А ШТО АКО ОПСТАНЕШЕ?

Експериментот Југославија: европската успешна приказна распарчена со западната интервенција

Ако Западот не ја уништеше Југославија, земјата сега ќе беше на исто ниво со големите европски сили, вели американскиот политички аналитичар Фил Батлер и додава дека распадот на Југославија бил дел од поголемиот план на Западот потенцијалните ривали да ги претвори во неразвиени региони. По Втората светска војна социјалистичка Југославија беше нешто како европска успешна приказна и токму тој просперитет го предизвика западниот политички естаблишмент да се впушти во раскинување на земјата.

„Во еден алтернативен универзум, што ако Југославија сè уште постоеше? Со проширувањето на НАТО, со новата студена војна, со т.н. демократски западни земји што ги уништуваат слободите во името на демократијата, ние веќе живееме во трета светска војна. Во овој клучен момент од историјата, апсолутен императив е да испитаме што е тоа што се случило во последните 25 години. Југославија и западната интервенција во неа можеби е најдобро место за тоа. Оваа статија бара да се запрашате за мирот што можеби ќе го имаше тука. Уште поважно, таа повикува да се запрашате дали мирот воопшто некогаш бил демократската цел.

Можете ли да ја замислите денешна Европа со Југославија како клучен играч меѓу народите? Јас можам. Југославија, всушност, беше еден од најголемите културни и човечки експерименти во историјата. Формирана на полето на конфликтот меѓу Австро-унгарската и Отоманската Империја, Југославија ги спои луѓето од обете култури, и тоа на начин што не е виден уште од времето на асимилацијата на народите од страна на Александар Велики по огромниот поход“, пишува Батлер во својата статија за Њу истерн аутлук.

„Експериментот, ако може така да го наречам, траеше нешто повеќе од половина век. Идеалот беше да се создаде единствена држава за сите јужнословенски народи. Иако создавањето на Југославија делумно беше геостратегиски потег на Британија и Франција, за да се скроти или блокира Германија, основниот југословенски идеализам беше чист и здрав...“

„Кога беше под цврста контрола на народниот херој подоцна претворен во диктатор и светска ѕвезда, Јосип Броз Тито, Југославија беше актер на светската сцена. Потоа, кога неговата моќ исчезна, на сцената стапија неговите противници. Ниеден научник или политичар денес не зборува за тоа, но Титовата улога во воспоставувањето на Движењето на неврзаните беше благородна и исклучително значајна, особено за луѓето што сега живеат во Хрватска, Србија, Црна Гора и другите поранешни југословенски региони.“

Освен тоа, вели Батлер, Југославија се бореше за идеалите на Движењето на неврзаните, поканета од страна на Кубанецот Фидел Кастро, како што се националната независност, суверенитетот, територијалниот интегритет и безбедноста на неврзаните земји (во нивната) борба против империјализмот, колонијализмот, неоколонијализмот, расизмот и сите форми на странска агресија, окупација, доминација, мешање или хегемонија, како и против политиките на големите сили и блокови.

Токму нејзиниот економски просперитет и идеолошка независност ги поттикнаа западните сили да бараат начини да го прекинат брзиот раст на својот европски конкурент.

Никому денес не му треба аналитички центар да му каже дека Клинтон само ја продолжи политиката на Џорџ Буш постариот, да го дестабилизира југословенскиот социјалистички успех, вели Батлер.

„Сега веќе знаеме дека бунтовниците тајно обучени од САД одиграа витална улога во расцепкувањето на регионот преку организацијата позната како Атлантска бригада, која во војната на Косово се бореше на страната на Ослободителната војска на Косово (ОВК), а која имаше околу 400 вооружени борци (подетално: Кришчн саенс монитор, 1999). Нема доволно место во оваа статија да се откријат измамите и убиствата што се случија поради американските индиректни војни во поранешна Југославија“, вели Батлер и посочува статија од американскиот полковник Дејвид Хекворт, кој во клучните моменти се нашол во Југославија и ги разоткрива „лагите што му биле сервирани на американскиот народ во врска со Бушовата и Клинтоновата војна тука“.

