Главно во Источна Европа

Експлозија на ковид поради сомнежот во вакцините

Русија ќе ги затвори работните места на 7 дена, Латвија повторно се затвора, а на романските погребни служби им снемуваат ковчези, додека источноевропските земји скептични кон вакцините бележат рекорден број заразени и починати.

Фото: ЕПА

Русија, која се фалеше со една од првите вакцини против ковид-19, не успеа да убеди огромен број граѓани да ја примат, а сега бележи најголем дневен број жртви во пандемијата.

Претседателот Владимир Путин вчера објави дека деновите од 30 октомври до 7 ноември ќе бидат неработни, иако платите ќе бидат исплатени. Некои области може да продолжат со затворањето во зависност од локалните услови.

Ројтерс пренесува дека отпорот на јавноста кон вакцините ги зафатил источноевропските земји што беа во орбитата на Москва за време на Студената војна. Членките на Европската Унија со најниски стапки на вакцинација му припаѓаат на поранешниот комунистички источен блок, вклучувајќи ги Бугарија, Романија, Хрватска, Полска, Латвија и Естонија.

Романија, каде што на секои пет минути едно лице умира од ковид-19, оваа недела имаше највисока стапка на смртност по жител, со Бугарија веднаш зад неа. Само 36% од возрасните Романци се вакцинирани, наспроти 74% во цела ЕУ.

„Некои семејства погребаа до четири лица за две недели, и тоа не е лесно“, изјави за Ројтерс сопственикот на погребната компанија Себастијан Кокос во источниот град Плоешти. Тој се пожали дека се мачат да набават доволно ковчези.

„На сите им препорачувам да се вакцинираат, или ќе завршат во наши раце.“

Анди Нодит, менаџер на болницата Багдасар-Арсени во Букурешт, рече: „Степенот и сериозноста на ситуацијата во итната служба и во болницата не може да се изразат со зборови“.

Премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, вчера изјави дека заради сузбивање на епидемијата на коронавирусот, од сабота по 22 часот во угостителските објекти ќе можат да влезат само оние што имаат важечки ковид-сертификати.

„Ситуацијата со епидемијата сѐ уште е катастрофална и не се смирува“, рече Брнабиќ, додавајќи дека за тоа придонело и непочитувањето на антиепидемиските мерки, како и слабиот одѕив на вакцинацијата.

Во вторникот почина шеснаесетгодишен средношколец во Крушевац што беше позитивен на коронавирусот.

Во Србија, која се бори со околу 6.000 случаи дневно, само околу 50 проценти од граѓаните досега примиле две дози од вакцината.

Словачка во вторникот објави најголем број нови новозаразени од 9 март, а Чешка рече дека бројот на новите случаи надминал 3.000 за прв пат од крајот на април.

Летонија неделава воведе едномесечен карантин и стана првата членка на ЕУ што повторно се затворила откако блокот почна повторно да се отвора оваа година, бидејќи вакцините станаа широко достапни.

Балтичката држава има една од највисоките стапки на нови инфекции по жител во светот, според американскиот Центар за контрола и превенција на болести, откако со месеци успешно го контролираше вирусот.

„Нашиот здравствен систем е во опасност… Единствениот излез од оваа криза е да се вакцинираме“, рече премиерот Кришјанис Каринш во понеделникот вечерта.

„Морам да им се извинам на граѓаните што се вакцинирани“, рече Каринс.

Латвија веќе долго време се смета за една од најуспешните европски приказни кога станува збор за коронавирусот, и има регистрирано помалку од три илјади смртни случаи од почетокот на пандемијата. Критичарите велат дека бавната и нерамномерна стапка на вакцинација довела до зголемување на бројот на заразените.

Иљзе Винкеле, поранешна министерка за здравство, која ги надгледуваше првите два брана на коронавирусот во земјата, изјави за Гардијан: „Знаевме дека одредени групи, особено постарите граѓани, како и оние од посиромашните социоекономски категории, се сомневаат во вакцините. Меѓутоа, за жал, не успеавме успешно да се справиме со оваа поделба.“

57 проценти од 1,9 милиони Летонци се целосно вакцинирани.

Дезинформациите ги зголемија сомнежите

Ројтерс наведува дека околу една третина од населението во Летонија зборува руски и дека студијата на СКДС покажала дека само 46% од нив биле вакцинирани. Претходно, министерот за здравство Даниел Павлутс вината за скептицизмот кај латвиското население што зборува руски ја префрли на „дезинформациите“ за вакцините во медиумите на руски јазик.

Бугарија, каде што само четвртина од населението ја примила првата доза од вакцината, оваа недела забрани влез на јавни места за сите што немаат доказ за вакцинација, негативен тест или се опоравиле од ковид-19. Училиштата во областите со висока стапка на инфекција ќе мора да се префрлат на онлајн-часови. Новите мерки насочени кон борба против инфекцијата наидоа на гнев кај бизнисмените и некои политичари фокусирани на третите парламентарни избори во Бугарија на 14 ноември.

Стотици противници на вакцинацијата вчера им се придружија на некои политички лидери во протестите во Софија против задолжителната „зелена пропусница“ за влез во ресторани, театри и трговски центри.

Полскиот министер за здравство вчера изјави дека може да бидат потребни „драстични мерки“ како одговор на ненадејниот пораст на бројот на заразените, иако не се размислува за нов карантин.

„Во изминатите два дена имавме експлозија на пандемијата“, рече Адам Неѓелски на прес-конференција. „Од недела во недела имаме зголемување од 85 проценти и над 100 проценти.“

Вчера, за прв пат од мај, Полска пријави повеќе од пет илјади случаи на инфекција дневно. Програмата за вакцинација значително забави во последните месеци, а помалиот број новозаразени предизвика многу луѓе да ги игнорираат неколкуте ограничувања што остануваат во сила. Во Полска, 61% од возрасните граѓани се целосно вакцинирани.

Премиерот Матеуш Моравјецки вчера изјави дека властите планираат во наредните неколку недели третата доза од вакцината да им биде достапна на сите возрасни граѓани.

Градоначалникот на Москва во вторникот објави дека од лицата над 60 години што не се вакцинирани ќе се бара да останат дома четири месеци. Кабинетот на градоначалникот се обидува да ги натера трговските центри да ги поврзат безбедносните камери со централизиран систем за препознавање лица, што ќе им овозможи на властите да наметнат носење маска на јавноста, пишува весникот Комерсант.

Британија доцни во напорите да го победи коронавирусот со вакцинација, рече вчера министерот за здравство Саџид Џавид и ги повика граѓаните да се вакцинираат и да добијат засилувачки дози доколку ги исполнуваат условите.

„Учествуваме во трката помеѓу вакцините и вирусот. И иако имаме предност, таа се намалува“, рече Џавид и додаде дека пет милиони луѓе постари од 16 години сѐ уште се невакцинирани.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Македонија може да ги задоволи потребите од електрична енергија ако на површина од 160 км2 постави соларни панели, а инвестицијата за тоа е 2,4 милијарди евра.

повеќе

Тешко е да се очекува дека ветото ќе биде туку-така тргнато. Дури и кога би се постигнал некаков договор, тоа би значело дека Македонија направила тешки и болни компромиси за да дојде до решение, имајќи ги предвид тврдите позиции на Бугарија.

повеќе

Лошите прогнози за инфлацијата и зголемувањето на цените на сите енергенси, не упатува кон еден заклучок - обновливите извори на енергија, заедно со вложувањето во самоодржливост и економијата на подарувањето сега се позначајни отколку кога и да е претходно.

повеќе