Ал џезира

Ердоган на Балканот: нов отомански поход?

Враќањето на историските империи одамна е омилена тема во написите на западните експерти за Балканот. ЕУ, раскината од кризи, го губи тлото под нозе, ни рекоа, а овој јаз го пополнуваат Русија и Турција.

За „неоотоманизмот“ зборуваат сите, додека пак доктрината на Ахмет Давутоглу „Стратегиска длабочина“, која промовира проактивна надворешна политика инспирирана од турското империјално наследство, е преведена на речиси сите балкански јазици. Не недостигаат клеветници, кои верглаат за геополитичките аспирации на Анкара и за повторното воспоставување врски со локалните муслимански заедници. Дури и американските дипломати изразија загриженост за турските „амбиции“ на Балканот.

Но во посетата на претседателот Реџеп Таип Ердоган на Србија тешко е да се најдат неоотомански „амбиции“. Србија е далеку од историски сојузник, благо речено, и нималку не страда од носталгија по османлиските султани (и покрај популарноста на „Величествениот“, турска ТВ-серија за Сулејман Величествениот).

Посетата има многу попрагматична цел. Дванаесет нови договори беа потпишани со српската влада, а беше надграден и договорот за слободна трговија што двете земји го склопија во 2009. Заедно со претседателот Александар Вучиќ, Ердоган вети дека ќе го унапреди годишниот трговски промет меѓу двете земји од 800 милиони долари на 1 милијарда долари. Според својата големина, Србија е најважниот пазар на Турција во поранешна Југославија, многу повеќе од сродните земји, како што се Босна или Косово.

Целта на ова не е да се негира улогата на исламот и на отоманското минато. Патувањето на Ердоган во областа со муслиманско мнозинство Санџак на 11 октомври ја потврдува неговата улога како лидер на заедница што ги надминува границите на турската република. Нови Пазар, главниот град на регионот Санџак, поделен помеѓу Србија и Црна Гора, беше покриен со билборди со лицето на турскиот претседател и со „хосгелдиниз“ („добредојде“ на турски) со големи букви.

„Тито ни дојде само еднаш. Ова на Ердоган му е вторпат“, изјави еден локален жител за Ал џезира Балкан. „Нема семејство во Нови Пазар без некој роднина што живее во Турција“.

Меѓутоа, главната грижа на Ердоган во посетата на Санџак е неговата војна против прогонетиот свештеник Фетулах Ѓулен, поранешен сојузник, кого го обвини за организирање на обидот за државен удар во јули 2016 година. Ѓуленистичката мрежа, која сега Анкара ја смета за терористичка организација, има голем број училишта и хуманитарни организации низ поранешна Југославија, меѓу кои и во Нови Пазар. Мрежата порано беше извидница на турската мека сила во странство, но сега турската влада се обидува да ја уништи, без разлика дали во Босна, во Грузија или во Централна Азија. Пораката на Ердоган во Нови Пазар е јасна: Санџак е мој крај, а не на Ѓулен.

Вчудовидувачко е тоа што Ердоган си најде партнер во Александар Вучиќ. Српскиот претседател занаетот го печеше во ултранационалистичката Радикална партија во 1990-тите и служеше како министер за информации на Слободан Милошевиќ. Но сега тој е гласот на прагматизмот: „Ова не е 1389. Србија и Турција се пријателски земји“, рече тој, наведувајќи ја годината на Косовската битка помеѓу српските сили и освојувачката османлиска војска.

Вучиќ сега е приврзаник на интеграцијата во ЕУ, негува врски и со НАТО и со Русија, носи инвестиции од Заливот, па дури беше и домаќин на годишниот самит на Кина и земјите од Источна Европа (т.н. иницијатива 16+1). Турција е само уште едно перо во шеширот на Вучиќ; разноликоста на неговата надворешна политика потсетува на ерата на Јосип Броз Тито.

Цената на ангажирањето со Турција е минимална. Националистите во Србија им се радуваат на кавгите на Ердоган со САД и ЕУ и на процветаното пријателство со Путин. Оние што укажуваат на вознемирувачките паралели меѓу тактиката на Вучиќ и авторитарните начини на Ердоган едноставно се игнорираат.

Турција се смета за партнер, а не за закана, бидејќи се чини дека нејзиното влијание е пренапумпано. Во 2009-10 година, министерот за надворешни работи Давутоглу имаше амбиции да стане главен медијатор на Западен Балкан, особено во Босна. Тринасочната иницијатива за која тој се бореше заедно со своите врсници од Белград и Сараево сè уште е жива, но нејзиното влијание е симболично.

Турција сега е главно фокусирана на Сирија и на Блискиот Исток, извори на најалармантните проблеми. Балканот во најдобар случај е „оставен за после“, иако разграноците на партијата на Ердоган АКП се најдоа на изборите во Македонија и Бугарија. Давутоглу, кому регионот му беше слабост, кој му стана пријател на поранешниот српски министер за надворешни работи Вук Јеремиќ, а летните одмори ги поминуваше на Косово, сега е во пензија, а никој друг не сака да работи на односите со балканските држави. Иако турската посета на Ердоган накратко е во центарот на вниманието, малку е веројатно дека ќе го зајакне интересот на Турција на долг рок.

Посилните врски со Србија, без сомнение, се бонус за Турција, во време кога некогаш модерната доктрина за „нула проблеми со соседите“ одамна е заборавена. Но тие не успеваат да станат важен фактор ниту за Анкара, ниту за Западен Балкан.

Автор: Димитар Бечев

Извор: Ал џезира

Пораката на амбасадорот Бејли среде Скопје, јас не ја сфатив како шлаканица врз ДИК и нивните неодговорни членови (за наша несреќа едногласни во мислите и менталната матрица)!

повеќе

Дипломатијата е уметност невозможното да го направите возможно (Ш.-М. Талеиран).

повеќе

Односите меѓу Грција и Македонија се на клучна точка, вели Катимерини и со ѕвездички дообјаснува дека употребата на терминот „Македонија“ е на авторот и дека не го одразува ставот на весникот. Сепак се чини ова е првпат грчкиот весник да нè напише со уставното име.

повеќе