Економист: Израел и светот ги игнорираат причините за конфликтот (ВИДЕО)

Тоа беше судир што се очекуваше да се случи, во конфликт што светот сакаше да го игнорира, пишува Економист опишувајќи ја најновата ескалација на насилството меѓу Израел и Палестинците, кои повторно дојдоа до работ на војната во светата земја.

Фото: ЕПА

Стотиците ракети испукани од палестинските екстремисти беа насочени кон Ерусалим, Тел Авив и јужен Израел. Газа, палестинската територија управувана од Хамас, насилно исламистичко движење, е уште повеќе погодена од израелските воздушни напади. Арапите и Евреите се судираат на улиците на израелските градови. Убиени се стотици луѓе, повеќето Палестинци.

Во центарот на најжестоките борби меѓу Израелците и Палестинците во последните години е Ерусалим, како и толку пати досега. Во април, во почетокот на светиот муслимански месец Рамазан, началникот на израелската полиција го огради плоштадот околу портата Дамаск, еден од влезовите во обѕиданиот стар град во Ерусалим и место за собирање на Палестинците. Потегот, направен од „безбедносни причини“, доведе до судири меѓу Палестинците и израелската полиција. Стотици беа повредени. Тогаш почнаа да летаат ракетите.

Фото: ЕПА

Насилството, како и секогаш, е контрапродуктивно. Претворањето на израелските градови „во пекол“, како што се заканува Хамас, нема да им помогне на Палестинците што ужасно страдаат во Газа - токму спротивното, всушност. Секоја ракета што Хамас ќе ја испука му олеснува на Израел да тврди дека „нема партнер за мир“ и да ја интензивира опсадата на Газа. Но и Израел мора да ја преиспита својата стратегија. Неговите водачи гледаат на поширокиот конфликт како на нешто што треба да се контролира, а не да се решава. Сепак, неговиот неправеден третман кон Палестинците создава неволји. Денешната криза беше предвидлива - дури и ако не можеше да се предвиди искрата што ја запали.

Ерусалим е олицетворение на проблемот. Израел тврди дека градот е неговата „вечна и неделива престолнина“. Но неговите жители се неповратно поделени. Источниот дел на градот, иако заробен од Израел во 1967 година, останува главно палестински. Спогодбите од Осло од 1993 година оставија статусот на градот да се реши во траен мировен договор меѓу Израел и Палестинците. Но Израел изгради ѕид што го одделува Ерусалим од палестинската заднина. Тој се обидува да го зацврсти своето полагање право на целиот град со трупање нови еврејски домови и истиснување на Палестинците. Иако тие сочинуваат 38% од населението во Ерусалим, повеќето локални Палестинци не се граѓани, туку само „жители“, кои имаат пристап до здравствена заштита и социјална сигурност, но не и до истите права како Евреите.

Овие разлики пред законот се во срцето на случајот пред израелскиот Врховен суд, што ја прави атмосферата уште покомплицирана. Судот ја разгледува пресудата за иселување на палестински семејства од населбата Шеик Џарах во Источен Ерусалим. Нивните домови беа на земјиште во сопственост на Евреи пред Јордан да го окупира источниот дел на Ерусалим во 1948 година. Израелскиот закон им дозволува на наследниците на првичните сопственици да си го бараат имотот во Источен Ерусалим. Сепак, Палестинците не можат да ги бараат своите поранешни домови во Западен Ерусалим (ниту на кое било друго место во Израел). Не е ни чудо што палестинските жители на градот секогаш се подготвени да протестираат.

Неправдите на другите места се уште полоши. Палестинците на поширокиот Западен брег, како и оние во Ерусалим, гледаа како Израел конфискува земјишта и гради населби на окупираната територија, што е нелегално според меѓународното право. Тие, исто така, мора да се справуваат и со израелските контролни пунктови и мачниот режим на дозволи. Во Газа повеќе од два милиони Палестинци се отсечени од светот поради израелските и египетските блокади од 2007 година, кога Хамас ја презеде контролата. Територијата се мачи да ги одржи светилките вклучени; водата од чешмите е валкана. Очајот во такви услови доведе до насилства во 2018 и 2019 година, а го храни и сегашниот грч.

Па сепак, израелските политичари, во нормални околности, генерално го игнорираат конфликтот. Палестинското прашање не играше значајна улога на ниту едни од четирите неодамнешни избори. До неодамна, на повеќето Израелци им одговараше незаинтересираноста на Нетанјаху за постигнување трајно решение со Палестинците. Неговите ривали, кои се близу до постигнување договор што ќе го исфрли од власт, пред новите насилства не зборуваа многу за тоа како да се реши конфликтот.