„Што се однесува на тоа што Бил Клинтон играше на картата на неспремноста на регионот некогаш познат како Југославија, одвратната историја на геноцид и корупција сега се чинат бесконечни. Приказната за еден Французин, обучен во Атлантската бригада, потсетува на Украина, Либија и на крај Сирија. Тука ги гледате „шаблоните“ што нè водат кон вистината, прашајте кој било криминален профитер. Ужасните убиствени полиња на легитимната држава Југославија, инвестициите во делкањето на парчињата останати од неа, дамките на рацете на американските претседатели, британските лордови и неонацистичките германски индустријалци.

Во интервју со францускиот платеник по име „Жак“, Жан-Лук Порте во 1999 година извести како била формирана „Атлантската бригада“ поддржана од САД. Овој убиец на Срби и на Хрвати, по свое сопствено признание, истакнува како фашизмот и нацистите слични на оние што сега ги гледаме во Украина составиле убиствена бригада со цел да ја разори некогаш големата нација. Ранет, преиспитувајќи ја својата служба за каузата, овој Французин што им се придружил на други странци во Албанија ја носел ознаката на „ХОС за усташите“, бренд со кој се гордеат хрватските нацисти што им се приклучија на Германците во Втората светска војна.

Слично на „бандеритите“ во кризата во Украина, разните индиректни војни на Балканот беа вршени од смртоносни убијци од странство. И највисоките американски официјални лица добро ја знаеле расата на убијци на кои тие им ги влечеа конците на Косово и на Балканот. Југославија, знаете, стана шаблон за Авганистан и Ирак, за Арапската пролет, и за сегашните антируски напади. Имињата на Медлин Олбрајт, Хавиер Солана, генералот Весли Кларк и други продолжуваат да одекнуваат. Во поранешна Југославија пријателите на клучните играчи во владата планираа буквално делкање на потенцијалните земји-кредитори и инвестициски рудници. Приказната за овој геноцид во име на демократијата е речиси премногу страшна за да се раскажува. Повеќето луѓе во овие народи беа вратени назад за 200 години, во еден вид средновековно безнадежно постоење. Единствената трошна опција за повеќето бившојугословени е, сосема природно, Европската Унија и нејзините заштитници од НАТО.

Додека го пишувам ова, Американците, Британците и Германците веќе ја делкаат Сирија“, вели аналитичарот.

„Југославија беше изградена на идејата дека Јужните Словени не треба да останат слаби и поделени луѓе. Обединетите нации на Југославија не биле толку лесен плен за империјалистичките намери како денес. Факт е дека по Втората светска војна социјалистичката Југославија стана некој вид европска успешна приказна.

Во периодот помеѓу 1960 и 1980 година Југославија можеше да се пофали со една од најенергичните стапки на пораст во светот: пристоен стандард на живеење, бесплатна здравствена заштита и образование, гарантирано право на работа, платен едномесечен одмор, стапка на писменост од над 90 проценти и просечен животен век од 72 години. Колку што знам јас, ниедна од балканските држави што беа формирани од неа не може да се пофали со ваков просперитет. Токму тој просперитет и го предизвика интересот на Западот да посака да ја уништи Југославија.

Мултиетничките граѓани на Југославија, исто така, имаа прифатлив јавен превоз, домаќинства и комунални услуги. Непрофитната економија во најголем дел беше во државна сопственост и тоа очигледно западните демократии не го обожаваа. На земјата не смееше да ѝ се дозволи да се натпреварува со Германија, Франција, а особено со Велика Британија, а банкарите од Лондон и Луксембург не би можеле да ги извлекуваат своите милијарди во еден социјалистички систем. Југославија мораше да умре, а Регановци, семејствата Буш и Клинтон помогнаа тоа да се случи“, раскажува Батлер цитирајќи го Мајкл Паренти, вонреден соработник во Институтот за политички студии во Вашингтон.

