Потребна е поголема амбициозност

Економист: Европската Унија е во тешка криза

Избегнувајќи да се соочи со своите тешкотии, ЕУ само ги влошува.

Овој месец се навршија седумдесет години откако францускиот министер за надворешни работи Роберт Шуман ја предложи европската „заедница за јаглен и челик“. Со овој скромен договор, шест земји уништени од војната создадоа заеднички пазар, кој потоа се надгради во Европска Унија.

По тоа патот кон интеграцијата не минуваше непречено, но имаше некаков правец. Националните лидери доаѓаа и заминуваа, Берлинскиот ѕид беше подигнат и урнат, економските урагани удираа и исчезнуваа. ЕУ некако успеваше да се провлече. Таа се продлабочуваше, градејќи го најголемиот единствен пазар во светот, овозможувајќи им на граѓаните слободно да се движат преку границите и создавајќи заедничка валута. Таа се прошири кога 22 држави им се приклучија на првичните шест, вклучувајќи и 11 што со децении патеа од комунизмот, вели Економист. Го зацврсти мирот и го прошири просперитетот. Денес, Европа е светилник на либералните вредности и пример за поблага форма на капитализам.

Сепак, ЕУ го загуби својот правец. Пандемијата во Европа не е само економска криза како и насекаде во светот, туку брзо станува политичка и уставна криза. Ова во принцип е решливо, но членките на ЕУ не можат да се договорат околу тоа што е потребно за да го направат својот сојуз поотпорен, ниту за тоа како да ги спроведат реформите. Сега, повеќе од кога било, кога Америка и Кина се скарани, трагично е што се пропушта оваа можност.

Припадноста кон ЕУ треба на нејзините членки да им овозможи безбедност во еден опасен свет. Наместо тоа, пандемијата ја доведува во искушение силата на тој сојуз, исто како што направи финансиската криза во 2007-09 година. Еден пример е единствениот пазар. Тој е регулиран со строги правила со кои се ограничуваат субвенциите, но тие се суспендирани затоа што владите влеваат два билиони евра во спасување на бизнисот од колапс. Половина од ова беше во Германија: што е проблем ако сте производител со седиште во земја што не може да си дозволи да биде толку дарежлива, но која мора да прифати стока од германско производство.

Друг пример е единствената валута. Додека земјите ги санираат последиците од мерките за изолација, нивниот долг нагло расте. Бидејќи владите на еврозоната се задолжуваат во заедничката валута, но мораат сами да се финансираат, овие долгови може да се зголемат до неодржливо ниво. Тој проблем е сериозен во Италија, која беше во неволја уште пред да биде погодена од ковид-19 и имаше бруто-јавен долг од 2,4 билиони евра, или 135% од БДП. Италијанскиот евроскептичен десничар Матео Салвини ја напаѓа ЕУ затоа што премалку направила за да помогне; неговата партија на крилјата на оваа криза би можела да се дограби до власта, каде што би напредувала со провоцирање незадоволство и искористување на поделбите со далечниот Брисел.

Трет пример е статусот на правото на ЕУ. Во почетокот на овој месец германскиот уставен суд ја доведе во прашање пресудата на Европскиот суд на правдата (ЕСП) дека Европската централна банка може да го заштити еврото со купување долг. Посебно, Полска го оспори првенството на ЕСП над нејзиниот сопствен врховен суд. Во темелот на ЕУ е правото. Ако пандемиските притисоци ги ослабнат темелите на ЕСП, целата унија ќе биде разнишана.

Сите овие проблеми можат да се решат преку визија, компромис и реформа. Всушност, францускиот претседател Емануел Макрон пред пандемијата предупреди дека ЕУ мора да зајакне бидејќи се соочува со свет што има сè помалку милост. Меѓутоа, таквите чувства се уриваат пред различните ставови на државите за тоа за што треба да се залага ЕУ. Просперитетниот север ја мрази идејата за „унија на трансфери“ што му помага на сиромашниот југ - па дури уште повеќе ја мрази идејата за споделување на долгот со нив. Членките не можат да се договорат што да прават во однос на ерозијата на демократијата и на владеењето на правото во Унгарија и Полска. Уште пред првиот смртен случај од ковид-19, тие се мачеа да се договорат за заедничка политика во врска со одбраната, Русија, миграцијата и многу други работи.

Злокобно, ни реформскиот механизам не функционира. Уште од Шуманoвите денови, ЕУ растеше стабилно доработувајќи ги договорите што ја раководат. Меѓутоа, водачите на ЕУ се плашат да ги менуваат договорите откако француските и холандските гласачи во 2005 година го отфрлија планот за нов устав. Лидерите се немаат осмелено да направат значителна измена уште од 2007 година.

Некои северноевропски лидери признаваат дека имаат проблем. Во наредните месеци тие веројатно ќе се согласат на еднократно зголемување на седумгодишниот буџет на ЕУ, но условите се контроверзни - јужњаците бараат дури билион до билион и пол евра и сакаат грантови, а не кредити. Исто така, постои предлог да се издаде заеднички долг како симболичен гест, но и тоа е спорно.

Ако ЕУ сака да напредува, ќе мора да биде многу поамбициозна отколку што признаваат северњаците. За почеток, за да не стагнира, ќе мора да се приспособи, што значи да го надмине табуто против промена на договорот. Успешната промена на договорот опфаќа пошироко признание дека различни земји сакаат различни работи во однос на Унијата и дека таквата „Европа со повеќе брзини“ може да биде поотпорна од денешниве неисполнети аспирации. Ова, пак, за возврат, бара ЕУ да ги доврши проектите како еврото, кои се подложни на шокови затоа што се само делумно завршени.

Песимистите често предвидуваат пропаѓање на ЕУ или еврото, но ова се покажа погрешно. Провлекувањето може да трае долго - особено сега кога Британија покажа колку ќе биде болен и скап разводот. Сепак, на крајот на краиштата, политичките системи се оценуваат според нивните резултати. Неуспехот да се реформираат договорите ја оптоварува ЕСП и владеењето на правото; германските субвенции ризикуваат да го поткопаат единствениот пазар; а економската стагнација ќе го затруе еврото.

Сè додека ЕУ е проводник за ширење кризи, ризикот од пропаст ќе биде голем. За да ја зајакнат својата решеност, нејзините водачи треба да размислат за една дамнешна годишнина. Во јуни се одбележува 230-годишнината од компромисот од 1790 година, кога Александар Хамилтон ги убеди Томас Џеферсон и Џемс Медисон да ѝ дозволат на новата влада на Соединетите Држави да го преземе долгот на 13 поединечни држави. Европа не мора да оди толку далеку, а денешниот Хамилтон нема ниеден очигледен морков што би им го понудил на богатите нации (договорот од 1790 година го постави новиот главен град на Америка на југ). Но постои стап: ако нестабилните европски членки не добијат помош, еврото и единствениот пазар на крај би можеле да имплодираат. Затоа, европските лидери, кои во моментов преговараат преку видеоконференции, мора да бидат смели. Поголемите трансфери и значителното споделување на долговите ќе бидат тешки, но како депозит за спречување катастрофи и поставување на ЕУ на патот кон стабилноста, на крај ќе се исплатат.

Објавено

Сабота, Мај 16, 2020 - 10:16

Кога ќе заврши пандемијата, очекувајте државите да се вратат со поголема власт и поголем легитимитет.

повеќе

Откако не успеа во приказот на Мицкоски како екстензија на Груевски и на опозицијата како „анти-западна“, со изјавите неделава Заев покажува дека негов рецепт за изборна победа е само што помала излезност без учество на опозицијата.

повеќе