Етиопија е на работ на граѓанска војна

Една година откако ја доби Нобеловата награда за мир, премиерот на Етиопија Абиј Ахмед испрати војска да реагира во регионот Тиграј. Земјата е на работ на граѓанска војна, која не само што би го загрозила нејзиниот економски развој и опстанок, туку и би можела да го дестабилизира целиот Рог на Африка, стратегискиот регион што е еден од најтурбулентните делови на светот.

EPA-EFE

Етиопискиот премиер пред едвај една година доби светски пофалби со Нобеловата награда за мир поради договорот со соседна Еритреја и демократските реформи по повеќедецениската репресија во таа земја. Во средата на 4 ноември, Абиј покажа радикално поинакво лице со најавата за опсежна воена операција против еден од етиописките региони, пишува Њујорк тајмс.

Воинствената декларација го разбранува регионот будејќи стравови дека Етиопија одненадеж лизга кон деструктивна граѓанска војна, додека вниманието на светот е фокусирано на американските претседателски избори. Набрзо откако во областа Тиграј беа прекинати интернет и телефонските врски, Абиј најави дека таму распоредува војска и воведува вонредна состојба, практично изолирајќи ја областа од остатокот на Етиопија.

Премиерот на Етиопија кажа дека неговиот потег го изнудиле лидерите во Тиграј тврдејќи дека ја „поминале последната црвена линија“. Абиј го обвини Тиграјскиот народен ослободителен фронт (ТПЛФ), кој управува со регионот, дека организирал напад врз важна база на етиопската војска, со цел да ја грабне артилеријата и друго оружје.

Абиј доби пофалби за обидот за модернизација на земјата, со дозволување поголеми слободи и амбициозна програма за економски раст, но аналитичарите и дипломатите, како што пишува Њујорк тајмс, сега предупредуваат дека неговиот обид да ја зацврсти моќта е коцкање со висок влог кое ризикува Етиопија, како главна на Рогот на Африка, да ја воведе во период на неизвесност и насилно превирање со потенцијално катастрофален резултат.

Одделни аналитичари предупредуваат дека Етиопија е во опасност да се распадне како Југославија во 90-тите, укажува весникот и додава дека загриженоста се проширила и во Обединетите нации кои изразија вознемиреност и се заложија за моментална деескалација.

Повеќемесечни тензии

Со ангажирање на оружените сили ескалираа и тензиите кои со месеци тлееја меѓу премиерот на Етиопија и владејачката партија во Тиграј, пишува Тајмс, истакнувајќи дека Етиопија е на раб на граѓанска војна откако премиерот г испрати војниците да одговорат на наводниот напад на сепаратистичките сили врз воената база.

Тигрејците се пет отсто од 110 милиони жители на Етиопија, но веќе долго имаат значително влијание во земјата, објаснува Тајмс. ТПЛФ доминира со политиката и безбедносните сили од 1991 до 2018 кога беше избран Абиј, по што ослабе моќта на таа партија, што доведе до тоа некои сменети тиграјски политичари да сметаат дека се прогонувани.

Додека стигнуваат извештаи за борбите во главниот град на Тиграј, лидерот на регионот Дебретсион Гебремихаел кажа дека владата на Абиј се обидува да ги казни локалните функционери за организирање на изборите за регионот во септември, наведува Тајмс, укажувајќи дека изборите биле одржани и покрај одлуката на централната влада да се одложат сите гласања поради пандемијата на ковид-19.

Властите во Тиграј тврдат и дека северната команда на федералната војска, која е стационирана во регионот, пребегнала на нејзина страна. Во таа област е сместен голем дел од персоналот и опремата на федералната војска, што е наследство од бруталната војна со Еритреја во 1998-2000.

Судирот на северот на Етиопија е еден од неколкуте регионални конфликти кои се закануваат да ја растурат земјата која се наоѓа во еден од најтурбулентните региони во светот. Амнести интернешнал во неделата, 1 ноември, извести дека најмалку 54 лица од етничката група Амхара биле убиени во напад врз училиште во западниот регион Оромија.

Закана за економскиот развој

Судирот во Тиграј би можел да ја дестабилизира една од економските развојни приказни во Африка која најмногу ветуваше, пишува Фајненшал тајмс, укажувајќи дека Етиопија, иако се поврзува со гладот од 80-тите, станала извор на надеж на континентот.

Под претходната коалициска влада, која владееше со земјата 27 години до 2018, економијата бележеше раст од речиси 10 отсто годишно околу две децении. Иако Етиопија е сѐ уште сиромашна, годините на раст ги трансформираа нејзините перспективи, подобрувајќи ги инфраструктурата, здравството и образованието, со развој на можностите да дојде до статус на земја со среден доход.

Економскиот ќар од реформите, меѓутоа, би можел да биде доведен во опасност од судирите, оценува ФТ. Владата на Абиј предложи успешниот развоен модел во кој доминира државата да се прилагоди со отворање кон приватниот капитал, но со етничките тензии странските инвеститори веројатно ќе причекаат со вложувањата.

Пошироки последици

Етиопија која со 110 милиони жители е втората најбројна африканска земја, е и најважната сила на Рогот на Африка, истакнува Фајненшал тајмс со предупредување дека оружен судир во таа држава би можел да пренесе нестабилност низ регионот.

Бидејќи Етиопија доминира со Рогот на Африка она што се случува во таа земја често влијае и на случувањата во Сомалија, Јужен Судан и Еритреја, која се граничи со Тиграј.

Етиопија е и во спор со Египет околу изградбата на Браната на големата етиописка ренесанса за која Каиро тврди дека претставува егзистенцијална закана со својот потенцијал да го смени текот на Нил, од кој тој зависи.

И Волстрит џурнал оценува дека ескалација на тензиите на федералната влада со една од најмоќните етнички групи во земјата би можела да одекне низ стратегиски важниот регион на Африка.

Како втора земја по големина во Африка според бројот на жители Етиопија има една од најмоќните воени сили во регионот и нејзините трупи, како што укажува американскиот весник, во соседна Сомалија се борат против екстремистите на терористичката група Ал шабаб.

Интерниот судир во Етиопија би можел да го одврати вниманието, а со тоа и војската, од борбата со Ал шабаб и со тоа да го дестабилизира регионот, во кој, покрај бунтот во Сомалија, Јужен Судан излегува од граѓанска војна, а Судан продолжува да се соочува со наследството на урнатиот долгогодишен автократ Омар ал Башир, оценува Волстрит џурнал.

Легенда под Главна слика

EPA-EFE

Во САД и некои други земји, припадниците на загрозените расни и етнички малцинства имаат пократок животен век од просечниот, и поради тоа не се доволно застапени меѓу оние за кои најмногу се очекува дека ќе починат од ковид-19.

повеќе

Предвидувањата за тоа дека ќе дојде денот кога Бугарија ќе ги искористи пасошите кои Софија така лесно им ги даваше на македонските државјани почнуваат да се остваруваат.

повеќе

Реакцијата на семејството и блиските во однос на пандемијата е пресуден фактор кој влијае на емотивната состојба, размислувањата и однесувањето на младите.

повеќе