Вонредни избори во Турција

Ердоган сака да го надмине Ататурк и да владее до 2023 година

Во Турција во недела се одржуваат вонредни парламентарни избори во контекст на сѐ поголема поларизација на општеството, политичка нестабилност и сѐ потешка безбедносна состојба, пишуваат светските агенции.

Популарноста на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган е во слободен пад, и, иако ја менува тактиката, резултатот од изборите најверојатно нема да го смени односот на силите на политичката сцена па неговата владејачка Партија на правдата и развојот (АКП) за првпат во својата историја најверојатно ќе мора да ја дели власта, ако воопшто учествува во неа.

Повеќето анкети покажуваат дека АКП, партија со исламистички корени која доминираше во турската политика 13 години сѐ додека на изборите во јуни годинава не го изгуби апсолутното мнозинство во парламентот, на изборите во недела на 1 ноември повторно нема да добие доволно гласови за сама да формира влада.

АКП во јуни доби 40,87 отсто од гласовите и 258 пратенички места, а за мнозинство му се потребни 276 од вкупно 550. Коалициските преговори не успеаја па Ердоган свика нови избори во надеж дека овојпат ќе добие доволно гласови за АКП да владее сама, што ќе му овозможи да ги зголеми своите овластувања.

61-годишниот Ердоган, имено, сака да воведе претседателски систем по примерот на САД и да владее барем до 2023 година, 100-годишнината од секуларната република, во надеж дека во историјата ќе остане запаметен како еднакво голем или уште поголем турски лидер од Мустафа Кемал Ататурк, основачот на современа Турција.

Турскиот премиер Ахмет Давутоглу очекува АКП да добие 44 или 45 отсто од гласовите, и на тој начин да има надеж дека ќе избегне формирање коалиција. „Ако постои план А, не сакам да зборувам за планот Б“, кажа тој во интервју за Ројтерс, одговорајќи на прашањето дали е спремен да ја дели власта со опозициската Републиканска народна партија (ЦХП). „Нивната единствена надеж можеби е коалицијата, но нашата цел е еднопартиска влада“, кажа Давутоглу.

Инвеститорите, западните сојузници и дел од гласачкото тело смета дека коалициска влада е токму тоа што ѝ треба на земјата за на влста да останат искусни политичари за да ги зауздаат авторитарните амбиции на Ердоган.

Ердоган ја смета ЦХП, која ја основал Ататурк, за бастион на секуларисти чиј елитистички менталитет го обвинува за речиси сѐ што не чини во земјата.

Но за клучните политички прашања, како што се потребта за економски реформи, приближување кон Европската Унија и решавањето на курдскиот бунт на југоистокот на земјата, овие две партии имаат многу заеднички нешта.

Претседателот на ЦХП Кемал Киличдароглу во интервју за Ројтерс кажа дека е спремен да ги продолжи преговорите со АКП, обвинувајќи ги за претходниот неуспех Ердоган и Давутоглу.

„Ќе ги видиме резултатите од изборите и ќе дадеме сѐ од себе за да се формира влада“, вели тој. ЦХП на изборите во јуни беше на второто место со 25 отсто од гласовите. „Турција не може да поднесе нови избори. Новите избори би ја уништиле довербата на народот во политиката“.

Ердоган доминираше во претходната кампања, силно лобирајќи за АКП и јакнење на своите овластувања. Многумина сметаат дека токму тој е одговорен за падот на популарноста на партијата, бидејќи со својата авторитарност одбил дури и некои долгогодишни поддржувачи.

Анкетите покажуваат дека повеќе од половината Турци за Ердоган имаат негативно мислење, а само 39 отсто позитивно.

Тој затоа сега ја смени тактиката. Иако во своите јавни настапи и понатаму не ја штеди опозицијата од критики, главно не се меша во кампањата и веројатно нема да бара уште едни избори доколку изборите во недела, четврти во земјата во нешто повеќе од 18 месеци, бидат слични на јунските.

Но тоа не значи дека ќе се откаже од амбициите, кои воопшто не ги ни крие. Повторно ќе ги влече конците во коалициските преговори, ќе влече кон соработка со националистичката МХП наместо кон договор со ЦХП која може да му ги заузди амбициите и може повторно да го постави прашањето за корупцијата меѓу неговите најблиски соработници.

„Не паднав на ова место од небото“, изјави неодамна Ердоган. „Бев премиер единаесет и пол години. Некои проекти сѐ уште се спроведуваат. Наша должност е да ги завршиме“, пренесува Франс прес.

Ако на АКП до апсолутно мнозинство пратенички места повторно ѝ недостигаат многу гласови како во јуни, коалицијата ќе биде речиси неизбежна. Но ако таа разлика биде помала, Ердоган можеби ќе се обиде да формира малцинска влада, потпирајќи се на поддршката на помалите опозициски партии во донесувањето на одделни закони.

Но, коалициските влади не се покажаа како успешни во Турција и многумина во владејачките кругови се сомневаат дека тоа ќе се смени. Тоа може да го отвори патот до повторен подем на АКП, заклучува Ројтерс.

Законот за високо образование јасно и прецизно ја пропишува постапката за избор во наставно-научни и соработнички звања на високообразовните институции во нашата држава-Македонија.

повеќе

На три месеци пред избори, Владата носи закони и уредби со катастрофални последици по граѓаните, што е просто неверојатно.

повеќе

ДУИ, која по конфликтот го вееше албанското црвено - црно знаме, потоа синото, на следните избори ќе го вее зеленото.

повеќе