Балкан инсајт

Европа кон Балканот покажува трамповска нецивилизираност

Бриселскиот естаблишмент можеби со потсмев ги гледа суровоста и нецивилизираноста на Трамповата администрација, но во политиката на ЕУ кон Балканот нема многу цивилизираност, хуманост или принципи.

Во европските политички кругови од 2016 година стана модерно избирањето на Доналд Трамп да се смета за дефинитивен доказ за вродената зрелост и супериорност на европскиот политички естаблишмент.

Тоа е добро позната приказна, која обично ја споредува „цивилизираноста“ на Европа со вулгарноста, ксенофобијата и лажењето на Трамп, заедно со очигледната неспособност или неподготвеност на Конгресот - барем до оваа недела - да ги сузбие неговите напади врз уставниот поредок и владеењето на правото, пишува политичкиот аналитичар Јасмин Мујановиќ на веб-страницата Балкан инсајт.

Кога ситуацијата во САД ќе се спореди со хаосот во Британија, ЕУ делува како поразвиен систем. Проблемот е што ова не е вистинската слика. 

Авторот го наведува авторитаризмот во членките на ЕУ Полска и Унгарија, „алармантниот“ ефект на екстремната десница во Австрија, Германија и Италија, како и „бруталниот“ граничен режим воспоставен од ЕУ во Медитеранот.

Во процесот на формирање на новата Европска комисија, на Западен Балкан му се испраќаат „катастрофални и опасни“ сигнали, вели овој експерт за политиката на Југоисточна Европа, додавајќи дека тоа најдобро се гледа во примерот на назначувањето на Унгарецот Ласло Трочањи во ресорот за проширување.

Во балканските медиуми прво се споменуваше дека таа позиција е наменета за Хрватката Дубравка Шуица. Мујановиќ вели дека тоа било доволно алармантно затоа што Шуица не само што беше истакнат поддржувач на екстремнодесничарскиот блок во Европскиот парламент, туку и пратеничка што, заедно со соработничката Жељана Зовко, кариерата ја градеше ширејќи дезинформации, особено за домашната политика во Босна и Херцеговина.

Трочањи, пак, кој беше министер за правда во владата на Виктор Орбан, е надворешната слика на ЕУ и човекот што треба да биде пример за земјите кандидати. Тој не е застапник на демократијата, владеењето на правото ниту на човековите права - општествените столбови во чие поткопување помогна Орбан во Унгарија, се вели во коментарот.

„Ако Унгарија треба да им биде пример на кандидатите за членство во ЕУ од Западен Балкан, голем број од нив веќе требаше да бидат во блокот. Корупцијата, клиентелизмот, шовинизмот, владеењето на автократи - да не го спомнувам засолнувањето бегалци - сите овие суштински одлики на режимот на Орбан во голема мера се својствени за владите на Србија, Босна, Црна Гора, Косово, Албанија и Северна Македонија“, вели Мујановиќ.

Иако Европскиот парламент го одби назначувањето на Трочањи, штетата веќе е направена, вели тој, истакнувајќи дека Брисел веќе ја испратил пораката до политичарите како српскиот претседател Александар Вучиќ и лидерот на босанските Срби Милорад Додик.

„Пораката е дека реториката на ЕУ за правата и слободите, уставното владеење и транспарентноста е само тоа - реторика. ЕУ всушност нема намера потенцијално авторитарните режими да ги повика на одговорност“.

Веќе некое време е јасно дека проширувањето веќе не е на дневен ред, што и не е сосема неразумно затоа што повеќето земји од регионот не се подготвени за членство на краток рок, вели Мујановиќ.

Меѓутоа, продолжувањето на вистинскиот процес и архитектурата на проширување е клучно за одржување на стабилноста во проблематичниот регион и единствениот начин да им се помогне на демократските актери со тоа што ќе им се даде сигурен патоказ, смета тој.

Мујановиќ вели дека ЕУ зазела став проширувањето да запре и дека не ѝ е гајле за демократијата и владеењето на правото во Унгарија или во Западен Балкан.

„Кратковидната визија за иднината на Европа не се разликува многу од Трамповата хаотична, ксенофобична тирада на Генералното собрание на ООН оваа недела“, пишува Мујановиќ, истакнувајќи дека на ваквата визија ѝ недостигаат цивилизираност, смисла или хуманост.

„Тоа е исто толку политички кукавичлак како и прифаќањето на нелибералната, нативистичка ултрадесница“.

Мујановиќ заклучува дека со назначувањето на Трочањи, Комисијата јасно ги покажала своите вредности и квалитети, „кои многу малку се разликуваат од оние што ги пропагира простакот во Белата куќа“.

ЕУ, свесна за демократскиот дефицит на земјите од Западниот Балкан (но и останатите, претежно економски проблеми), како да тежнее кон формирање блиски, но и специфични односи со овој регион, без полноправно членство.

повеќе

Нарушени се човековите права и слободи, нема владеење на правото и правосудството, кои треба да бидат основа на процесот.

повеќе

Поентата на глобализмот е максимално економско вмрежување во десетици економски сојузи на секоја држава.

повеќе