Двете страни на пандемијата: рекордно богатство на милијардерите и живот со помалку од 1,6 евра на ден

За време на пандемијата на ковид-19, богатството на нешто повеќе од две илјади милијардери во светот достигна рекордна вредност, надминувајќи 10 илјади милијарди долари.

Од друга страна, кризата со коронавирусот ги турна во крајна сиромаштија околу сто милиони луѓе што живеат со помалку од 1,6 евра на ден, предизвикувајќи загриженост за продлабочување на економските нееднаквости, пишуваат светските медиуми.

Богатството на милијардерите низ целиот свет достигна рекордни нивоа за време на пандемијата на ковид-19, бидејќи многумина ги интензивираа ризичните инвестиции на бурните финансиски пазари и профитираа од технолошкиот бум, пишува Фајненшл тајмс.

Нивното колективно богатство, според годишното истражување на швајцарската банка УБС, летово достигна 10,2 илјади милијарди долари, што го надмина претходниот рекорд од 2017 година, истовремено зголемувајќи го бројот на милијардерите на 2.189, во споредба со 2.158 во 2017 година.

Иако богатството на милијардерите се намалило откако се собрани статистичките податоци во јули, главно поради падот на берзите, податоците сугерираат, посочува британскиот весник, дека тоа сè уште е далеку над својот минимум во 2020 година, кога нивното комбинирано богатство падна на осум илјади милијарди долари поради шокот од пандемијата предизвикана од коронавирусот.

Извештајот е објавен во време кога зголемената економска нееднаквост во САД, Велика Британија и некои други водечки економии ја донесе улогата на богатите во центарот на вниманието, посочува Фајненшл тајмс, додавајќи дека цел на критики се условите што овозможиле такво збогатување - од регулаторните режими што им дозволиле на технолошките компании да дојдат до доминантна позиција до ниските даноци на капиталот во некои земји.

Од друга страна, посочува весникот, милијардерите ги зголемија филантропските подароци како одговор на пандемијата.

Во извештајот на УБС се наведува дека помеѓу март и јуни 709 лица донирале износ од 7,2 милијарди долари.

Повеќе од половина, 4,6 милијарди долари, се дадени во САД.

УБС наведува дека се чини дека вкупната сума е мала во споредба со вкупното богатство на милијардерите, но посочува дека не биле земени предвид дискретно дадените донации.

Швајцарската банка исто така посочува дека нејзините истражувања сугерираат дека овие донации сè уште се „најголемите“ што милијардерите ги дале за толку краток временски период.

Извештајот на УБС е објавен во време на зголемена загриженост дека пандемијата ќе ги продлабочи економските нееднаквости, пренесува Си-ен-ен, истакнувајќи дека во еден претходен извештај се открива дека во последните две децении, растот на богатството на американските милијардери бил 200 пати поголем од растот на медиумското богатство.

Сепак, посочува Си-ен-ен, и некои милијардери се збогатуваат побрзо од другите, бидејќи пандемијата, наводно, ги зголемила дупките во богатството помеѓу иноваторите во технологијата, здравството и индустријата и претприемачите во областите како што се забавата, финансиските услуги и недвижнините.

Ова е исто така спротивно на трендот во изминатата деценија, кога е зголемено богатството на луѓе од сите сектори, наведува Си-ен-ен, додавајќи дека сега тие што се „на погрешната страна“ од технолошките и социјалните трендови, стануваат релативно помалку богати.

Поларизацијата меѓу „иноваторите милијардери“ и другите доаѓа на крајот на една деценија во која бројот на милијардерите е двојно зголемен, а вкупното богатство е скоро тројно зголемено.

Во текот на 2018, 2019 и првите седум месеци од 2020 година, вкупното богатство на технолошките милијардери се зголеми за 43 проценти на 1,8 илјади милијарди долари, додека милијардерите од здравствениот сектор имаа раст од 50 проценти на 659 милијарди долари.

Милијардерите како целина бележат раст од 19 проценти во тој период, додека оние во финансиските услуги, забавата, материјалите и недвижнините го зголемиле своето богатство за 10 проценти или помалку.

