Долината во Авганистан која е последната точка на отпор кон талибанците (ВИДЕО)

Долината Панџшир е најголемата меѓу точките на отпор кон талибанците кои ја преземаа власта врз Авганистан.

EPA-EFE

Борците кои ги сочинуваат припадници на антиталибанските милиции и поранешните авганистански безбедносни сили ветија дека ќе се борат против талибанците кои испратија свои борци да го опколат тој регион.

Двете страни тврдат дека сакаат решение со преговори, но нема придвижување кога станува збор за судбината на таа стратегиска област.

Зошто е важна долината Панџшир?

Панџшир е тесна долина длабоко во планините Хиндукуша, а јужниот раб ѝ се наоѓа околу 80 километри северно од Кабул.

Долината има ограничен број точки за влез и нејзината географска позиција пружа природна воена предност бидејќи одбранбените единици можат да користат позиции надвиснати над напаѓачите.

Има и голема симболична важност во Авганистан како област која одолеала на окупација на напаѓачите повеќе од стотина години.

Отпорот од долината претежно населена со Таџици силно го обликувал политичкиот и безбедносниот релјеф на Авганистан во 1980-тите и 1990-тите.

На што се должи репутацијата на долината?

Најценетата личност во Панџшир е Амад Шах Масуд, герилски командант чие лице ги краси муралите не само во долината туку и многу подалеку низ авганистанските градови.

Познат како Лавот од Панџшир, Масуд се прослави предводејќи ги муџахедините во борбата против советската армија во 1980-тите.

Советскиот Сојуз водеше повеќе кампањи со илјадници војници, напаѓаше со хеликоптери и тенкови, но не успеа да го порази ни во некои од најкрвавите битки во конфликтот.

Тоа постигнување го повтори во доцните 1990-ти кога талибанците ја преземаа контролата врз речиси целиот Авганистан.

Талибанците не успеаја да го заземат Панџшир, а силите на Масуд им ги нанесоа некои од најтешките порази во тоа време.

Два дена пред терористичките напади на 11 септември 2001, убијци испратени од Ал каеда, сојузникот на талибанците, го убија Масуд.

Претставувајќи се како сниматели на документарец, го седнале да го интервјуираат и потоа го активирале експлозивот скриен во камерата и во торбата за батерија.

Кој е сега движењето на отпорот?

Денешните антиталибански борци се припадници на локалните милиции како и поранешни припадници на силите за безбедност кои дошле во долината кога остатокот од земјата падна во рацете на талибанците.

Со себе ја донеле својата опрема, возилата и оружјето, што ќе ѝ помогне на националниот фронт на отпорот (НРФ) кој го предводи синот на славниот командант од Панџшир, Ахмад Масуд.

Групата вети дека ќе пружи отпор на сите талибански напади, но во напис за Вашингтон пост Ахмад Масуд призна дека ќе им треба странска поддршка.

Поранешниот авганистански потпретседател Амрулах Салех исто така се наоѓа во Панџшир и се појавува на фотографии објавени на социјалните мрежи на кои се гледа како разговара со Масуд.

Како реагираа талибанците?

Талибанците испратија стотици борци во областа која го опкружува Панџшир обидувајќи се да организираат опсада и да ги присилат борците на отпорот да се предадат.

И покрај ескалацијата, портпаролот на талибанците кажа дека повеќе би сакал ситуацијата да ја решат по мирен пат.

НРФ тврди дека е отворен за разговори со исламистите за вклучување во владата, а старешините од долината наводно веќе разговарале со талибанските лидери.

Но немало приближување.

Талибанците тврдат дека надгледуваат најмалку три зони околу Панџшир, а поранешниот потпретседател Салех објави на Твитер дека се развива хуманитарна криза бидејќи е прекината доставата на храна и гориво.

И додека НРФ ветува дека ќе пружи отпор на секој напад, не се знае дали имаат доволно храна, резерви и муниција за да издржат долготрајна опсада.

Легенда под Главна слика

EPA-EFE

Македонија може да ги задоволи потребите од електрична енергија ако на површина од 160 км2 постави соларни панели, а инвестицијата за тоа е 2,4 милијарди евра.

повеќе

Тешко е да се очекува дека ветото ќе биде туку-така тргнато. Дури и кога би се постигнал некаков договор, тоа би значело дека Македонија направила тешки и болни компромиси за да дојде до решение, имајќи ги предвид тврдите позиции на Бугарија.

повеќе

Лошите прогнози за инфлацијата и зголемувањето на цените на сите енергенси, не упатува кон еден заклучок - обновливите извори на енергија, заедно со вложувањето во самоодржливост и економијата на подарувањето сега се позначајни отколку кога и да е претходно.

повеќе