„Европа тука има посебна одговорност“

Европа молчи додека Блискиот Исток врие

Додека ситуацијата на Блискиот Исток вриеше, а социјалните мрежи зуеја за страв од трета светска војна, практично беше невозможно да се геолоцира лидерката на новата Европска „геополитичка“ комисија, вели Политико.

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лаен, која рече дека сака да го направи блокот позначаен играч на светската сцена, првиот официјален коментар за ескалацијата на непријателствата меѓу Иран и САД го даде во понеделникот, повеќе од три дена откако влијателниот ирански генерал Касем Сулејмани беше убиен во напад на САД во Ирак, вели бриселскиот портал Политико.

„Европа тука има посебна одговорност“, рече Фон дер Лаен во изјавата објавена на веб-страницата на Комисијата. „Како што растат тензиите, Европа разговара со сите учесници“. Таа порача дека е неопходно да се запре „циклусот на насилство“ и го повика Иран да се придржува кон нуклеарниот договор, а одржа и специјална седница на колегиумот на комесари.

Сепак, нејзината реакција дојде предоцна, вели Политико.

„Прекинете го одморот и почнете да зборувате нешто“, рече еден дипломат, изразувајќи збунетост и разочарување поради отсуството на коментар од претседателката на Комисијата за Иран, како и за најавата на турскиот претседател Реџеп Ердоган една недела претходно дека ќе испрати воени сили во Либија.

Кризата на Блискиот Исток експлодира нешто повеќе од еден месец откако новата Комисија ја презеде функцијата и кога повеќето институции на ЕУ беа на празничен одмор. Млаката реакција на извршното тело на ЕУ е остар потсетник дека ќе мора жестоко да се потруди за да биде сериозно сфатено како геополитички играч.

Оваа драма, вели Политико, уште еднаш потсети дека ЕУ е пасивен набљудувач кога станува збор за сериозни воени судири, без разлика дали се случуваат на европскиот континент како што е случајот со Украина, веднаш преку Медитеранот како што е случајот со Либија или во поширокото соседство како американското убиство на Сулејмани во Ирак.

Ова, исто така, ја истакна постојаната борба на блокот да зборува од името на сите кога станува збор за надворешната политика - долгогодишен предизвик, кој Фон дер Лаен и Жозеп Борел, шефот на европската дипломатија, ветија дека ќе го решат.

Повеќедневната тишина на Урсула фон дер Лаен е во жестока спротивност со однесувањето на претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел, забележува бриселскиот портал. За разлика од Фон дер Лаен, Шарл Мишел во петокот издаде соопштение, неколку часа по нападот на САД, како и објава на Твитер во која повика да се прекине „циклусот на насилство, провокации и одмазди“.

Додека лидерите на ЕУ генерално повикуваа на мир, а Борел го покани иранскиот министер за надворешни работи Мохамед Џавад Зариф да дојде во Брисел на разговори, немаше значителна разлика во реакциите на поголемите европски метрополи - од кои ниту една не ја искоментира позитивно американската акција, со што би заслужила аплауз и пофалби од Вашингтон.

Најголемите европски сили, Германија Франција и Велика Британија - од кои сите имаат место во Советот за безбедност на ООН - беа принудени да одат по тенка дипломатска линија: да не го одобрат убиството, но и да не ја ускратат поддршката за Соединетите Држави, кои остануваат нивен клучен сојузник, а притоа да го задржат Вашингтон на своја страна и во исто време да не ја загубат шансата да го придобијат Иран и да го зачуваат нуклеарниот договор.

Британскиот министер за надворешни работи, Доминик Раб, ја наведе „агресивната закана што ја претставуваат иранските сили Кудс предводени од Касем Сулејмани“.

Германскиот министер за надворешни работи Хеико Мас издаде соопштение во кое рече дека Иран е одговорен за ескалирањето на тензиите што доведоа до напад врз Сулејмани, но го критикуваше и нападот нареден од Трамп. „Оваа постапка не го олесни процесот на намалување на тензиите“, рече Мас.

Во својата првична реакција, Франција се фокусираше на два главни проблеми во регионот: зачувување на можноста коалициските сили во Ирак да се борат против Исламска држава за целосно исполнување на својата мисија и обид да се спречат нови прекршувања на нуклеарниот договор од страна на Иран.

