ЕУ бара да не биде исклучена од американско-руските преговори за европската безбедност

Воениот конфликт околу Украина би бил катастрофален за Европа, поради што членките на ЕУ бараат да не бидат заобиколени, туку да се приклучат во преговорите меѓу САД, НАТО и Русија за можна реорганизација на безбедносниот систем во Европа, закажани од Вашингтон и Москва за јануари за да се отстранат загрижувачките тензии и тропањето со оружје околу Украина.

Фото: ЕПА

Високиот претставник на ЕУ, Жозеп Борел, во посебно соопштение предупреди дека „безбедноста на Европа е во опасност“ и нагласи дека ЕУ сака да биде вклучена во преговорите САД-НАТО со Русија со цел да ги „обезбеди сопствените европски интереси“, а Вашингтон рече дека го почитува тоа.

„Никој не сака да верува дека е можен оружен конфликт меѓу НАТО и Русија“, рекоа официјални лица од Советот на ЕУ во Брисел, но нагласија дека стравот од војна сѐ уште е опиплив, бидејќи НАТО рече дека не може да ги прифати барањата на Русија и „да се откаже од своите принципи, а тоа е дека Украина и сите земји се слободни да ги изберат своите сојузи“.

Од Вашингтон беше соопштено дека американските и НАТО-војниците нема да одат во Украина или Грузија за таму да се борат против руските војници.

Но суштината на конфликтот е во тврдењето на Русија дека Западот испраќа оружје и ја обучува украинската армија за удар на источните региони на Украина во Донбас, кои ги држат проруските бунтовници, чиј пораз би значел повлекување на непријателските сили до руските граници.

Рускиот претседател Владимир Путин се закани со „воено-технички мерки“ и побара од Западот да го запре ширењето на НАТО во Источна Европа и трупањето војници и ракети во близина на границите на Русија, додека командантот на НАТО во Европа, американскиот генерал Тод Волтерс, рече дека илјадници војници треба да се испратат во Бугарија и Романија.

Вашингтон се согласи да разговара со Москва за тоа како може да се обноват мирот и стабилноста на стариот континент, а Европејците се многу загрижени дека, како и во ерата на Студената војна и големите сили, договорите за судбината на Европа би можеле да се решат без нивните гледишта, а се најзасегнати.

Американската државна потсекретарка Викторија Нуланд рече дека „Путин со својот апетит да освојува сака да го обнови Советскиот Сојуз“, а московската политичка аналитичарка Нина Хрушчова објасни дека тоа е „премногу поедноставено затоа што Путин знае дека тоа е невозможно, но сака Русија да биде моќна, голема земја и центар на словенскиот свет“.

Во освртите на медиумите во ЕУ се укажува дека „Путин стана нетрпелив и сега бара гаранции напишани и потпишани од Западот“. Во некои коментари, тоа се поврзува со постојаните тврдења на Москва, кои Западот ги побива и нагласува дека тогаш ништо не било ветено, дека Американците и Западот го измамиле шефот на Кремљ Михаил Горбачов кога во 1990 година, пред колапсот на Советскиот Сојуз, „цврсто му ветиле“ дека НАТО нема да се шири во Источна Европа.

„Не стигнавме ние до нивните граници, тие ни ставија оружје на врата и како би реагирале сега САД кога ние тоа би го направиле на границата на Канада и на Мексико“, рече Путин.

Во прегледите на медиумите и аналитичарите во ЕУ, оценките и можните решенија тргнуваат од ставот на ирскиот весник „Ајриш индипендент“ дека е јасно дека Западот нема да се бори за земји што не се членки на НАТО и дека „стабилната, неутрална Украина би била од интерес на сите, па зошто тоа да не се каже јасно и гласно“. Но се доаѓа и до мислењето на полскиот весник „Жечпосполита“ дека „смирувањето не би спречило војна“ и сегашната тензија се споредува со „Минхенскиот договор“ од 1938 година и капитулацијата пред Хитлер и се вели дека „Западот не смее да го прави тоа што тогаш го правеа француската и британската влада“.

 

Меѓу другите членки на ЕУ, особено Полска, балтичките земји, Шведска и Романија, голема загриженост предизвика изјавата на американскиот претседател Џозеф Бајден дека, иако руската инвазија на Украина се смета за сериозна закана, во разговорите на Русија со Москва во јануари „ќе биде земена предвид руската загриженост во врска со НАТО“.

Сепак, иако поделени околу тоа каков став и мерки треба да се преземат кон Русија, која се закани со „воено-технички потези“ и бара Западот да го запре ширењето на НАТО во Источна Европа и трупањето војници и ракети во близина на руските граници, членките на ЕУ се убедени дека политичкиот дијалог, дипломатијата се единствениот начин да се намалат екстремно сериозните тензии во Европа. Тие наведуваат дека Русија е голем, моќен сосед, со кој сега постојат замрзнати големи економски врски.

Иако, според германскиот портал Дојче веле, имало знаци на конфликт во рамките на новата германска влада меѓу социјалдемократите, кои се за дипломатија и преговори со Москва, и „зелените“ - со став дека мора да ѝ се одговори остро на Русија, преовладеало она што се мисли и во Париз, Виена, Мадрид и во поголем дел на ЕУ, дека дијалогот сега е клучен за „обидот да се смири големата криза“, како што предочи шефицата на германската дипломатија од редовите на „зелените “ – Аналена Бербок.

Министерката Бербок гледа перспектива за Европската Унија да даде значаен придонес во решавањето на конфликтот со тоа што ќе ги врати Германија, Франција, Русија и Украина на преговарачка маса за спроведување на „Минскиот договор“ за решавање на украинската криза, обновување на дијалогот преку Советот на НАТО- Русија.

Но Москва стави до знаење дека, по долгогодишните рунди преговори и тврдења дека Киев подготвува воен напад врз Донбас, не верува дека „Минскиот договор“ може да се спроведе, бидејќи властите во Киев одбиваат да го сменат уставот и да им дадат гаранција на бунтовничките области со руско население Донбас и Луганск дека ќе добијат избори и автономија, па тогаш властите во Киев да можат да ја вратат контролата и над тамошната граница со Русија.

Властите во Киев бараат силите што им се лојални прво да ја заземат источната граница, за да видиме каква автономија може да им се даде на Донбас и Луганск.

Москва вели дека руските предлози нудат „военото или воено-техничкото сценарио на конфликтот да се претвори во политички процес“.

Но португалскиот весник „Обсервадор“ го заокружува мнозинското мислење во ЕУ дека „Путин на ниту еден начин нема да покаже слабост и јасно е дека треба да се почитуваат руските интереси, а таа грешка со понижување на Русија направена во 1990 година не смее да се повтори.“

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Со фактот што Европа продолжува да плаќа милијарди долари за рускиот гас секој месец, таа и понатаму игра онака како што свири Кремљ, покажувајќи на тој начин дека е заробеник на сопственото задоволство.

повеќе

Грејната сезона заврши во месец април како и секоја година, но последнава беше со многу проблеми кои произлегоа од енергетската криза, од војната во Украина и генерално од светската економска криза.

повеќе

Откривањето на минатото ни помага многу да ги научиме изненадувањата на иднината.

повеќе