За Турција да ја укине блокадата за Финска и Шведска

Ердоган е најголемиот победник на самитот на НАТО

Реџеп Таип Ердоган како претседател на Турција не се воздржува да игра остро за да го добие тоа што го сака во меѓународната политика. Неговата одлука од минатиот месец да ги препне Финска и Шведска на патот кон НАТО и тоа во момент на голема закана од Русија е и вџашувачка и ефикасна, пишува Економист.

EPA-EFE

Во вторникот, кога лидерите на НАТО се собраа на самитот во Мадрид, Ердоган со овации од останатите лидери беше награден за тоа што се согласи да дозволи влез на двете земји во западниот воен пакт. „Фантастична вест на самиот почеток на НАТО самитот“, објави на Твитер британскиот премиер Борис Џонсон.

Во заедничкиот меморандум со Турција, двете нордиски држави ветија „непоколеблива солидарност и соработка во борбата против тероризмот, во сите облици и манифестации“. Исто така ветија дека нема да ја поддржуваат Работничката партија на Курдистан (ПКК), радикалната курдска група која со децении води бунт против Турција, курдската милиција во Сирија Народни заштитни единици (ИПГ), како и мрежата на свештеникот Фетулах Ѓулен за која Анкара тврди дека стои зад обидот за пуч во 2016 и која ја окарактеризира како терористичка организација со кратенка ФЕТО.

Финска и Шведска во замена за поддршката на Анкара исто така се согласија да го укинат ембаргото на оружје на Турција и да се „позанимаваат“ со барањата на таа земја за екстрадиција на осомничените терористи „експедитивно и темелно, во согласност со Европската конвенција за екстрадиција“.

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг со недели неуморно работеше на надминувањето на спорот меѓу Турција и нордиските држави, кој се закани да фрли сенка врз самитот во Мадрид. „Ниеден сојузник не претрпел побрутални терористички напади од Турција“, кажа тој. Економист истакнува дека на Столтенберг му помогнаа и други сојузнички, пред сите Соединетите Американски Држави кои не се експонираа, но најверојатно ја предупредија Турција дека го ризикува нејзиното барање за нови ловци Ф-16 да биде блокирано во Конгресот.

Само еден ден откако Анкара се откажа од правото на вето за влегувањето на Шведска и Финска во НАТО, владата на Бајден ја поддржа продажбата на борбените авиони на Турција. Ројтерс потсетува дека Турција во октомври поднесе барање за купување 40 авиони, а Вашингтон досега не се изјасни јавно за продажбата освен изјавите дека секој вид оружје мора да ја мине неопходната законска процедура.

Продажбата на американското оружје на НАТО сојузничката Турција стана спорна откако Анкара купи руски одбранбени ракетни системи, што доведе до американски санкции и исфрлање на Турција од програмата за авионите Ф-35.

Американскиот претседател Џо Бајден, зборувајќи пред состанокот со Ердоган во Мадрид, ги пофали напорите на турскиот лидер да се постигне договор со нордиските земји. „Сакам особено да ви се заблагодарам за ова што го направивте“, кажа Бајден.

Доколку договор меѓу Турција и нордиските држави не беше постигнат, тоа ќе поттикнеше приказни за „поделба на НАТО“ што ќе се сметаше за победа на Путин, објави на Твитер Иво Далдер, поранешниот американски амбасадор во НАТО. Тој наведе дека „постигнувањето на договорот било суштинско. Им беше битно на Бајден и на другите. На крајот и на Турција“.

НАТО потоа официјално им упати покана на Финска и Шведска, но тие две земји можеби ќе мораат да минат уште пречки до членството во воениот пакт, а некои критичари велат дека договорот ѝ врачил на Турција надворешнополитичко вето.

„Шведска повторно може да има проблеми со Турција. Ако Турција не е задоволна од тоа како Шведска го исполнува својот дел од договорот, турскиот парламент повторно може да ја блокира Шведска“, објави дневниот весник СвД.

Аминех Какавабех, независна шведска пратеничка и поранешен курдски борец од која повеќе пати зависеше опстанокот на социјалдемократската влада во парламентот, оцени дека ова е „црн ден за шведската надворешна политика“.

„Ова врши голем притисок на луѓето кои бараат азил и засолниште во оваа земја, но повеќе не се чувствуваат безбедно бидејќи Шведска тргува со нивните основни права“, кажа таа.

Загриженоста пред сè се однесува на курдските дисиденти кои живеат во Шведска и Финска и на тоа дека договорот ќе му олесни на Ердоган да врши нови упади на северот на Сирија со цел освојување на градовите под контрола на Сириските демократски сили предводени од Курдите.

„На време предупредивме на опасноста од ставање на шведската надворешна политика во рацете на деспотот Ердоган“, порача лидерката на шведската Лева партија Нуши Дадгостар.

Легенда под Главна слика

EPA-EFE

Здруженост, сплотеност и поврзаност на луѓе, друштва, организации и институции кон една заедничка цел или поради заедничка причина. 

повеќе

Неколку години при здрав разум сакаат да ни наметнат и да нѐ убедат дека со соседна Бугарија сме имале заедничка историја. 

повеќе

Деновиве во Комората пристигна нацрт-концептот за даночни реформи, кој треба да претставува основа за јавна расправа во наредниот период.

повеќе