Географски гледано, најголемиот раст на богатството на милијардерите во последните 10 години се случи во континентална Кина, девет пати повеќе во споредба со двојното зголемување во Соединетите Држави.

 

Другата страна на пандемијата

Додека во времето на коронавирусот богатството на супербогаташите достигна нови рекорди, пандемијата, според податоците на Светската банка, ќе турне околу 100 милиони луѓе во екстремна сиромаштија, посочува Би-би-си.

Пандемијата на ковид-19 се надоврзува на последиците од конфликтите и климатските промени што веќе го забавија намалувањето на глобалната сиромаштија, соопшти Светската банка, наведувајќи го своето предвидување дека ковид-19 ќе турне од 88 до 115 милиони луѓе во екстремна сиромаштија, што во 2021 година може да порасне на дури 150 милиони луѓе.

Екстремната сиромаштија, дефинирана како живот со помалку од 1,9 американски долари на ден (1,6 евра), според предвидувањето годинава првпат ќе се зголеми од 1998 година, кога азиската финансиска криза ја шокираше глобалната економија, вели Би-би-си.

Пред коронавирусот да се прошири низ светот, оваа година се очекуваше пад на екстремната стапка на сиромаштија на 7,9 проценти, но на крај пандемијата веројатно ќе придонесе меѓу 9,1 и 9,4 проценти од светската популација да живеат во екстремна сиромаштија.

Светската банка наведе дека напредокот во намалувањето на глобалната сиромаштија веќе бил забавен и пред кризата со ковид-19.

Помеѓу 2015 и 2017 година, 52 милиони луѓе излегоа од сиромаштија, но стапката на пад беше помалку од половина процент годишно.

Пандемијата го поништи деценискиот напредок во намалувањето на екстремната сиромаштија, пишува Волстрит џурнал, посочувајќи дека изминативе 30 години биле период на скоро континуирано подобрување на животниот стандард за многумина од најсиромашните во светот.

Светската банка проценува дека меѓу 703 и 729 милиони луѓе сега живеат во екстремна сиромаштија, со можен пораст на тој број следната година, додека пред пандемијата се проценуваше дека 615 милиони луѓе низ светот живеат со помалку од 1,9 долари на ден.

Дури и за време на глобалната финансиска криза пред една деценија, кога поголем дел од светот на сличен начин беше во рецесија, бројот на луѓето во екстремна сиромаштија продолжи да опаѓа, бидејќи според американскиот весник, големите развојни пазари како Индија и Кина продолжија да растат.

Последиците од пандемијата предизвикана од коронавирусот се чини дека се пораспространети и посериозни, вовлекувајќи нови демографски групи во екстремна сиромаштија, истакнува Волстрит џурнал.

Пред пандемијата, во крајна сиромаштија живееја главно руралните, необразовани млади луѓе што работат во земјоделството.

Пандемијата, меѓутоа, ги втурна во сиромаштија луѓето во пренатрупаните урбани области, со повисоки нивоа на образование и оние што работат во сектори како што се неформалните услуги, градежништвото и производството.

Наглиот пораст на сиромаштијата веројатно ќе ги уништи надежите за постигнување на целите на Обединетите нации за одржлив развој, за искоренување на екстремната сиромаштија до 2030 година.

Пред пандемијата, проценува весникот, таа цел се сметаше за агресивна, но можеби и остварлива.

„Конвергенцијата на пандемијата на ковид-19 со притисоците на конфликтот и климатските промени ќе ја постави целта за ставање крај на сиромаштијата до 2030 година надвор од дофат, ако нема брзо, значајно и суштинско дејствување“, соопшти Светската банка.

Во Македонија само 1% од младите професионално се занимаваат со спорт, 7% спортуваат аматерски, додека 42% спортуваат рекреативно или практикуваат физичка активност во вид на хоби и рекреација.

повеќе

Нашето законодавство дава поголема важност на едно парче хартија отколку на вистинската состојба на терен.

повеќе

Еве што знаат мнозинството Македонци и Бугари родени до 1980 година.

повеќе