Нова тура попуштања на мерките

Европа се отвора: „Повеќето мерки се минато“ (ВИДЕО)

Темпото на вакцинација се забрзува во повеќето европски земји, а паралелно со тоа паѓаат и стапките на зараза. Ова резултираше со нова тура ублажувања на мерките во Европа.

Фото: ЕПА

Франција: полицискиот час се поместува

Од 9 јуни во Франција ќе стапат во сила поблаги мерки, а најзначајна промена е поместувањето на почетокот на полицискиот час. Во моментов полицискиот час трае од 21 до 6 часот, а од 9 јуни ќе почнува два часа подоцна - од 23 часот.

Исто така, рестораните, кафулињата и баровите ќе можат да почнат да ги услужуваат клиентите во затворено - со капацитет од 50 проценти и максимум шест лица по маса. Музеите, театрите, спортските терени и неосновните дуќани, кои повторно беа отворени во мај, ќе можат да ги зголемат своите капацитети.

Според сегашниот план, од 30 јуни ограничувањата и полицискиот час ќе бидат укинати, пишува Би-би-си.

Германија: се отвораат бавчите и базените

Мерките се укинуваат низ цела Германија. Градините и терасите на отворено во рестораните, музеите, како и отворените базени, можат повторно да работат низ цела Германија и да се организираат концерти на отворено. Некои региони, како западната сојузна држава Рајнска област-Пфалц, од 2 јуни ги отвораат и затворените ресторани во областите каде што стапката на зараза е под 50 новозаразени на 100.000 жители.

Во почетокот на мај, Германија, која од ноември е во карантин, донесе уредба според која оние што биле заразени со коронавирусот беа изземени од некои мерки за борба против пандемијата. За вакцинираните и за оние што го имале коронавирусот повеќе не важат ограничувањата на контактите во приватниот сектор. За оваа група граѓани не важат ни ноќните ограничувања на движењето воведени во области со седумдневна инциденца над 100.

Вакцинираните и оние што прележале ковид-19 нема да бидат во карантин по враќањето од странство. Исклучок се оние што се враќаат од области каде што се присутни т.н. вирусни варијанти. Исто така, тие се ослободени од обврската за тестирање во услужните активности, како што се одредени продавници или фризерски салони.

Другите мерки, како што се носење маски или одржување дистанца, остануваат во сила и за оваа група.

Италија: сѐ повеќе „бели зони“

Внатрешните простории во италијанските ресторани и барови се отворени од 1 јуни, а повторно е дозволено послужувањето храна. Спортските игралишта им овозможуваат на гледачите пополнување до 25 проценти од капацитетот. Почетокот на полицискиот час од 7 јуни ќе биде одложен за еден час. Ова значи дека од овој датум, наместо во 23 часот, како што е сега, полицискиот час ќе почнува на полноќ. Времето на неговото завршување останува исто – во 5 наутро. Предвидениот датум за укинување на оваа мерка е 21 јуни.

Трите региони веќе станаа „бели зони“ - категорија со најнизок ризик – а се очекува да им се придружат и други региони на 7 и 14 јуни, вклучувајќи ги градовите Рим и Милано. Единствените ограничувања што се применуваат во белите зони се однесуваат на физичкото растојание и носењето маски во затворени и во преполни отворени места.

Здравствените експерти во Италија продолжуваат да предупредуваат дека е потребно да се почитуваат основните мерки за заштита: носете маска, одржувајте физичка дистанца и лична хигиена.

Грција: дигитален зелен сертификат, но и полициски час

На 1 јуни Грција покрена дигитален зелен сертификат за своите граѓани, кој овозможува слободно движење. Сертификатот покажува дали лицето е вакцинирано, дали оздравело од вирусот или неодамна имало негативен ПЦР или антиген тест.

Од 15 мај владата им дозволи на туристите да ја посетуваат земјата доколку биле вакцинирани или можат да покажат негативен тест за коронавирусот. Плажите, баровите и рестораните се отворени, но полицискиот час од 00:30 до 5 часот сè уште постои. Маските се задолжителни на сите јавни места.

Набргу потоа, на крајот на мај, грчката влада одлучи да ги отвори малопродажните места. Одлуката се однесува на продавниците со основна стока, како што се супермаркетите и сите други продавници за храна, аптеки, бензински пумпи, хемиско чистење, продавници за миленичиња, кондиторски производи и продавници за тутун. Оваа одлука овозможува отворање и на трговските центри, фризерниците и салоните за убавина.

