Коронавирус

Економист: Официјалните податоци за починатите се само гребење по површината

Ширењето на ковид-19 најчесто се мери со помош на две бројки: колку луѓе се заразени и колку починале. Оваа првава е неизвесна. Некои носители на вирусот не покажуваат симптоми, а повеќето земји не ги тестираат луѓето што изгледаат здрави. Бидејќи податоците за заразените не се сигурни, истражувачите се фокусираа на смртните случаи. Сепак, новата статистика сугерира дека сегашниот број на жртви може и да ја потценува штетата, вели Економист.

Официјалната статистика за бројот на смртни случаи може да не вклучува лицата што починале пред да бидат тестирани. Тие, исто така, ги игнорираат и луѓето што им подлегнале на други причини за смрт, можеби затоа што болниците немале место да ги лечат. Последната група беше голема во некои други катастрофи. На пример, кога ураганот Марија го погоди Порторико во 2017 година, Америка забележа само 64 смртни случаи. Подоцнежната студија откри дека вкупниот број на смртни случаи е близу 3.000. Голем број се случија во болниците што останаа без струја.

Ваквите анализи сè уште не се можни за државите што се борат со ковид-19. Единствената европска земја каде што вкупната стапка на смртност (пресметана од истражувачката група „ЕуроМОМО“) скокна до 20 март е Италија. Оваа процена се заснова на група на градови. За жал, Италија не го класифицира бројот на починатите по градови, со што е спречено споредувањето на бројот на починати од ковид-19 и нивниот вкупен број во истиот регион.

Сепак, новинарите и научниците се занимаваат со свои бројки. Весникот „Л’Еко ди Бергамо“ собрал податоци од локација во италијанската провинција Бергамо. Во март во овие места имало 2.420 повеќе починати отколку во март 2019 година. Само 1.140, помалку од половина од зголемувањето, му се припишани на ковид-19.

„Овие податоци се само гребење по површината“, изјави градоначалникот на Бергамо, Џорџо Гори, за весникот „Л’Еко“. „Премногу жртви не се вклучени во извештаите бидејќи починале дома“.

Споредливи бројки може да се најдат низ цела Европа. Во Шпанија, весникот „Ел Паис“ го објави резултатот од студијата на владиниот здравствен истражувачки центар, во кој се утврди дека „вишокот“ на смртни случаи во регионот Кастилја-Ла Манча е двојно повеќе од бројот што му се припишува на ковид-19. Жан-Марк Манак, француски новинар, откри слично несогласување во округот О-Ран.

Овие разлики може да се намалат со текот на времето. Официјалната статистика на починатите од ковид-19 може да се ажурира и да ги вклучи лицата што веќе починале, бидејќи може да потрае неколку дена за да се потврди причината за смртта. Бројот на случаите на други причини за смрт наскоро би можел да падне: блокадите може да го намалат бројот на сообраќајни несреќи и случаи на насилство, а многу од жртвите на ковид-19 веројатно и онака ќе умреле од други причини. А податоците за смртноста се „бучни“ во помалите региони - особено оние што се силно погодени и можеби не се репрезентативни за целата земја.

Сепак, официјалната статистика на починати од ковид-19 секогаш ќе изгледа премногу ниска во местата како Нембро, град во Бергамо со 11.000 жители. Во него во март починале 152 луѓе, а само 39 досега му се припишани на вирусот како причина за смртта.

„Речиси сите стари луѓе го добија вирусот“, вели истражувачот Лука Форести. „И затоа умреа, многумина од нив“.

Во повеќето земји во развој, ковид-19 предизвикува економски ураган.

повеќе

Бизнис заедницата која до пред некој месец постојано „трубеше“ како државата не треба да ѝ се меша во работата, веднаш почна да плаче за државна помош.

повеќе

Кога може оние кои пукаа по нас, оние кои ги убија Аце, Коки и Оливер да бидат на слобода, зошто не би бил помилуван и ти?

повеќе