Дополнителна пречка за оспоруваниот гасовод: Правна или политичка одлука?

Германската регулаторна агенција ја прекина процедурата за одобрување за големиот нов гасовод со кој рускиот гас треба да стигнува во Европа, што претставува дополнителна пречка за оспоруваниот проект и предизвикува нов раст на цените на гасот.

EPA-EFE

Регулаторната агенција, како што јави Ројтерс, соопшти дека привремено го сопрела процесот бидејќи конзорциумот со седиште во Швајцарија кој стои зад Северен тек 2 треба да формира германска ќерка компанија во согласност со германските закони за да добие дозвола за работа.

Како резултат на веста за сопирање на процедурата цените на гасот повторно скокнаа за речиси 11 отсто, а на холандскиот ТТФ јазол гасните договори за еден месец однапред беа склучувани по цена од 90,40 евра за мегават час.

„Ова прилично ги поместува очекуваните рокови“, кажа за британската агенција Тревор Сокорски од компанијата Енерџи аспекст, додавајќи дека е нејасно колку долго би можел да трае процесот на формирање нова компанија и повторно аплицирање за дозвола. Малку е веројатно дека гасоводот би можел да почне со работа во првата половина на 2022 година, кажа Сикорски.

Британски Гардијан истакна дека германската одлука да се одложи работата на Северен тек 2, со кој се заобиколуваат сегашните гасоводи кои минуваат низ Украина и Белорусија, следеше по сè поголемиот политички притисок и повиците на западните лидери да се откаже од тој план бидејќи во спротивно ризикува дестабилизација на тој регион.

Британскиот премиер Борис Џонсон ја предупреди Германија дека ќе мора да бира меѓу „вбризгување на уште руски јаглеводороди во огромни нови гасоводи“ и „заложувањето за Украина“ и „одбраната на мирот и стабилноста“ во Источна Европа.

Критичарите на проектот стравуваат дека Русија ќе го користи гасоводот како геополитичко оружје во Европа среде глобалната енергетска криза и притоа ќе ја ослаби Украина која во голема мера зависи од приходите од транзитот на рускиот гас низ таа земја. Москва ги отфрла овие тврдења.

Шефот на украинската енергетска компанија Нафтогас кажа за Ројтерс дека ја поздравува одлуката на германскиот регулатор.

„Добро“, кажа Јуриј Витренко. „Ова е важна работа, која укажува дека германската регулаторна агенција го дели нашиот став дека дозволата не може да се однесува само на гасоводот во Германија, туку на целиот гасовод од територијата на Руската Федерација до територијата на Германија“.

Од Северен тек беше соопштено дека германскиот регулатор ги информирал за суспендирањето. „Не сме во позиција да коментираме детали од процедурата, евентуалното траење и влијанието врз почнувањето со работа на гасоводот“, се наведува во соопштението.

Кремљ не ја коментираше одлуката на регулаторната агенција.

„Секое одложување во процесот на издавање на дозволата за гасоводот, особено пред зимата, не е во интерес на Европската Унија, во тоа нема сомнеж“, кажа за ТАСС Константин Косачев, заменик претседателот на горниот дом на рускиот парламент.

Германскиот регулатор соопшти дека ќе ја разгледа пријавата дури по трансфер на значителни средства и буџет за персоналот на германската ќерка компанија во согласност со германскиот закон.

Кога овие предуслови ќе бидат исполнети, се наведува дека ќе се продолжи со проценката во текот на остатокот на четиримесечниот период предвиден за апликација. Пред најновата суспензија, тој период требаше да трае до јануари.

Правниците тврдат дека овој потег, кој одделни трговци на берзата на гас го сметаат за политички мотивиран, има смисла од регулаторно правен аспект бидејќи значи дека операторите на гасоводот во Германија ќе мора да работат по локалните правила.

Москва веќе ја користи рутата под Балтичкото Море за Северен тек 1, кој има капацитет од 55 милијарди кубни метри, што е еквивалент на половина од германската потрошувачка. Северен тек 2 тоа би го удвоил и би ја направил Германија централна точка за пристигнување на европскиот гас и понатамошна дистрибуција.

Ројтерс потсетува дека откако германскиот регулатор ќе ја донесе конечната одлука за дозволата за работа на Северен тек 2, Европската комисија има два месеци да направи своја проценка на валидноста на пријавата.

„Според сегашните околности можно е ново одложување на почетокот работата на Северен тек 2, бидејќи иако Германија е попријателски расположена кон овој проект од ЕУ, регулаторното одобрување на гасоводот може да наиде на нови пречки во фазата на разгледување од страна на ЕУ“, кажа Карлос Торес Дијаз, шефот на отсекот за пазар на енергија и гас во компанијата Рајстад енерџи.

Легенда под Главна слика

EPA-EFE

Првичната реакција на голем број држави кога се појави новата варијанта на ковид-19 вирусот за забрана на патувањето од Јужна Африка и од соседните држави, иако истиот веќе се има проширено, е очајна мерка. Всушност, државите можеби се и подобро подготвени отколку што мислат за што и да следи.

повеќе

Со неколку геополитички шаховски потези, Кина докажа дека не секогаш оружјето и војните се единствениот начин за глобална доминација.

повеќе

Македонија може да ги задоволи потребите од електрична енергија ако на површина од 160 км2 постави соларни панели, а инвестицијата за тоа е 2,4 милијарди евра.

повеќе