Со прогласувањето на Аја Софија за џамија

Ердоган се обидува со религијата да го сврти вниманието од проблемите

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган живее во палата со 1.100 простории, опкружен е со советници, членовите на семејсвото ги именува на високи позиции, но не сака да го споредуваат со султан. Сепак, Ердоган вчера ја прогласи Аја Софија за отворена за муслиманските молитви како џамија, откако највисокиот суд во земјата ја прогласи за незаконска одлуката на основачот на модерна секуларна Турција Мустафа Кемал Ататурк поранешната црква да биде претворена во музеј.

EPA-EFE

Набрзо по прогласувањето, првиот повик за молитва се слушна од Аја Софија и беше емитуван на сите главни канали во Турција, откако Ердоган ги отфрли меѓународните повици да не го менува статусот на градбата стара 1.500 години која ја почитуваат и христијаните и муслиманите.

Исламистите во Турција веќе подолго време повикуваат Аја Софија да биде повторно претворена во џамија, но припадниците на секуларната опозиција се противеа на тој потег.

„Донесена е одлука управувањето со Аја Софија да му се предаде на Директоратот за верски прашања“, се наведува во одлуката што ја потпиша Ердоган, кој во текот на 17-те години колку што е на власт се обидува да го врати исламот во турската мејнстрим политика.

Според британски Економист со овој потег Ердоган се обидува да го сврти вниманието од економијата, која сега се подготвува за втората рецесија во последните две години, и да ја врати клекнатата популарноста на неговата партија АКП.

„Живееме со влада која ги потроши сите свои адути“, кажа за Економист Соли Озел од универзитетот Кадир Хас. „Единственото нешто што можат сега е да играат на картата на религијата и национализмот“.

Истражувањата покажаа дека големо мнозинство од Турците го поддржува претворањето на Аја Софија во џамија, меѓутоа, голем дел од нив исто така сметаат дека владата таа тема ја користи за да го сврти вниманието од поважните проблеми. Одделни аналитичари веруваат дека Ердоган се подготвува за вонредни избори, две години по претходните.

Тоа исто така би го објаснило и порастот на репресијата по паузата додека Турција се соочува со епидемијата на ковид-19. Во последните месец дена тројца опозициски пратеници и двајца новинари се уапсени под обвиненија за шпионажа и тероризам, а четворица активисти за човекови права, вклучувајќи двајца од Амнести интернешнал, се осудени на затворски казни од две до шест години.

Властите им се нафрлија и на неколку опозициски телевизиски канали со привремена забрана за емитување и затворија универзитет поврзан со поранешниот премиер кој сега е еден од Ердогановите политички ривали. Карантинот заврши. Офанзивата е повторно во тек, пишува Економист.

Ердоган има наследство кое сака да го зацврсти. Владата и нејзините верски поддржувачи ерата на Ататурк од 1920-тите ја сметаат за „вакум“ во турската историја, вели Селим Кору од организацијата Тепав во Анкара. „Преобраќањето на Аја Софија става точка на тој вакум“.

„Ердоган ги преплави турскиот јавен простор, образовната политика и владата со еден вид конзервативен ислам, а Аја Софија е крунскиот момент на Ердогановата религиска револуција која се одвива во Турција повеќе од десет години“, вели за Ројтерс Сонер Џагаптај од Институтот Вашингтон.

„Исто како што Ататурк пред речиси 100 години на Аја Софија ѝ го одзема статусот на џамија за да ја истакне посветеноста на својата секуларна револуција, за да ја тргне религијата од политиката, Ердоган сега го прави сосема спротивното. Тој ја враќа зградата во џамија за да ја истакне својата верска револуција“, вели Џагаптај.

Сето тоа има висока цена за репутацијата на Турција во странство како релативно отворено муслиманско општество и врз нејзините односи со сојузниците. Руската православна црква соопшти дека жали што судот не ги земал предвид нејзините приговори при донесувањето на одлуката и предупреди дека може да предизвика големи поделби.

Претходно, вселенскиот патријарх Вартоломеј, духовниот лидер на околу 300 милиони православни христијани низ светот со седиште во Истанбул, кажа дека враќањето на статусот на џамија би ги разочарало христијаните и би предизвикало раздор меѓу Истокот и Западот.

И шефот на американската дипломатија Мајк Помпео и Грција претходно повикаа да се задржи статусот на музеј.

Меѓутоа, можеби сето тоа и е дел од Ердогановиот план, наведува Економист. Добра кавга со странските сили овие денови добро минува во Турција. Сепак, весникот заклучува дека штетата која Ердоган со оваа одлука го нанесе на имиџот на својата земја може да биде непоправлива.

Легенда под Главна слика

EPA-EFE

Овогодинешниот процес во одлучување по конкурсот за финансирање на проекти за игран филм е селективен, корумпиран и компромитиран,

повеќе

Во споредба со 2019 година, просечното време поминато на социјалните медиуми во 2020 година се зголеми за рекордни 100% на сите платформи.

повеќе

Ковид-19 може да нѐ научи битни лекции за животот - дека почитта кон другите човечки суштества не е во честа која им ја даваме со пружање рака и тапкање по грбот, туку во суштинската грижа за нивната добробит и здравје.

повеќе