Операција „Рубикон“

Една од најголемите шпионски афери во историјата: како Југославија ја откри измамата

Тајните служби на САД и Западна Германија во тајната операција „Рубикон“ со децении шпионирале 130 земји и Обединетите нации.

Шпионирањето е задачата на тајните служби, но во оваа операција посебно е тоа што германската БНД и американските ЦИА и НСА биле тајни сопственици на фирмата Крипто АГ со седиште во Швајцарија.

Манипулирале со уредите за шифрирање, кои разузнавачките служби низ светот ги набавувале за големи пари уверени дека купуваат безбедни машини од неутрална земја.

Со уредите за Југославија манипулирала БНД. Конкретно, транспарентниот алгоритам кој ЦИА и БНД можеле да го читаат го развил вработен потпишан со „С“.

Освен вредните информации, овие тајни служби со измамата заработиле милиони, можеби и милијарди.

Иако аферата неодамна ја раскринкаа германскиот и швајцарскиот јавен сервис ЗДФ и СРФ и американски Вашингтон пост, бројни прашања останаа без одговор. Дали политичарите биле упатени во овааа измама, кој го лажел својот парламент, што се случувало со заработените пари, и како вака стекнатите информации влијаеле врз историјата во втората половина на дваесеттиот век?

Засега никој од упатените актери кои се сѐ уште живи не сака да зборува.

Единствениот е Бернд Шмитбауер, министер на канцеларскиот кабинет во времето на Хелмут Кол, кој потврди дека „Рубикон“ постоела и дека придонела на тоа „светот да биде побезбеден и помирен“.

Како документите стигнаа до јавноста?

Сѐ почнало во септември 1999 на една средба на ветераните на западните тајни служби во Берлин, стари пријатели и познаници од времето на Студената војна, наведува Дојче веле.

Учесниците на средбата биле горди бидејќи со децении управувале со најгоелмата шпионска операција во историјата.

Станува збор за операцијата која прво била наречена „Тесаурус“ (Ризница), а потоа од доцните осумдесетти „Рубикон“.

Би било штета приказната за таквиот успех некако да не се зачува за потомството, па така тајните агенти одлучиле да направат завршен извештај, некој вид хроника на таа операција.

Американскиот извештај наречен „минерва“ и германскиот со име „Рубикон“ имаат вкупно 280 страници.

Пред две години тие извештаи ги добил Питер Милер, авторот на документарец за тајните служби за втората програма на германската телевизија.

Потоа новинарите ги вклучиле колегите од Швајцарија и Америка и долго го проверувале материјалот пред да ја објават приказната на 11 февруари годинава.

Југославија ја открила измамата

Било утврдено дека западните тајни служби го имале целиот свет на дланка, иако главниот ривал СССР, како ни Кина, не биле меѓу купувачите на уредите за шифрирање на фирмата Крипто АГ.

Меѓутоа, Југославија речиси од почетокот се наоѓа на списокот на купувачи и била еден од најдобрите муштерии. Истовремено била и важна мета за шпионирање.

Во извештајот се гледа дека Југославија уште во 1957 купила 121 машина за шифрирање од типот Це-икс 52.

Извештајот на БНД наведува дека Југославија тогаш купила само стари механички уреди на Крипто кои ЦИА и НСА најверојатно можеле да ги пресретнуваат.

Некаде околу 1978 Југославија за повеќе стотици илјади швајцарски франци купила големо количество од тогаш современите електронски апарати од тимот Ем-це-це-314 за војската кои нормално биле манипулирани. Меѓутоа, Југославија имала и свои експерти и измамата брзо била откриена.

„Авторот на транспарентниот код, потпишан со „С“, ја користелшемата за синхронизирање однапред за уредот да го направи читлив. Германската шема, меѓутоа, била премногу транспарентна, па неколку купувачи, меѓу кои Југословените и Австријците, ја откриле читливоста на машината“, се наведува во американскиот извештај.

Луѓето од ЈНА побарале од Крипто АГ да им испратат специјалист да го поправи уредот или се заканиле дека ќе ја откријат тајната. Поради тоа врвот на Крипто АГ одржал итен состанок.

