Инвазијата во Нормандија

Еротска авантура и гумени тенкови: помалку познати факти за Денот Д

На 6 јуни 1944 година повеќе од 150 илјади сојузнички војници тргнаа во инвазија на северниот француски брег, почнувајќи го ослободувањето на Франција од нацистичката окупација. Денот Д е запаметен како пресвртница во Втората светска војна. Франс прес дава неколку помалку познати факти за „најдолгиот ден“.

Еротска авантура

„Кога дојдоа Германците, им кажавме на мажите да се кријат. Но кога дојдоа Американците, моравме да ги криеме жените!“

Овој француски виц се однесува на „еротската авантура“ што американската војска им ја ветила на своите војници што се бореле во Франција, вели историчарката Мери Луиз Робертс во својата книга „Што прават војниците: сексот и американските сили во Франција во Втората светска војна.“

Американската пропаганда ја осликуваше Франција како „огромен бордел во кој живеат 40 милиони хедонисти“. Читателите на американскиот воен весник „Ѕвезди и пруги“ можеа да ги научат француските фрази за „многу си убава“, „не сум женет“ и „дома ли ти се родителите?“, додека во рубриката за германски јазик имаше фрази како „нема цигари!“ или „во строј!“, објаснува Робертс.

Американскиот промискуитет предизвика гнев кај локалното население во градовите како Авр и Ремс, каде што сексуални акти „се случуваа во парковите, на гробиштата, на улиците и во напуштените згради“.

На повеќе од 150 американски војници им се судеше за силување. Повеќето од осудените беа црни, вели таа, поради што француските цивили беа шокирани од „американската расна неправда“.

 

Страв од пораз

Додека се приближуваше Денот Д, сојузниците сè повеќе се подготвуваа за најлошото. Врховниот командант на сојузничките сили во Европа и иден претседател на САД, Двајт Ајзенхауер, во соопштение од 5 јуни, насловено „Во случај на неуспех“, напиша дека „...вината ќе падне само на мене“.

„Мојата одлука да нападнеме во тоа време и на тоа место беше заснована на најдобрите достапни податоци... Пешадијата, авијацијата и морнарицата даваат сè што можат да дадат храброста и посветеноста кон задачата.“

Сојузничките сили брзо стекнаа контрола над пет точки по должината на 80-километарскиот фронт, на плажите со кодни имиња Јута, Голд, Џуно и Сорд. Но на Омаха, петтата плажа, големите жртви ѝ го дадоа на плажата тажниот прекар - „Крвава Омаха“.

Високите карпи на Омаха беа предност за Германците. Американците се најдоа до појас во немирното море додека бурните води го потопија десантниот брод, а некои и се удавија. Од 34.000 испратени Американци, 2.500 беа убиени или ранети.

Некои падобранци се удавија во „катастрофалните“ скокови, вели францускиот историчар Жан Келиан, автор на „Битката за Нормандија“. Опремата тешка 30 до 40 килограми ги повлекуваше под вода во длабоките мочуришта.

 

Гумени тенкови

„Лажните вести“ можеби се сметаат за модерна појава, но Британците водеа измамничка кампања, со кодно име Операција Храброст, за да се обидат да ги измамат Германците дека сојузниците планираат да нападнат во Скандинавија, а потоа во француската област Кале, наместо во Нормандија.

Гумени тенкови беа поставени на британскиот брег наспроти Кале, а беа користени метални мамки за германските радари да мислат дека големи сили се спремаат да слетаат кај Кале. Лажни радиопораки им беа пуштани на германските разузнавачки служби.

Дури и по слетувањата на Денот Д на 6 јуни, Германците веруваа дека се планираат втор бран напади во регионот на Кале. Хитлер на крај им нареди на германските сили да се приклучат на фронтот во Нормандија.

 

Индијански шифранти

Смислувањето и пробивањето на шифрирани пораки ќе траело премногу долго за време на инвазијата, а пораките биле лесно разбирливи за еден Германец што знае англиски и е на истата бранова должина. Американците, наместо тоа, користеле индијански „шифранти“, особено Команчи, кои комуницирале на својот домороден јазик.

Џон Паркер, син на „шифрантот“ Симонс Паркер, се сеќава дека „бомбардер“ било преведувано како „бремена птица“.

Тој вели дека татко му му кажал дека на јазикот на Команчите „лудиот бел човек“ значело Хитлер.

 

Инвазија во... Индонезија

Во декември 2018 британската Кралска пошта се извини откако објави комеморативна поштенска марка по повод 75-годишнината од Денот Д, но на која се гледаа американски војници што слетуваат во Индонезија, тогаш позната како Холандска Нова Гвинеја.

„Најискрено се извинуваме“, соопшти Кралската пошта.

Објавено

Понеделник, Јуни 3, 2019 - 20:00

САД денес остануваат држава со најнапреден систем на високо образование во светот, со најголем број на научни публикации, инвестиции во наука, патентирање на иновации и на добитници на Нобелова награда.

повеќе

(Реакција на колумната на Наум Кајчев, „За Гологанови и нашата заедничка историја“, 15 септември 2019, МКД.мк)

повеќе

Деликатна јазична авантура е ако се излезе од основното и утврдено значење на зборовите и се прејде во сферата на жаргонот и колоквијалноста.

повеќе