„Западот целосно се прецени“

Европските медиуми: Авганистан е победа на светскиот тероризам и пораз на извозот на западните вредности

Експресната победа на екстремните исламисти талибанци во Авганистан и експресниот распад на локалните власти поддржувани од САД и НАТО претставуваат несомнена победа на светскиот тероризам и „горчлив пораз за Западот кој целосно се прецени себеси, привлечноста на своите вредности и верувањето дека сите сакаат да бидат како нас, без оглед на историјата, културата, идентитетот“, оцени данскиот весник Јиланд постен.

EPA-EFE

Многу е слично мислењето и на други западноевропски медиуми и аналитичари кои посочуваат на тоа дека самите Авганистанци, иако имале огромна финансиска и воена помош од Западот, ја испуштиле судбинската шанса во својата земја да го уништат исламскиот фанатизам.

Француски Монд мисли дека катастрофалните американски проценки за силата на талибанците довеле до страшниот удар врз владата на американскиот претседател Џо Бајден, и дури тврди дека „САД ги турнаа Авганистанците во челуста на волкот“.

Аналитичарите укажуваат и дека европските сојузници на Америка, и покрај жртвите, биле и сега се целосно немоќни да направат што било, а голема загриженост и страв сега има во Европската Унија од очекуваниот наплив на авганистански бегалци.

Главниот уредник на италијанскиот весник Република Маурицио Молинати му замерува на самиот „авганистански народ што не се бранел од навалата на талибанците“.

Францускиот бизнис весник Лезеко укажува на фактот дека Кина воспоставила битни врски со талибанците, но „Пекинг на талибанците им кажа: шеријат во ред, Ал каеда никако“.

Лезеко смета дека враќањето на талибанците на власт во Авганистан е „најтешкиот пораз на Западот од суецката криза во 1956, а во 1975 по падот на Сајгон, ни Брежњев во СССР ни Мао во Кина не успеаја да извлечат ќар и предност од понижувањето на Америка... што сега нема да биде случај со Кина на Си Џинпинг која веќе се истакнува како брана за муслиманскиот тероризам“.

„Авганистанците јасно немаа доверба во својата влада, што значи дека 20 години огромна странска помош не беше доволна да предизвика одбивност кон џихадот во таа земја“, вели Молинари.

„Мораме да ја имаме предвид силната лекција за тоа што се случи во Кабул, а тоа е дека џихадизмот може да биде искоренет само ако муслиманите во своите земји најдат сила и храброст да го отфрлат џихадот од своите определби и уверувања“, истакнува уредникот на Република.

Швајцарски Ноје цирхер цајтунг укажува дека прозападните авганистански власти пред сè се грабале за влијанието со племенските лидери, наместо да ги здружат силите за битката против талибанците, додека корупцијата и лошото управување со земјата ја докрајчиле и онака слабата држава.

Берлинскиот дневник Тагесшпигел смета дека враќањето на талибанците во Авганистан „борбениот исламизам, меѓународниот тероризам, ќе го прослават како победа над омразениот Запад, живо радувајќи се што дури „големиот ѓавол“ Америка е фрлена на колена пред 20-годишнината од нападите на 11 септември 2001“.

Рускиот независен весник Новаја газета смета дека блиц-кригот на талибанците е „победа на теророт, што значи дека уште од денес поразените џихадисти ќе почнат да регрутираат нови борци преку социјалните мрежи, а сите европски разузнавачки служби мораат внимателно да преведуваат и да ги анализираат петочните проповеди во џамиите“.

Треба да се очекува, додава московскиот дневник, дека во самиот Авганистан веќе почнуваат да се воспоставуваат центри за обука на терористи и нивни упоришта, „а под знамето на талибанците тие можат да очекуваат многу комфорни услови“.

Легенда под Главна слика

EPA-EFE

Македонија може да ги задоволи потребите од електрична енергија ако на површина од 160 км2 постави соларни панели, а инвестицијата за тоа е 2,4 милијарди евра.

повеќе

Тешко е да се очекува дека ветото ќе биде туку-така тргнато. Дури и кога би се постигнал некаков договор, тоа би значело дека Македонија направила тешки и болни компромиси за да дојде до решение, имајќи ги предвид тврдите позиции на Бугарија.

повеќе

Лошите прогнози за инфлацијата и зголемувањето на цените на сите енергенси, не упатува кон еден заклучок - обновливите извори на енергија, заедно со вложувањето во самоодржливост и економијата на подарувањето сега се позначајни отколку кога и да е претходно.

повеќе