ситуација отвора прашања за тоа дали земјата е навистина способна да се справи со неа“.

Нуклеарната енергија носи скоро три четвртини од електричната енергија во Франција, наспроти една петтина во САД. Не постои трајно решение за најопасниот отпад од 906-те места за нуклеарен отпад во земјата, вклучително и некои од оние што се наоѓаат во Аркеј. Материјалите со ниско ниво радијација треба да бидат испратени во надземно складиште во североисточна Франција. Но радиумот има полуживот од 1.600 години, а во доградбата на Кири има и траги од ураниумски изотоп, со полуживот од 4,5 милијарди години. „Француската нуклеарна индустрија е како авион што летнал без писта за слетување“, вели Јаник Руселет, водач на кампањи во Гринпис.

Главната зграда на лабораторијата е покриена со мртви винови лози, а ѕидовите, крај кои минува прометна улица со четири ленти, се магнет за уметниците за графити. Иако повеќето извори на зрачење беа отстранети во 1992 година, градските власти велат дека мора да се направи многу повеќе. Една студија од 1997 година заклучи дека пешаците и жителите на становите на само неколку метри од ѕидот не се изложени на ризик од труење со радијација, но властите велат дека местото сè уште е опасно. Повикот за будење дојде во 2010 година, кога провалија крадци и украдоа бакарни жици. Полицијата што влезе во локацијата, исто како и натрапниците, ризикуваше да се изложи на радијација затоа што немаше заштитна опрема - што поттикна протести од полицискиот сојуз. Чистењето досега чинеше околу 10 милиони евра, вели Метари, иако конечната сметка најверојатно ќе биде многу поголема кога зградите ќе се демонтираат, а локацијата ќе биде деконтаминирана во наредните години. „Конечно напредуваме, но навистина е бавно“, вели тој.

Санацијата е тешка, бидејќи повеќето научници во лабораторијата одамна се мртви. (Самата Кири почина од крвно заболување поврзано со труење со радијација една година откако таа беше отворена.) Андра, владината агенција што го надгледува радиоактивниот отпад, помина повеќе од една деценија во каталогизација на сè што се наоѓа во Аркеј, наоѓајќи радиоактивност во растворувачите, весниците, полиците, печката, почвата и растенијата. „Познавањето на тамошната работа е делумно, што ја комплицира операцијата“, вели Фабиен Убер, функционер од Андра, задолжен за отпадот што не доаѓа од реактори.

Кири и нејзиниот сопруг, Пјер, опишаа дека радиумот дава топлина и свети во темнина, воведувајќи ја неговата употреба во третман на ракот. Таа освои две Нобелови награди - една по физика и една по хемија. Во 20-тите години нејзината работа ја освои имагинацијата на јавноста, предизвикувајќи лудило по креми за лице од радиум, водени фонтани, жилети, па дури и долна облека - сето тоа заради лекување на заболувања, од губење на косата преку импотенција до гихт. Иако за повеќето од нив одамна се докажа дека се лажни или токсични, радиотерапијата останува клучна терапија за карцином, а работата на Кири доведе до епохални откритија во употребата на рендген-зраците. „Радиумот беше огромно откритие“, вели Метари. „Но радиоактивноста е меч со две острици“.

Деликатна јазична авантура е ако се излезе од основното и утврдено значење на зборовите и се прејде во сферата на жаргонот и колоквијалноста.

повеќе

Плаќањето на вработените на час наместо месечно помага да се зголеми нивната плата со тоа што ќе се вреднува работното време поефикасно.

повеќе