Фон дер Лаен и Блинкен: Војната во Украина ќе трае барем до крајот на годината, а и подолго

Западот е решен да испрати уште повеќе и поголеми испораки и на тешко вооружување на Киев бидејќи се спрема за подолга војна во Украина која ќе трае барем до крајот на годината, а веројатно и многу подолго, јавија функционери и медиуми во Европската Унија и САД.

EPA-EFE

Тоа го потврди претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лаен, додека американскиот државен секретар Ентони Блинкен на европските сојузници им пренесе сознанија на Вашингтон дека сите воени и разузнавачки проценки кажуваат дека војната меѓу украинските и руските сили ќе се заостри и ќе продолжи без шанси воените машинерии да сопрат во догледно време.

Урсула фон дер Лаен им порача на граѓаните на ЕУ дека мора да се подготват на тоа војната во Украина „да трае можеби со години“ и побара на Киев да му се испорача што е можно повеќе оружје, додека германскиот министер за правосудство Марко Бушман ги отфрли замерките дека ЕУ станува страна во војната бидејќи му испорачува тешко вооружување на Киев.

Бушман кажа дека „Украина води легитимна одбранбена војна. Па затоа поддршката во оружје не може да доведе до тоа да станеме страна во војната“.

Американскиот државен секретар Блинкен и советникот за национална безбедност Џејкс Саливен, како што пренесе Си-ен-ен повикувајќи се на извори на Стејт департментот, всушност од европските сојузници добиле потврда за американската проценка дека воениот конфликт во Украина не може да заврши во некое догледно време.

Началникот на американскиот Здружен генералштаб генералот Мајк Мајли во Одборот за воени прашања на Сенатот ги изнесе проценките на Пентагон дека војната во Украина „ќе биде долготрајна, не знам баш дали деценија, но секако повеќе години“.

Функционер на Стејт департментот на медиумите им кажа дека Блинкен со сојузниците „ја разгледал загриженоста дека војната (во Украина) долго ќе трае и сè се свело на тоа како тој конфликт што побрзо да сопре“.

Црните прогнози околу војната во Европа видно ги загрижуваат и другите делови од светот, особено Азија, бидејќи конфликтот предизвика нестабилност од светски размери.

Така Кина одбива да ја осуди руската „воена операција“ во Украина, бидејќи смета дека Москва е оправдано загрижена поради ширењето на НАТО, иако Пекинг го поддржува суверенитетот на државите, но во хонгконшкиот весник Саут чајна морнинг пост осамна коментар во кој на удар се Америка и НАТО.

„Западот конечно го носи срамот за тоа што не го зачува мирот во Европа“, пишува весникот.

„Русија изврши агресија, но долгата историја на експанзионизам и желбата за превласт на САД и НАТО ја доведоа војната во Европа... па дури и сега кога патот на мултиполарна коегзистенција би можел да го обнови мирот, Западот напротив создава простор Украина да ја плати цената на западната наметливост“, додава весникот.

Угледниот индиски експерт за меѓународни односи и геополитика М.К. Бадракумар смета дека Блинкен и американските функционери „не ги истражиле дипломатските патишта со Русија како можен мост за завршување на украинската војна, па во такви околности, совршено е јасно, мировните преговори на Москва и Киев не можат да напредуваат“.

Бадракумар заклучува дека „големото прашање: дали владата на Бајден сака тој конфликт да заврши и да се постигне мир преку преговори“, и истакнува дека „одговорот изгледа гласи: не, бидејќи фактички САД долеваат оган на тој конфликт“.

Индискиот аналитичар напоменува дека „Блинкет за тоа не разговарал со шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров уште од 15 февруари, а претседателот на САД Џо Бајден не дава никаков знак дека би можел да размени мислења со рускиот претседател Владимир Путин, како што забележуваат медиумите во ЕУ“.

Како што укажува Бадракумар, Бајден дури тукушто одобри дополнителна воена помош на Киев од 800 милиони долари, која вклучува тешко вооружување и ласерски наведувани ракети и дронови, така што на Украина од крајот на февруари ѝ е вкупно доделена воена поддршка од две милијарди и 600 милиони долари, додека Бајден очекува Конгресот да го прифати неговото барање на Киев во целост да му се одобри воена помош од шест и пол милијарди долари.

Американците и Британците соопштија и дека нивни воени експерти повторно ќе обучуваат украински војници.

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг на заседанието на шефовите на дипломатиите на НАТО деновиве изјави дека „атлантските сојузници досега обучија десетици илјади украински војници“.

Легенда под Главна слика

EPA-EFE

Доколку чувствуваме дека нашиот труд ќе биде награден со успех, ќе ѝ приоѓаме на околината со апетит, доверба и храброст.

повеќе

Од општи формулации кон конкретни разговори.

повеќе

„Вчерашниот ден измина, утрешниот допрва доаѓа, го имаме само денес - да започнеме“.

повеќе