Фетулах Ѓулен за Ди велт: Ердоган ќе заврши како Хитлер и Сталин

Германскиот весник Ди велт, во соработка со швајцарското списание Ла Матин Диманш, објави интервју со Фетулах Ѓулен, турскиот проповедник што долги години престојува во САД.

ДИ ВЕЛТ: Зошто Ердоган чувствува толкава омраза кон Вас? Вие еден период бевте соработници.

Фетулах Ѓулен: Движењето Хизмет (се мисли на движењето на Ѓулен) никогаш немаше блиска соработка со Ердоган, кој некогаш тврдеше дека ги дели истите ставови со нас во врска со демократијата. Тврдеше дека се бори за истите вредности. Но кога доби моќ, покажа едно сосема друго лице. Нашите образовни институции следат една таква визија што не се совпаѓа со авторитетниот начин на размислување на Ердоган. На пример, според нас, Курдите треба да можат да го користат својот мајчин јазик заедно со турскиот јазик. Тој ме смета за свој непријател, но јас никогаш не го сметав за мој непријател.

Јас од него побарав само да ги исполни своите ветувања. Најголемиот непријател на Ердоган е самиот тој. Ердоган се смета за најпаметниот човек во светот, но во реалноста тој е раководен од своите чувства на завист, омраза и одмазда. Турската влада е во една параноична состојба. Мојата сестра мора да живее во бегство, всушност уапсени се сите што го носат моето презиме.

ДИ ВЕЛТ: Ако добро разбравме, основата на Вашето недоразбирање со Ердоган лежи во курдското прашање.

Ѓулен: Имаме различни гледишта кон светот со Ердоган. Поранешниот претседател на Турција Тургут Озал делумно го реши ова прашање со тоа што во својата влада вклучи министри од различните групи во Турција како Курдите и социјалдемократите. Јас сметам дека треба да се овозможи поголема слобода и дека е во ред да се изучува курдскиот јазик во училиштата. За да се овозможи тоа, треба да се формира систем на децентрализирана власт. Доколку некогаш би се направиле некакви реформи, тогаш препорачувам како пример да се земе уставот на САД.

ДИ ВЕЛТ: Кој е Вашиот концепт во врска со слободата? Според Ердоган, на жената местото ѝ е во кујна. Дали ова е една од темите за кои не се согласувате?

Ѓулен: (се смее) Лично не се согласувам со патријархалниот модел на живеење, бидејќи не е во согласност со исламот. Жените треба да бидат вклучени во сите делови на општеството. Доколку таа сака, ништо не смее да ја спречи жената да биде пилот или судија.

ДИ ВЕЛТ: Ердоган сака да владее на меѓународната и на регионалната сцена. Како го оценувате военото дејство на Ердоган врз Сирија во 2019 година?

Ѓулен: Тоа беше обид да се сменат актуелните теми во земјата. Со тоа сакаше да ги oттргне погледите од внатрешните проблеми на Турција. Освен тоа, ваквиот однос му овозможува да се лансира како силен човек во муслиманскиот свет. Но јасно се гледа последицата од таквиот потег во Сирија. Ердоган поддржа нереално востание, тој има голема одговорност во врска со тоа што се случи во Сирија. Илјадници жртви, милиони мигранти. Во голема мера рацете му се крвави на Ердоган по овие настани. Еден од поранешните турски министри, во една прилика ме запраша што мислам на тема Сирија. Јас тогаш му посочив дека треба да се овозможи договор помеѓу страните, со што би се постигнале демократски услови во таа земја.

Тогаш реков дека треба да се поддржи процес што води кон демократијата, доколку има потреба, да се поддржи Есад да биде претседател еден или два мандата, но покрај тоа, секоја етничка група да има свои претставници во парламентот. Но не ги зедоа предвид моите препораки.

ДИ ВЕЛТ: Дали и акцијата на Ердоган во Либија ја сметате за погрешна?

Ѓулен: Во Либија отсекогаш постоеше несогласување помеѓу различни страни. Поддржувајќи одредена група, Ердоган во овој случај доби негативна репутација. Тој се обидува да биде лидер на сите муслимани во светот. Но како може да биде лидер еден човек што предизвикува судири помеѓу сунитите? Сè повеќе тоне во своите противречности. Сите нарцисоидни диктатори завршуваат лошо, како во примерот на Хитлер и Сталин. Сите беа уништени од омразата што ја чувствуваа. Ердоган ќе ја доживее истата судбина како нив.

ДИ ВЕЛТ: Ердоган продолжува да врши притисок врз НАТО дека ќе се оддели од алијансата. Дали претпоставувате дека навистина ќе го направи тоа?

Ѓулен: Ердоган флертува кога покажува дека се доближува до шангајско-руската унија. Всушност, тоа е еден обид на уцена. Тој не може да се откаже од Западот. Заради своја сигурност тој има потреба од Западот. Ваквиот начин на однесување го користи за да ги убеди своите следбеници. Моето лично мислење е дека Турција треба да ја одржува соработката со НАТО и ЕУ.

ДИ ВЕЛТ: Очигледно е дека ЕУ веќе не е актуелна тема во Турција. Дали Ви е жал за таквата состојба?

Ѓулен: Не знам како би станале членка на ЕУ со една ваква тоталитарна влада, мислам дека ова не е можно во моментот. Не може да се очекува нешто од луѓе што опстојуваат на власт со насилство, омраза и одмазда. Турција ја уништи целата доверба што ја уживаше кај Франција и Германија. Движењето Хизмет секогаш ќе се бори за доближување до ЕУ бидејќи сметам дека имаме многу нешто да научиме од нив.
ДИ ВЕЛТ: Според она што го гледаме, Ердоган покажува блискост кон „муслиманските браќа“. Што мислите на таа тема?

Ѓулен: Ердоган е макијавелист. Доколку покажува некаква блискост до „муслиманските браќа“ сигурно тоа го прави поради некаков интерес. Доколку се намали нивното влијание, ќе ги напушти и нив.

ДИ ВЕЛТ: Според Вас, која е улогата на Вашето движење во иднина?

Ѓулен: Движењето Ѓулен ќе продолжи да дејствува како хуманитарна организација. Ова е нашата основна цел. Се разбира дека ова е тешко во следната смисла. Ние сме многу мало движење, но покрај сè продолжуваме да го браниме нашиот концепт на социјална хармонија, меѓусебната почит, толеранцијата и почитта кон различностите. Јас верувам дека универзалните човечки вредности можат да нè поврзат. Неодамна бев на лекување во една болница. Таму се сретнав со доктори Евреи и христијани што покажуваа огромна почит кон еден пациент муслиман. Господ не ги цени луѓето според нивниот изглед, туку според нивните постапки.

Објавено

Среда, Јануари 29, 2020 - 09:49

Кога може оние кои пукаа по нас, оние кои ги убија Аце, Коки и Оливер да бидат на слобода, зошто не би бил помилуван и ти?

повеќе

Го регистрираме името Јунајтед Маседонианс и тогаја сетне почнаме да прајме отворени Илинденцки пикници – македонцки илинденцки, не со Богарите. Сами ние Македонци и народо трна.

повеќе

Она она што го нудат медиумите во времето на ковид-19 покажа колку тие не се подготвени за да известуваат во време на криза, а кризите ги има сè почесто.

повеќе