Нова фаза

Енергетска криза: во Шпанија навалица по фенери и камперски шпоретчиња

Четвртата економија на ЕУ се соочува со можен недостиг од струја зимава бидејќи Алжир го прекина снабдувањето со гас преку клучниот гасовод кон Пиринејскиот Полуостров.

Фото: ЕПА

Залудно е уверувањето на Тереза Риберо, шпанската министерка за енергетика, која деновиве тврди дека четвртата економија на ЕУ зимава ќе има доволно „квалитетна струја и снабдување со гас“ и дека ќе располага со резерви гас за најмалку 43 дена. Откако на 1 ноември Алжир, најголемиот африкански производител на природен гас и клучен снабдувач на Пиринејскиот Полуостров со тој енергенс, ја затвори славината на гасоводот Магреб Европа Гас (МЕГ), меѓу Шпанците завладеа лудило по камперски шпорети, фенери и греалки на бутан-гас, пренесува Ројтерс.

Кога на крајот на октомври стана јасно дека Алжир не се откажува од намерата да го прекине снабдувањето со гас за Шпанија преку гасоводот МЕГ низ територијата на соседно Мароко (договорен на 25 години, истекува на 1 ноември), побарувачката за фенери во Шпанија поскапе за 230 отсто, објави француската компанија за трговија со спортска и камперска опрема „Декатлон“. Во меѓувреме, шпоретите на гас и јаглен одат како алва по железарските продавници во Мадрид: „Се шушка дека нема да имаме струја, луѓето се во паника“, цитира британската агенција еден трговец.

Сегашната енергетска криза ѝ донесе на Шпанија неколку горчливи отрезнувања. Имено, земјата со 46,7 милиони жители нема ниеден домашен употреблив извор на енергија (освен ветер и сонце), забележуваат во лондонски Сити. Во исто време, Шпанија е географски прилично изолирана од густата мрежа на гасоводи што постојат во „континенталните“ региони на Унијата. Истовремено, шпанските енергетски компании набавуваат нафта и гас со увоз од дури 14 земји. До 1 ноември, увозот од Алжир ѝ обезбедуваше на Шпанија речиси половина од потребниот природен гас, и тоа најмногу преку гасоводот Алжир-Мароко-Пиринејски Полуостров.

А потоа, поради многу сложените и брзо влошени политички односи со Мароко, Алжир донесе одлука од 1 ноември да не го обнови енергетскиот бизнис со гасниот коридор „Магреб Европа гас“. Таа одлука има најмалку две последици за енергетиката во регионот околу Гибралтар. Од една страна, Мароко е лишено од околу 10 проценти од природниот гас што Алжир до неодамна го снабдуваше преку МЕГ (како дел од намирувањето на транзитните трошоци). Од друга страна, Шпанија се најде пред предлог испораките на гас од Алжир да ѝ доаѓаат од два други колосеци: поморскиот гасовод „Медагаз“, со далеку помал капацитет од МЕГ и (сè поскапата) испорака со танкери. За работата со енергетското снабдување на Шпанија да биде уште позаплеткана, пократкиот поморски гасовод „Медагаз“ на алжирска страна е подложен на темелна реконструкција со цел да го прошири својот капацитет: завршувањето на работите е најавено за крајот на овој или следниот месец. Во исто време, Скикда, еден од двата алжирски терминали за товарење течен природен гас (ЛНГ) бележи долги прекини во последниве години, според „СиП глобал платс“, глобална енергоконсултантска фирма со седиште во Лондон. Алжир оваа есен постојано го уверуваше официјален Мадрид дека ќе ги исполни сите договорни обврски кон Шпанија и дека е подготвен за дијалог за понатамошна соработка.

Речиси во исто време, официјален Алжир и Анкара во моментов преговараат за продолжување на сегашниот договор за испорака на течен природен гас за Турција од правец на северноафриканската држава, една од основачите на ОПЕК и членка на Глобалната асоцијација на производители на природен гас. Инаку, 90 отсто од турскиот увоз од Алжир е поврзан со енергенти. Во исто време, околу 1.300 турски компании инвестирале повеќе од пет милијарди долари во бизниси во Алжир, вработувајќи околу 30.000 луѓе во таа северноафриканска земја.

Сѐ уште не е јасно како ќе продолжат преговорите меѓу Мадрид и Алжир за снабдувањето со енергија на Шпанија. Сигурно е, сепак, дека претставниците на ЕУ не ја примиле лесно веста дека Алжир ја донел одлуката на друг начин да ја одмерува енергетската размена со странските партнери.

„Одлуката на Алжир да го раскине договорот не се однесува само на Мароко, туку и на Европската Унија. Користењето на гасот како метод на притисок не е соодветен пристап. Ова е особено точно сега кога цените на енергенсите растат на рекордно високо ниво. Постои ризик Европејците да ја платат цената“, изјави Андреа Коцолино, претседател на Делегацијата на Европскиот парламент за односи со земјите од Магреб. Во меѓувреме, поранешниот претседател на Европскиот парламент Антонио Тајани и европратеникот Масимилијано Салини неодамна испратија писмо до министерот за надворешни работи на ЕУ, Жозеп Борељ, барајќи од него да се произнесе за „едностраната одлука на Алжир што ги загрозува стратегиските интереси на Европа“.

Дипломатските односи меѓу Мадрид и Брисел со Алжир се на нов енергетски тест. Засега е неизвесно кои сѐ фактори ќе ги земат предвид преговарачите во оваа прилика во претстојната зима и за понатаму.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Со фактот што Европа продолжува да плаќа милијарди долари за рускиот гас секој месец, таа и понатаму игра онака како што свири Кремљ, покажувајќи на тој начин дека е заробеник на сопственото задоволство.

повеќе

Грејната сезона заврши во месец април како и секоја година, но последнава беше со многу проблеми кои произлегоа од енергетската криза, од војната во Украина и генерално од светската економска криза.

повеќе

Откривањето на минатото ни помага многу да ги научиме изненадувањата на иднината.

повеќе