Се создава нов сојуз

Дојче веле: Саудиска Арабија им го врти грбот на талибанците

Кога талибанците владееја со Авганистан меѓу 1996 и 2001 година, Саудиска Арабија беше една од само три држави кои ја признаа нивната влада. Освен неа тоа го направија само уште Пакистан и Обединетите Арапски Емирати, пишува Дојче веле.

EPA-EFE

Саудиска Арабија тогаш со години одржуваше интензивни односи со талибанците. Таа на пример во Пакистан финансираше верски школи, таканаречени медреси, од кои беа регрутирани безбројни поддржувачи на талибанското движење, и во Пакистан и во Авганистан. Сепак, учењето во медресите за сунитскиот ислам се разликува делумно од државната саудиска религија вахабизмот. Но, заедничко им е ултраконзервативното толкување на исламските пишани извори.

Во 80-тите години од минатиот век, кога во Авганистан влезе советската армија, Саудиска Арабија ја поддржуваше борбата на верски мотивираните авганистански милитанти муџахедини против Советскиот Сојуз. Во тоа Саудиска Арабија соработуваше со Соединетите Американски држави, Британија и Пакистан. Додека САД сакаа да го сузбијат ширењето на комунизмот во Авганистан, Саудијците сакаа да го бранат екстремниот ислам. Се проценува дека двете земји на таа војна потрошиле по четири милијарди долари.

По повлекувањето на советската армија и за време на граѓанската војна која потоа изби во 90-тите години, Саудиска Арабија, пред сè во финансиска смисла, стана една од најважните сојузнички на талибанците кои настанаа од муџахедините. Освен тоа, Обединетите нации ја обвинија Саудиска Арабија за испорака на оружје на талибанците и покрај меѓународното ембарго.

Но, таа поддршка нагло прекина по нападите на 11 септември 2001. Тој ден припадници на терористичката група Ал каеда нападнаа повеќе цели во САД. Во самоубиствените напади беа убиени над 3.000 луѓе. Притисокот на Вашингтон ја натера влада во Ријад да ги прекине врските со талибанците, бидејќи тие ѝ даваа засолниште на Ал каеда. Но, на пониско ниво и понатаму постоеше поврзаност меѓу државните, верските и приватните фактори.

Денес Саудиска Арабија се дистанцира од своите бивши партнери. Дури се откажа од посредничката улога во преговорите меѓу талибанците и сменетата авганистанска влада. Таа улога во меѓувреме ја презема Катар.

Откако талибанците кон средината на август го освоија Кабул, саудиското министерство за надворешни работи објави: „Кралството стои зад одлуките кои ги носи авганистанскиот народ“. Тоа со други зборови значи дека Саудиска Арабија повеќе не сака како претходно да се меша во внатрешната авганистанска политика. Но и дека повеќе нема да влијае врз талибанците по желба на западните партнери.

И навистина, има многу малку докази за заживување на некогашното саудиско влијание врз талибанците. Ријад е сојузник на САД кон кои талибанците имаа многу дистанциран однос. Освен тоа, тука се и мерките на модернизација кои во последно време ги спроведува престолонаследникот Мохамед бин Салман. Неговата идеја за барем делумно либерална и отворена Саудиска Арабија не е во согласност со подржување исламистички екстремисти во други држави.

Талибанците денес се значително поблиски со една друга држава – Иран. И тоа без оглед на верските разлики: Иран е шиитска држава, додека талибанците се сунитско движење. Уште минатата година политикологот Винај Каура од аналитичката група Мидл ист од Вашингтон предупреди: „Тој нов развој е во силен контраст кон ерата на поранешниот талибански режим кој го поддржуваше Саудиска Арабија, заколнатиот противник на Иран“.

Политикологот Кристијан Коутс Улрихсен од универзитетот Рајс во Тексас за Дојче веле оцени дека и понатаму се можни контакти меѓу саудиските и авганистанските верски мрежи. „Но не е веројатно дека ќе дојде до официјална помош или признавање на начинот на кој тоа беше во минатото“.

„За Саудијците би бил значителен ризик за нивната репутација кога би се обиделе да пружат финансиска помош на Авганистан која не е целосно транспарентна и усогласена со меѓународните и мултилатералните партнери“, проценува Улрихсен. И додава дека имајќи ја предвид скората годишнина од нападите на 11 септември: „Саудијците токму околу тој датум ќе се прикажуваат воздржани“.

Легенда под Главна слика

EPA-EFE

Радован Павловски (1935, Ниш, Србија) е водечко име на третатта генерација македонски писатели, која во нашата литература се појави во шеесеттите години на минатото столетие и внесе нов творечки дух со препознатлив национален белег.

повеќе

Во јавните високообразовни институции, научноистражувачката дејност е целосно маргинализирана под неопходниот минимум.

 

повеќе

Го потсетувам претседателот на државата дека уставниот рок за создавање на парламентарно мнозинство е 20 дена, а веќе 30 дена Владата нема парламентарно мнозинство.

повеќе