Саркози е обвинет за корупција, но веројатно ќе избегне затвор

Драматичниот пад на „францускиот Тачер“

Поранешниот француски претседател Никола Саркози беше осуден вчера поради корупција на три години затвор, во фасцинантниот пад на човекот кој пет години доминираше со националната и глобалната сцена.

EPA-EFE

Судот во Париз утврди дека 66-годишниот Саркози се обидел да поткупи еден судија откако ја напуштил функцијата и тргувал со влијание во замена за доверливи информации за истрагата на финансирањето на неговата кампања во 2007 година.

„Го искористил својот статус и односите кои ги стекнал“, кажа претседавачката судијка Кристин Ме.

Пресудата и казната се драматични, неочекувани и историски, пишува Гардијан.

Саркози во текот на судењето тврдеше дека е невин и ги отфрлаше обвиненијата како „навреда за интелигенцијата“.

Саркози беше претседател на Франција од 2007 до 2012 година и го задржа влијанието меѓу конзервативците, дури и откако се повлече.

Тој е вториот француски претседател кој во модерната ера е осуден за корупција, потсетува Ројтерс.

Меѓутоа, тој веројатно нема да оди во затвор.

Две години од неговата казна се суспендирани, а судијката кажа дека е отворена за опцијата преостанатата година да ја отслужи во домашен притвор со електронски уред за следење иако за тоа одлучува друг судија.

Судот утврди дека Саркози му нудел вносна зделка на судијата во Монако Жилбер Азибер, во замена за инсајдерски информации за истрагата поради тврдењата дека примил незаконски уплати од наследничката на компанијата Лореал Лилијан Бетенкур за неговата претседателска кампања во 2007.

Саркози ја напушти судницата без обраќање до новинарите, но неговата бранителка кажа дека ќе поднесе жалба и ќе докаже својата невиност.

„Оваа пресуда е исклучително сериозна и целосно неоправдана“, им кажа Жаклин Лафон на новинарите.

Сопругата на Саркози, манекенката и пејачка Карла Бруни, на Инстаграм пресудата ја нарече „неоправдана“.

„Каква ноторна бесмислица, љубов“, напиша таа. „Борбата продолжува, вистината ќе избие на виделина“.

Саркози на светската сцена изби како реформатор полн со идеи кој сака да расчисти со стагнирачкото минато на Франција на домашен и меѓународен фронт. Го доби прекарот „францускиот Тачер“, спроведувајќи пазарни реформи како кревање на старосната граница за заминување во пензија и прилагодување на даночниот систем за да охрабри прекувремена работа.

Надвор од Франција, тој посредување во постигнувањето примирје во војната меѓу Русија и Грузија во 2008, а во 2011 година ја заговараше НАТО интервенцијата во Либија како поддршка на бунтот против лидерот Моамер Гадафи.

Истражителите ги прислушувале разговорите меѓу Саркози и неговиот адвокат Тјери Ерцог од 2013 година додека се бавеле со обвиненијата за либиското финансирање на кампањата на Саркози од 2007 година.

Во тој процес тие дознале дека Саркози и неговиот адвокат комуницираат користејќи мобилни телефони регистрирани под лажни имиња.

Тој случај е познат како „Афера Бизмут“, бидејќи Саркози го користел името Пол Бизмут.

Саркози ги отфрла сите обвинувања и тврди дека е жртва на лов на вештерки на финансиските обвинители кои користеле недозволени средства за да го уапсат.

Ерцог и Азибер, на кои исто така им се судеше, се прогласени виновни за корупција и трговија со влијание. „Таквото однесување може само сериозно да ја поткопа легитимната доверба која јавноста мора да ја има во правосудниот систем“, кажа Ме.

Саркози и неговата партија од десниот центар Републиканци тврдат дека истрагите против него се политички мотивирани.

Единствениот друг претседател на Петтата Република кој е осуден пред суд е конзервативниот претходник на Саркози, покојниот Жак Ширак, кој во 2011 беше прогласен за виновен за корупција.

Иако на Саркози не му е забрането да врши јавна должност, вчерашната пресуда веројатно ќе ги урне неговите надежи за враќање пред претседателските избори следната година.

Неговите Републиканци се обидуваат да изнедрат кредибилен кандидат уште од поранешниот премиер на Саркози Франсоа Фијон, кој во трката за претседател беше обвинет за злоупотреба на државни средства, што го отвори патот за победата на Емануел Макрон.

Саркози подоцна месецов повторно ќе се појави пред суд под обвинение за кршење на правилата за финансирање на кампањата за време на неговата неуспешна кандидатура за реизбор во 2012.

Обвинителите ги истражуваат и тврдењата дека либискиот лидер Моамер Гадафи во куфери испратил во Париз 50 милиони долари за да ја финансира кампањата на Саркози.

Финансиските истражители во јануари кажаа и дека отвораат прелиминарна истрага за наводно тргување со влијание во врска со консултантските активности на Саркози во Русија седум години откако ја напушти претседателската функција.

Легенда под Главна слика

EPA-EFE

Ако не се претвориме во систем на вакцинални касти („Тргни ги твоите Астразенека-шепи од мојот Фајзер-дедо“), може да застраниме кон вакцинални пасоши со сомнителна валидност („Врвката на оваа пропусница не е во нијанса одобрена од СЗО!“).

повеќе

Освен неколку изолирани обиди, повеќето луѓе не реагираат кај институциите и не бараат одговорност. 

повеќе

Отворено писмо до претседателот Пендаровски и  академска фела во Македонија.

повеќе