Првично, францускиот министер за надворешни работи Жан Ив ле Дријан избегна да го карактеризира нападот на САД кога зборуваше за „неодамнешните случувања во Ирак“. До неделата, француската позиција стана поексплицитна. Претседателот Емануел Макрон ја „истакна целосната солидарност со нашите сојузници изминативе недели соочени со напади на коалиционите сили во Ирак“, и „ја истакна потребата Иран да ги оконча активностите на силите Кудс и да се воздржи од воена ескалација што може дополнително да го дестабилизира регионот“.

Поострата реторика на Европа кон Иран дојде откако Помпео во петокот се пожали дека „Европејците не се толку корисни колку што тој би сакал да бидат“.

Најголемиот излив на солидарност Трамп го доби од седиштето на НАТО, каде што генералниот секретар Јенс Столтенберг во понеделникот свика итен состанок на Северноатлантскиот совет. На состанокот присуствуваше американскиот амбасадор во НАТО, а преку видеоврска присуствуваа и официјални претставници на Стејт департментот и на Пентагон.

„Соединетите Држави дадоа објаснување за акцијата против генералот Сулејмани. Имавме неколку излагања на претставниците на Стејт департментот и Пентагон, кои им објаснија на другите сојузници зошто ја презедоа оваа акција“, рече Столтенберг по состанокот.

Столтенберг во повеќе наврати истакна дека сојузниците во НАТО изразувале загриженост за непријателското однесување на Иран и остануваат посветени на улогата на Алијансата во меѓународната коалиција против ИСИС, како и за мисијата на НАТО во Ирак.

Сепак, и покрај изразите на солидарност, Столтенберг одби да го коментира убиството на Сулејмани. „Тоа е американска одлука“, рече тој. „Ова не е одлука донесена од глобалната коалиција или од НАТО. Меѓутоа, сите сојузници се загрижени за активностите на Иран во регионот“.

Во европската четврт во Брисел, ставот кон акцијата на Трамп е уште понејасен.

„Ние всушност не знаеме што да правиме“, рекол еден официјален претставник за Политико обидувајќи се да одговори зошто Фон дер Лаен не се огласила за време на празниците. Тој истакна дека Велика Британија и балтичките земји изразиле одреден степен на поддршка кон Соединетите Држави, кој очигледно не го делат другите земји-членки на ЕУ и дека тоа, меѓу другото, го потенцирало и „заглушувачкиот молк на Фон дер Лаен“.

Во разговор со новинарите на Политико дипломатот се пожалил дека Фон дер Лаен зборува за борба против климатските промени додека ЕУ дозволува нејзиното соседство да падне во „рацете на Турција и Русија и да ризикува ескалација на Блискиот Исток“.

Висок дипломат на ЕУ рекол дека кризата на Блискиот Исток го потенцира недостигот од меѓуинституционална координација во Брисел: „Пред сè, треба да ги доведеме во ред работите дома кога станува збор за односите меѓу Комисијата, Советот и Службата за надворешни работи“.

Токму кога Борел го издаде соопштението во кое се обидува да ја потенцира улогата на ЕУ во заштитата на нуклеарниот договор, иранските лидери најавија дека се повлекуваат од сите обврски на договорот, дополнително доведувајќи го во прашање опстанокот на договорот.

Официјалните лица велат дека молчењето на Фон дер Лаен ги затекнало и другите лидери на ЕУ, кои не сакале да пуштаат соопштенија пред шефицата.

Освен тоа, Комисијата реагираше бавно и на аспектите на конфликтот што не се однесуваат директно на нуклеарниот договор - вклучително и заканите со воена одмазда од страна на иранските лидери и заканата на Трамп дека ќе ги бомбардира културните локации на Иран.

Во еден момент, Лондон го предупреди Трамп против ваквите драстични чекори: „Постојат меѓународни конвенции што спречуваат уништување на културното наследство“, изјави во понеделникот портпаролот на премиерот Борис Џонсон.

Сепак, додека европските сојузници се обидуваат да се држат на дистанца од Трамп, постојат индиции дека многумина во Иран го сметаат целиот Запад за непријател, посочува бриселскиот портал.

„Додека илјадници лица во погребната поворка се збогуваа со Сулејмани, некои носеа слики од Макрон и германската канцеларка Ангела Меркел со нацртани мети, заедно со сличните слики на Трамп и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.“

Минхенската безбедносна конференција, која со децении служеше како силен симбол на силата на западното сојузништво, оваа година покажа дека јазот меѓу сојузниците е поголем од кога и да е.

повеќе

Време е да се почне да се размислува што може да значи тоа.

повеќе

Која е логиката на Заев и СДСМ со вчерашниот протест што од сега се гледа дека ќе им биде и наративот за целата кампања?!

повеќе