Еден месец подоцна Бруно фон Ах, инженер кој не бил упатен во манипулирањето, ниту знаел кои се вистинските сопственици на фирмата, одлетал за Белград и открил дека уредот може да се направи нечитлив, односно безбеден.

Потоа Југославија повеќе не била тема во Крипто АГ, бидејќи почнале војните во деведесеттите.

Бруно фон Ах во интервју за СРФ кажа дека тогаш дошле луѓе од управата и го прашале какви уреди ѝ биле продадени на Југославија. Тогаш му станало јасно за кого работи.

Се обиделе да ја прислушуваат ЈНА, осносно српската страна која ја наследила опремата, но тоа не им успевало.

Шпионирањето траело до пред две години?

Швајцарската телевизија во својата емисија за „Рубикон“, наведува дека шефот на развојот во фирмата (во извештаите потпишан како „Ф“), откако бил отпуштен, на властите во Берн им пријавил дека во Крипто АГ прават манипулирани уреди.

Најдоцна во 1978 швајцарските власти знаеле за што станува збор.

Операцијата „Рубикон“ најмногу ја загрозил познатиот случај кога инженерот на Крипто АГ Ханс Билер бил уапсен и девет месеци бил држен во затвор во Техеран.

Набрзо потоа, тогашниот шеф на БНД Конрад Порцнер јасно му дал до знаење на директорот на ЦИА Џејмс Вулси дека операцијата повеќе ја нема поддршката од политичкиот врв на Германија.

БНД во септември 1993 им го продала на Американците уделот во Крипто АГ за 17 милиони долари.

Германските разузнавачи биле незадоволни затоа што морале да ја прекинат толку успешната операција која ЦИА ја продолжила без нив, наводно сѐ до 2018.

Засега нема одговорни

Информациите за операцијата „Рубикон“ ја пренесоа медиумите низ светот, меѓутоа зачудува малиот број реакции.

„Благодарение на американските санкции, Крипто не ни продаде ништо во последните 25 до 30 години. Санкциите имаат и добри страни, тоа е една од нив“, кажа иронично Мохамед Зариф, шефот на иранската дипломатија.

Само во Швајцарија се случи вистински „политички земјотрес“.

Истражниот одбор на парламентот веројатно ќе се бави со прашањето кој од одговорните во политиката знаел и што сѐ знаел за активностите на Крипто АГ.

Обвинителството отвори истрага, а наводно безбедните швајцарски банки темелно проверуваат дали Крипто манипулирал и со нивните шифрирани факс-машини.

Бидејќи, во прашање е доведен ни помалку ни повеќе туку неутралниот имиџ на Швајцарија, од кој малата алпска земја со децении профитира.

Во Белгија воената разузнавачка служба го истражува потенцијалниот опсег на шпионирањето.

Во Австрија претставници на министерството за одбрана, внатрешни и надворешни работи се сретнаа со американски дипломати и побараа информации дали австриската власт била мета на шпионски напади.

Во Германија владее чудна тишина.

Само парламентарен контролен одбор се бави со операцијата „Рубикон“ и особено ги загрижува прашањето во која мера владите од 1970 до 1993 на чие чело беа канцеларите Вили Брант, Хелмут Шмит и Хелмут Кол од Бундестагот ја криеле милионската заработка од учеството на БНД во Крипто АГ.

Според истражувањето на ЗДФ, постои сомнеж дека сојузната влада своевремено го лажела контролниот одбор.

Ама бидејќи капиталисти со ситни души ја владеат земјава јас и ти ќе плаќаме, коментираат бизнисмените.

повеќе

Овозможувањето континуитет на стопанството треба да биде на прво место во агендата на Владата, бидејќи закрепнувањето на економијата ќе дојде токму од приватниот сектор.

повеќе

Светот првично се соочи со кризата предизвикана од коронавирусот на некоординиран начин, при што огромен број држави едноставно ги игнорираа предупредувањата и настапуваа самостојно.

повеќе