Ги поттикнуваат граѓаните на вакцинација

Европа повторно го крева гардот

Во напор да се спротивстават на растечката закана која ја претставува делта варијантата на коронавирусот, сè поголем број европски земји повторно ја креваат одбраната и се обидуваат да ја поттикнат вакцинацијата.

EPA-EFE

Италија во четвртокот го следеше примерот на Франција, најавувајќи дека доказ за вакцинација или имунитет набрзо ќе биде задолжителен за низа активности, вклучувајќи престој во рестораните како и влез во места како сали за вежбање, базени, музеи и кино-сали.

Во Грција од минатата недела потврдата за вакцинација е задолжителна за секој кој сака да влезе во ресторани и барови, додека во десетина португалски општини на почетокот на јули беа воведени ограничувачки мерки за престој во рестораните за време на викендите.

„Делта варијантата е поголема закана од сите други соеви“, кажа италијанскиот премиер Марио Драги, објаснувајќи ја одлуката за воведување таканаречена зелена пропусница задолжителна за учествување во голем дел од јавниот живот.

„Зелената пропусница не е пожелен, туку неопходен услов за да не ја затвориме економијата. Без вакцинација, сите ќе мораме повторно да се затвориме“, кажа Драги.

Дневниот број на нови случаи на зараза се удвои за време на минатата недела, а во четвртокот достигна 5.057, додека во соседна Франција бројот на новозаразени на дневна основа достигна дури 22.000 во однос на 10.908 од 16 јули.

За разлика од претходните бранови на ковид, бројот на мртвите и хоспитализациите не растеше сразмерно со порастот на бројот на нови случаи, благодарение на масовната вакцинација од почетокот на годината.

Меѓутоа, бидејќи помалку од 54 отсто од возрасната популација се вакцинирани во Европската Унија, владите стравуваат дека ќе има уште десетици илјади жртви доколку вакцинацијата не се забрза.

Во неделата откако францускиот претседател Емануел Макрон на 12 јули најави построга употреба на здравствените пропусници, рекордни 3,7 милиони француски државјани се пријавија за вакцинација.

Регионалните гувернери во Италија исто така кажаа дека по обраќањето на Драги во четвртокот е забележан пораст на бројот на пријавените. „Мислам дека премиерот го постигна она што го сакаше“, кажа за Ројтерс Џовани Тота, шеф на северозападниот регион Лигурија.

Други европски држави исто така воведуваат мерки, во помала или поголема мера.

Унгарија вчера сооопшти дека вакцинацијата е задолжителна за медицинските работници во рамки на напорите на земјата да ја сузбие пандемијата, додека Малта претходно месецов стана првата земја во ЕУ која забрани влез за сите лица постари од 12 години кои не се целосно вакцинирани.

Откако првично ја отфрли употребата на ковид пасошите за домашна употреба, британскиот премиер Борис Џонсон кажа во понеделникот дека за влез во англиските ноќни клубови и други места на масовно собирање од септември ќе биде потребен доказ за целосна вакцинација.

Германија, која има една од најниски стапки на смртност од ковид по глава на жител во Европа, ја отфрли задолжителната вакцинација со објаснување дека тоа би ја поткопало довербата на јавноста во кампањата на имунизација.

Наместо тоа, најголемата европска економија се обидува да ги убеди скептиците и неодлучните со олеснет пристап до вакцини, како вакцинација без закажување и испраќање мобилни тимови во руралните области.

Усвојувањето поостар став не оди секогаш мазно, истакнува Ројтерс.

Иако Русија е под налет на третиот бран и регистрира стотици мртви секојдневно, Москва неделава мораше да се откаже од забрана за влез во кафулињата, рестораните и баровите без здравствена пропусница откако угостителите се жалеа дека таа мерка им ја уништува работата.

Во меѓувреме, гневот поради новите ковид правила во Франција предизвика национални протести, со 100.000 луѓе кои излегоа на улиците минатиот викенд, обвинувајќи ја владата за загрозување на правата.

„Не сум тука затоа што сум против вакцините. Тука сум за да ги бранам нашите слободи. Не можат да нè присилуваат да се вакцинираме“, кажа за Ројтерс Мохамед Букифа, 40-годишен пекар од Париз.

Бунт од такви размери нема во Италија, која е првата западна земја која се најде на удар на пандемијата и каде досега се забележани речиси 128.000 починати од ковид, најмногу по Британија.

„Јас сум екстремист кога станува збор за зелената пропусница“, вели Алберто Гаудино од Рим.

„Тоа е од апсолутна важност за нашиот квалитет на животот, за работата, за здравјето, и за да ја надминеме оваа ситуација. Глупаво е, едноставно глупаво, противењето на зелената пропусница“.

Легенда под Главна слика

EPA-EFE

Тешко е да се очекува дека ветото ќе биде туку-така тргнато. Дури и кога би се постигнал некаков договор, тоа би значело дека Македонија направила тешки и болни компромиси за да дојде до решение, имајќи ги предвид тврдите позиции на Бугарија.

повеќе

Лошите прогнози за инфлацијата и зголемувањето на цените на сите енергенси, не упатува кон еден заклучок - обновливите извори на енергија, заедно со вложувањето во самоодржливост и економијата на подарувањето сега се позначајни отколку кога и да е претходно.

повеќе

Неделава во Тирана за првпат 31 прехранбена и 6  дистрибутивни компании од регионов заеднички ќе настапат на саемот во организација на Коморскиот инвестициски форум кој го предводиме ние.

повеќе