Протерани тројца амбасадори на европски земји

Фајненшал тајмс: Русите го понижија Борел во Москва, растат тензиите околу Навални

Москва нареди протерување на тројца европски дипломати, по еден од делегациите на Германија, Полска и Шведска во Русија, обвинувајќи ги за учество на протестите за поддршка на лидерот на опозицијата Алексеј Навални.

EPA-EFE

Тој потег се случи за време на посетата на Москва на Жосеп Борел, шефот на дипломатијата на Европската Унија.

Борел кажа дека е „навистина вознемирен“ од плановите за протерување, кои го фатија неспремен. За нив известија руските медиуми среде разговорот на Борел со неговиот руски колега Сергеј Лавров, пренесе Фајненшл тајмс.

Русија ги информираше трите држави дека нивните дипломати се непожелни во Москва додека Борел и Лавров им се обраќаа на новинарите, кажа извори од ЕУ за ЕУобзервер.

Борел, во име на ЕУ, кажа дека „силно ја осудува таа одлука и ги отфрла наводите дека тие спроведувале активности кои не се во согласност на нивниот статус на странски дипломати“.

Германската канцеларка Ангела Меркел соопшти дека акцијата на Русија е „неоправдана“ и чекор наназад во владеењето на правото во Русија, додека Полска го повика рускиот амбасадор на разговор околу таа одлука.

Шведска соопшти дека тврдењето дека нејзин дипломат учествувал на протестот на 23 јануари е неоснована и дека го задржува правото на соодветен одговор.

Британскиот министер за надворешни работи Доминик Раб кажа дека протерувањето на дипломатите на ЕУ е „груб обид“ да се сврти вниманието од пресметката на Русија со опозициските лидери и порача дека Лондон е солидарен со „своите европски пријатели“.

Солидарност изрази и Франција.

Борел изјави дека Лавров му кажал дека одлуката за протерувањето требало да биде објавена во понеделник, но дека несакајќи протекла во медиумите, наведува ФТ.

Руското министерство за надворешни работи соопшти дека наводното учество на дипломатите на протестите е неприфатливо и недолично имајќи го предвид нивниот дипломатски статус.

Протерувањата беа кулминацијата на тешката посета за Борел, првиот висок функционер на ЕУ кој отиде во Русија од 2017 година. На разговорите не беше постигнат никаков значителен успех во напорите за ослободување на Навални од затвор.

Москва, од друга страна, има причина за задоволство бидејќи Борел ја повика ЕУ да ја одобри руската вакцина против ковид-19.

На конференцијата за новинари по разговорот со Лавров, Борел кажа дека потврдата за високата ефикасност на Спутник V е „добра за целото човештво, што значи дека ќе имаме повеќе алатки во борбата со пандемијата“.

„Се надевам дека Европската агенција за лекови (ЕМА) ќе може да ја одобри оваа вакцина за употреба во државите членки на ЕУ. Тоа ќе бидат добри вести за нас бидејќи, како што знаете, ние немаме доволно вакцини и дополнителни резерви се само добредојдени“, кажа Борел, честитајќи им на руските научници на успехот.

Борел замина во посета само два дена откако Русија го испрати Навални во затвор на две и пол години среде бруталната пресметка со полицијата и демонстрантите кои бараа негово ослободување од притвор.

Шефот на дипломатијата на ЕУ ги повтори барањата на ЕУ за ослободување на Навални и целосна истрага за обидот за негово убиство врз него во август.

Меѓутоа, Борел не ја предупреди Москва на какви било последици доколку не се согласи и кажа дека ниедна држава членка не повикува на дополнителни санкции поради Навални.

„Мораме да признаеме дека нашите односи во последните години се во знак на фундаменталните разлики и недостигот од доверба“, кажа Борел. „Едни други се гледаме повеќе како ривали, отколку како партнери“.

Лавров не одговори директно на повикот за ослободување на Навални, но се пожали, како што кажа, на кршењата на човековите права во ЕУ.

Руското министерство за надворешни работи вчера објави видео-снимка за полициската бруталност во државите на ЕУ.

Лавров кажа дека од Брисел зависи дали ќе ѝ воведе санкции на Русија, но дека ЕУ сè повеќе се однесува како Вашингтон во користењето на едностраните санкции.

„Европската Унија е несигурен партнер. Дополнителната деградација на односите е оптоварена од негативни и многу непредвидливи последици“, кажа Лавров.

Неколку членки на ЕУ во близина на руската граница, вклучувајќи ги Полска и балтичките држави, беа против посетата на Борел и одлуката таа сепак да се случи ги одразува длабоките поделби во блокот кога станува збор за политиката кон Кремљ, оценува ФТ.

Легенда под Главна слика

EPA-EFE

Незабележливите разлики во нашето однесување кои се дел од психолошката манипулација на социјалните мрежи се предизвикани од надзорниот капитализам и ја нарушуваат демократската култура и личната автономија.

повеќе

После десетици години се решава холдингот, неданочните давачки и царинските тарифи значајни за бизнисот.

повеќе

Целиот свет гледа на 2021 година како на година на заздравување на економијата.

повеќе