Паренти појаснува дека крајната цел на Вашингтон била Југославија да се трансформира во регион од Третиот свет. Планот предвидувал поделба на земјата, отворање на нејзината економија кон западната корпоратократија и банкари, и расцепкување на индустрискиот сектор на Југославија, за нацијата да не може да се натпреварува со западните производители. Во овој контекст југословенското население би станало евтина работна сила.

„Ви звучи познато оваа стратегија? Се сеќавате на планот на Ренд корпорејшн за Сирија. Дали Украина, Донбас и Крим ги сфаќаа работите пред Еуромајдан? Каков е планот за Русија? Ова е клучната точка, пријатели мои“, потенцира Батлер.

Аналитичарот укажува на изненадувачката сличност помеѓу пропагандната кампања што членките на НАТО ја почнале пред своите смртоносни напади врз Југославија и наративот во пресрет на инвазијата на Ирак и Либија.

„Значи, планот на НАТО навистина успеа? Да, успеа.

Но што ако Југославија опстанеше? Што ако големиот етничко-социјалистички експеримент успееше? Слободно може да се каже дека нашиот свет денес ќе беше сосема поинаков. Меѓу другото, Европската Унија со Движењето на неврзаните вметнато во нејзините рамки сега ќе беше помалку моќна, далеку помалку геополитички влијателна. Цела Европа сега ќе водеше кон Белград, а оттаму кон шесте републики што сега се тепаат за трошките на Брисел. За да разберете каква е мојата фантазија за југословенската нација, ќе ви ја претставам релативната економска состојба во сегашните балкански држави, споредено со југословенскиот БДП во 1991 година, кога беше позиционирана на 24-тото место меѓу светските народи“, вели Батлер и продолжува:

„Од 2015 наваму Босна и Херцеговина е на 112-то место по економијата, а условите во неа се влошуваат; Хрватска во моментов е 76-та, но Блумберг ја нарече земјата една од десетте најлоши на планетава; Македонија е рангирана 130-та, единствената реална индустрија во неа е земјоделството, а невработеноста во земјата е над 30 отсто; Црна Гора е 149-та меѓу светските народи; Србија е рангирана 87-та во однос на БДП; Словенија е рангирана на 81-то место по БДП.“

Поранешните делови од Југославија денес во никој случај не може да се сметаат за конкуренти на големите држави на ЕУ.

„Од личен аспект“, вели Батлер, „се сеќавам на еден од моментите на просперитет во поранешна Југославија, на Олимписките игри во 1984 година во Сараево. Тоа беа првите Зимски олимписки игри во една комунистичка земја, колку што се сеќавам. Факелот помина низ Дубровник, а потоа низ Сплит, Љубљана, Загреб и безброј други југословенски градови, гордо кулминирајќи во Сараево. Имињата на спортистите што добија златен медал веќе сум ги подзаборавил, но маскотата со малиот волк Вучко, создадена од словенечкиот сликар Јоже Тробец, од некоја причина е врежана во мојот ум. Во тоа време карикатура тука во Југославија, малиот волк добро ги претставуваше луѓето од овие земји на Балканот. Волците често ги има во југословенските приказни, тие се олицетворение на храброста и силата и, исто така, ја симболизираат зимата. И додека ги пишувам овие последни букви, мислам на она што храбрите и силни народи на Југославија можеа да го постигнат ако нивните судбини не беа прекинати однадвор... А што се однесува на Југославија, таа нација е засекогаш исчезната“, заклучува Батлер.

Прашањето на потпишување договор за добрососедство со Бугарија е вештачко прашање.

повеќе

Никој од политичарите не сака на народот да му ја каже вистината. Вистината за Македонија.

повеќе

Референдумот во Дојран во недела е поделикатен од оние во Гевгелија, Богданци и Валандово, зашто отворањето рудник во Казандол може да го кутне во уште потешка агонија eзерото кое е прогласено за споменик на природата. 

повеќе