Фото: ЕПА

На седницата на Советот за безбедност на Обединетите нации свикана по повод најтешките конфликти меѓу Израел и Палестинците во последните неколку години, премиерот Бенјамин Нетанјаху вчера изјави дека израелските напади во Газа продолжуваат „со полна сила“.

Нетанјаху го бранеше и саботниот израелски напад во кој беше уништена зградата на 12 ката во која се наоѓаа канцелариите на Асошиејтед прес и Ал џезира. Тој рече дека во таа зграда се наоѓала и канцеларијата на една екстремистичка група и дека тоа било легитимна цел.

„Ние дејствуваме сега и ќе дејствуваме сѐ додека е потребно за да ви ги вратиме мирот и тишината вам, на израелските граѓани. Ќе биде потребно време“, рече Нетанјаху во телевизиското обраќање по состанокот со безбедносниот кабинет.

Израелските лидери генерално сметаат дека конфликтот е нешто што треба да се контролира, а не да се решава, игнорирајќи го фактот дека неправедниот третман кон Палестинците го потхранува конфликтот.

Палестинските лидери, пак, му олеснија на Израел да крене раце од мирот. Хамас се чини дека е повеќе заинтересиран за фрлање ракети отколку за подобрување на животот во Газа. Неговиот ривал Фатах не се однесува значително поинаку на Западниот брег. Лидерот на таа партија, Махмуд Абас, веќе 17 години е палестински претседател и се чини дека тој е најзаинтересиран за зачувување на моќта. На 29 април, обвинувајќи го Израел за ограничување на правата во Источен Ерусалим, тој на неодредено време ги одложи изборите на кои Фатах најверојатно ќе загубеше.

Меѓународната заедница се однесува речиси исто. Ројтерс пишува дека меѓународните дипломатски напори за борба против насилството последните денови се интензивираат, но без знаци на успех.

Генералниот секретар на ООН, Антонио Гутереш, вчера пред Советот за безбедност изјави дека непријателствата во Израел и Газа се „крајно вџашувачки“ и повика на итен прекин на огнот. Тој истакна дека Обединетите нации „активно ги ангажираат обете страни за да постигнат примирје“ и повика на „создавање услови за интензивирање на посредништвото“.

Јорданскиот крал Абдула изјави дека неговото кралство е вклучено во интензивни дипломатски напори да се запре, како што рече, израелската воена ескалација. Монархот, чие семејство е чувар на муслиманските и христијанските светилишта во Ерусалим, не даде повеќе детали за дипломатските напори. Јордански владини претставници за Ројтерс рекле дека прозападното кралство ја предводи кампањата со европските и американските сојузници за да изврши притисок врз Израел да ги прекине воздушните и артилериските напади врз Газа.

Во петокот во Израел пристигна претставникот на американскиот претседател, Хади Амр, Бајден во саботата разговараше и со Нетанјаху и со Абас.

Еден официјален претставник рече дека Амр го повторил ставот на САД дека „Израел има целосна американска поддршка да се брани“. „Тој јасно стави до знаење дека никој не очекува Израел да постапува поинаку и дека тоа дефинитивно не е нешто што може да се реши во рок од 24 часа“, изјави за британската агенција официјален претставник, кој сакал да остане анонимен.

Секое посредување во кризата е дополнително комплицирано од фактот дека САД и повеќето западни сили не го признаваат Хамас како актер во преговорите. Од друга страна, Хамас ја деградираше позицијата на Абас и на палестинските власти, кои се немоќни да го спречат гранатирањето.

Во вакви околности , без изгледи за подобра иднина, значителен број млади Палестинци се залагаат за конфликт со Израел, вели Економист и додава дека се неизбежни нови циклуси насилство. Весникот посочува дека само преговорите можат да постигнат траен мир и дека западните и регионалните сили треба да ги фокусираат дипломатски напорите на седнување на израелските и палестинските лидери на преговарачка маса.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Овде нема такво нешто. Има некои чинители што се занимаваат со испишување црвени линии. Не им значи ништо фактот што токму под ова гесло е овозможен најдолготрајниот мир на европскиот континент.

повеќе

Србија продолжува да го негира минатото, при што нејзините политички елити ја користат резолуцијата за да ѝ се спротивстават на Црна Гора и истовремено се надеваат дека овој потег ќе им донесе поголема популарност дома.

повеќе

„И, ако милееме ние за својата Татковина, ако во нас има барем капка македонска крв, ако во нас останала искра благороден патриотизам, овојпат треба да се впрегнеме, за да понесеме дел од тежината на едно дело и од жестокото величие на една епоха“.

повеќе