Британскиот премиер за шкотскиот референдум

Џонсон: Неодговорно е да се зборува за распарчување држава

Територијалниот интегритет на Обединетото Кралство до одреден степен е доведен во прашање по изборите одржани во Англија, Шкотска и Велс. Во секој од овие региони се води дебата за идентитетот, вредностите и ресурсите, а владата на Борис Џонсон е под притисок да им обезбеди на локалните власти подобри услови во договорите.

Фото: ЕПА

Изборите одржани во таканаречениот „суперчетврток“ даваат своевиден увид во сложениот мозаик на ситуацијата во која се наоѓа Велика Британија.

Најзначајни се изборите во Шкотска, каде што Шкотската национална партија (СНП), заедно со проиндипендентистичките Зелени, освои мнозинство во парламентот. Според Фајненшл тајмс, премиерката Никола Стурџон вчера практично најави пресметка со Џонсон во врска со референдумот за независност, велејќи за Би-би-си дека ќе побара тој да се одржи во првата половина од нејзиниот мандат доколку ковид-19 дотогаш биде под контрола.

На прашањето дали тие услови може да се исполнат во пролетта 2022 година - во согласност со предвидувањата на некои научници, таа одговори: „Очајнички се надевам дека тие предвидувања се точни“.

Од друга страна, Џонсон и неговите министри тврдат дека на Обединетото Кралство ќе му треба многу подолго време да се опорави од пандемијата. Тој рече дека приказната за „расцепкување на земјата“ е „неодговорна и безобѕирна“ и дека ќе се спротивстави на новото гласање за независност. Во Шкотска во 2014 година се одржа референдум за независност, на кој мнозинството гласаше за останување во Велика Британија. Стурџон, сепак, тврди дека напуштањето на Европската Унија, на што Шкотска се противеше, ги променило уставните околности.

Во писмото до Стурџон по изборите Џонсон рече дека кампањата за вакцинација покажала како изгледа „тимот на Велика Британија во акција“, нагласувајќи дека економската реакција ќе биде проект на сите четири земји. Тој ги повика Стурџон, како и лидерите на Велс и Северна Ирска, на самит на темата „заеднички предизвици и начини на работа во наредните месеци и години за нивно надминување“.

Пораката беше јасна. Не се зборува за референдум за независност. „Нашиот фокус е на закрепнување од пандемијата“, изјави владин претставник во Лондон за Политико. „Тоа мора да биде во фокусот и на следната шкотска влада.“

Доколку владата на Џонсон упорно го одбива референдумот, може да дојде до уставен ќор-сокак. Едната страна ќе тврди дека има демократски мандат, додека другата ќе се повика на владеењето на правото.

„Во никој случај не може да се каже дека референдумот е исклучиво мое или барање на СНП“, рече Стурџон по објавувањето на резултатите од изборите. „Тоа е ветување дадено на луѓето, кои сега ги застапува мнозинство во нашиот национален парламент. Тоа е волјата на оваа земја. Имајќи го тоа предвид, едноставно не постои демократско оправдување за Борис Џонсон или за кого било друг да се обиде да го блокира правото на граѓаните на Шкотска да ја изберат својата иднина“, рече Стурџон.

„Кога ова би завршило на суд, што јас воопшто не сакам, тоа би значело дека конзервативната влада одбива да ги почитува демократските желби на шкотскиот народ“, изјави вчера Стурџон.

Резултатите од изборите во Велс делуваат како помалку значајна закана за Велика Британија. Велшката партија (Плаид Камри) не постигна позначаен успех и лабуристите освоија 30 од 60 места во парламентот, што значи дека тие продолжуваат да владеат без престанок од 1999 година.

Дебатата за можната независност сепак не треба да се занемарува бидејќи анкетите на јавното мислење покажуваат зголемена поддршка. Ова е првпат партијата Плаид Камри на избори јасно да се определи за независност. Доколку остане на тој пат, оваа партија може да ја поттикне оној вид национална дебата што СНП ја започна во 2007 година, полека нормализирајќи ја идејата за независност.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Во последните 30 години сите политички партии, независно од тоа колку демократски се претставуваат во своите програми, на државата гледаат како на инструмент, што е пак првиот сигнал, чекор кон авторитарност.

повеќе

Ако денес направиме една историска книжевна паралела, драмското дело на Стефановски ќе го квалификуваме како антологиски бисер, кого и сегашните и идните генерации ќе го чуваат како неодминлив столб на целокупната македонска драмска литература.

повеќе

За првпат во историјата на албанската демократија, една иста партија ќе биде на чело на земјата три последователни мандати. 

повеќе