„Помудро би било да се намали значењето на националните граници“

Економист: Ако Србија и Косово разменат територии, „ќе се отвори вратата на пеколот“

Британскиот весник Економист, во текст за размената на територии на Балканот, пишува дека „ако Србија и Косово разменат територии процесот тука нема да сопре“, пренесува Ал џезира Балканс.

Се истакнува дека може да дојде до огромни последици во случај на размена на територии и дека „помудро би било намалување на значењето на националните граници“.

Во воведниот дел од текстот се потсетува дека Косово пред десет години прогласи независност од Србија и дека Албанците, кои се мнозинство, „славеа, но Србите кои живеат во енклави не“.

Србија не го призна Косово, пишува Економист, укажувајќи дека косовските Срби и понатаму се сметаат за државјани на Србија.

„Ситуацијата е типична за Балканот, каде границите, искрено зборувајќи, се хаос. Србите кои живеат на Косово и во Босна и Херцеговина, каде што имаат своја република (Република Српска, Албанците и Бошњаците (муслимани) кои живеат во Србија и Грција и Албанија“.

Неодамна српските власти, пишува британскиот весник, предложија да се разговара за размена на територии со косовските Албанци.

„Дали е тоа разумна идеја?“, се прашува во текстот и се дава пример на „размена“ од историјата – во 1923 година Грција и Турција се согласија да разменат околу два милиони луѓе.

Мнозински христијанско население од Турција беше испратено во Грција, а муслиманите од Грција беа испратени во Турција. Тоа беше речиси насилно преселување, но Грција и Турција од тогаш не војувале, освен на Кипар, каде што живеат нивни населенија, констатира Економист.

„Ако Србија и Косово почнат сериозни разговори за прекројувањето на нивните граници, влијанието врз балканските заедници, освен оние во погодените делови на Косово и Србија, може да биде големо“, се наведува во текстот.

Во тој случај „лидерите во Република Српска ќе одржат референдум за иднината на РС, босанските Хрвати ќе тргнат по истиот пат, а Бошњаците во тој случај ќе се борат да го спречат распарчувањето на нивната заедничка држава“.

Потоа „Србија ќе ги спречи бошњачките националисти во Санџак кои сонуваат за обединување на тој регион во „голема Босна“, а во меѓувреме Албанците во западна Македонија и Црна Гора ќе бараат да се приклучат на „голема Албанија“, пишува во текстот, и се додава дека заговорниците на таквата идеја би сакале да припојат и делови од северна Грција, додека грчките националисти би барале дел од јужна Албанија.

„Иронијата околу спорната размена е во тоа што повеќето Срби всушност живеат во енклави на југот на Косово, па договорот не би им овозможил живот во Србија и тие веројатно би морале да ги напуштат домовите“, пишува Економист.

Се оценува дека „српските државници би биле помалку загрижени за своето население отколку околу преземањето чекори кон признавање на Косово, со што би го олесниле патот кон Европската Унија. Нив можеби и не ги загрижува тоа што размената на територии на Балканот може да има големи последици“.

Унгарските националисти сѐ уште се немаат помирено со губењето на Трансилванија во Романија, а романските националисти сакаат да ја прекројат својата граница со Молдавија, па затоа и „балканизацијата“ е на лош глас.

„Поради целовитоста на ЕУ, намалувањето на значењето на националните граници би било помудро од нивното прекројување, кое, како што изјави функционер на ЕУ „би ја отворила вратата кон пеколот““, се заклучува во текстот.

Денес спортот и спортистите се дел од политиката и служат како средство за препукување меѓу политичарите.

повеќе

Националното достоинство и идентитет не се статични „од Бога дадени" категории, туку динамични категории кои зависат од нашите постапки и акции.

повеќе

Не е во прашање само Русија VS Западот. Има нов играч на масата.

повеќе