Шпанија: отворање за туристи од 7 јуни

Владата во Мадрид објави дека Шпанија ќе овозможи влез на сите вакцинирани туристи од 7 јуни. Сепак, повеќето патници ќе треба да направат негативен тест по пристигнувањето, освен ако не доаѓаат од некоја од „безбедните“ земји, како што се Австралија или Нов Зеланд.

Повеќето продавници, барови, ресторани и музеи се отворени, но сите над шест години сè уште треба да носат маски на повеќето јавни места.

Во почетокот на мај, Шпанците го прославија укинувањето на вонредната состојба и ноќниот полициски час, кој беше во сила веќе шест месеци, на улиците на градовите низ целата земја. Во Мадрид полицијата мораше да растера толпа млади луѓе од главниот плоштад Пуерта дел Сол, каде што се забавуваа, а голем број тинејџери и возрасни го славеа укинувањето на мерките на плоштадите и плажите во Барселона.

Белгија: повторно се отвораат рестораните, баровите и театрите

Владата планира дополнително да ги ублажи ограничувањата на 9 јуни, под услов бројот на лицата заразени со коронавирусот на интензивна нега да остане под 500. Рестораните и баровите, како и театрите, повторно ќе се отворат и ќе можат да имаат најмногу 200 гости.

Фото: ЕПА

Салите за претстави ќе можат да примаат до 200 лица на седиштата, со маски, објави белгискиот премиер Александар де Кро.

„Целта е максимално да се опуштиме од 1 септември“, рече Де Кро, додавајќи дека тоа ќе се случи доколку работите се држат под контрола во болниците и предупреди дека луѓето сепак мора да носат маски и да ги следат прописите за социјално дистанцирање.

Соопштувајќи ги ублажените мерки, владата исто така најави дека големите музички фестивали повторно ќе бидат дозволени од средината на август, под услов да се провери дали публиката е вакцинирана или има докази за негативен тест за ковид, пренесува АП.

Португалија: повеќето мерки се минато

Португалија ги укина повеќето ограничувања. Отворени се музеите, галериите и продавниците. Рестораните можат да послужуваат шест лица на маса во затворени простории и 10 на отворено, но мора да затворат во 22:30 часот. Ноќните клубови и баровите остануваат затворени.

Холандија: се ближи крајот на карантинот

Од 5 јуни, музеите, историските згради, забавните паркови, природните паркови и зоолошките градини ќе можат повторно да ги отворат своите затворени простори, со ограничен број посетители. Сите места што служат храна и пијалаци може да бидат отворени од 6 до 22 часот, со максимум четири лица на маса.

Владата на 22 јуни ќе одлучи дали на 30 јуни ќе продолжи со понатамошно попуштање, со кое треба да се отворат ноќните клубови, фестивалите и концертите.

Покрај тоа, во иднина, домашните посети ќе бидат дозволени за четири, наместо само за две лица, но на работодавците сепак им е наредено да организираат работа од дома, таму каде што е можно тоа.

„Ова практично е крај на карантинот, но сè уште не сме стигнале до точката сите вработени да се вратат на своите работни места“, рече премиерот на Холандија, Марк Руте, пренесе Политико.

Тој посочи дека се надева дека со зголемувањето на бројот на вакцинираните ситуацијата дополнително ќе се подобри, иако медицинските експерти сè уште не очекуваат „целосно нормално“ лето.

Шведска: последната скандинавска земја што ги олеснува мерките

Минатата година Шведска се обиде да го избегне воведувањето мерки кога другите земји беа во карантин, но сега е последната од скандинавските земји што почнува со ублажување на ограничувањата.

Од 1 јуни ќе бидат олабавени правилата за бројот на луѓе што можат да присуствуваат на спортски настани, концерти на отворено и кои можат да влезат во кино и на пазар. Понатамошното олеснување се очекува од 1 јули, кога ќе бидат укинати ограничувањата за приватни собири и настани.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Законот за високо образование јасно и прецизно ја пропишува постапката за избор во наставно-научни и соработнички звања на високообразовните институции во нашата држава-Македонија.

повеќе

На три месеци пред избори, Владата носи закони и уредби со катастрофални последици по граѓаните, што е просто неверојатно.

повеќе

ДУИ, која по конфликтот го вееше албанското црвено - црно знаме, потоа синото, на следните избори ќе го вее зеленото.

повеќе