Рускиот опозиционер стана премногу познат и преопасен за Кремљ

Дојче веле: Путин повеќе не го игнорира Навални

Алексеј Навални беше уапсен веднаш по пристигнувањето во Москва по лекувањето во Берлин. Претходно го нарекуваа „безначаен блогер“, но сега стана премногу познат и премногу опасен за Кремљ, коментира Јуриј Решето за Дојче веле.

EPA-EFE

Прво добрата вест, иако од перспектива на противниците на Путин: најгласниот критичар на Кремљ се врати дома. Здрав и полн со енергија.

Иако Навални беше уапсен веднаш по доаѓањето во Москва. Станува збор „само“ за истражен затвор, но Навални има соработници кои сакаат да се борат, дури и ако остане подолго зад решетки.

На пример, да се борат пред изборите за Думата кои претстојат. Со концептот за „паметно гласање“, во кој опозицијата се повикува да гласа секогаш за оние кандидати кои имаат најмногу шанси против претставниците на власта. Тоа функционираше на одделни регионални избори минатата година.

Но, „паметното гласање“ нема вистински да го смени политичкиот систем во Русија. И едвај ќе ја зајакне опозицијата. Бидејќи Русија нема опозиција. Партиите кои се на ливчињата се само квази-опозиција без заби. Едноумни групи кои без приговор ги поддржуваат одлуките на Кремљ.

Тој факт нема да го смени враќањето на Навални. И тоа е лошата вест, за Путиновите противници.

Алексеј Навални е бренд. Харизматичен, бестрашен, решителен, познат далеку надвор од границите на татковината. Навални стана најважниот опозициски политичар на Русија од кој Кремљ навистина се плаши, што го покажува и сосема претераната реакција на неговото враќање во Москва.

Десетици полициски автобуси, стотици припадници на безбедносните сили, забранет пристап за медиумите. Терминалот за пристигнувања на аеродромот Внуково, каде Навални требаше да слета, личеше на полициска блокада. Тоа беше демонстрација на моќта на државата кон нескршливиот граѓанин.

Сето тоа звучи драматично, но му служи на имиџот на Навални. Власта конечно повеќе не го нарекува „безначајниот блогер“ или „берлинскиот пациент“. Така критичарот на режимот го нарекуваше Дмитриј Песков, портпаролот на Кремљ. Неговиот шеф Путин не ни му го изговараше името.

Руското правосудство повеќе пати имаше шанса Навални на подолго време да го испрати во затвор. Но не го направи тоа. Како што се зборува, по наредба на Кремљ. Бидејќи, тоа би било премногу „чест“ за еден „безначаен блогер“, премногу внимание.

Тоа сега очигледно се смени, смета Решето. Навални стана премногу познат и со тоа премногу опасен за Владимир Путин.

Но, само тој. Бидејќи Навални нема партија, не обединува маси, тој досега беше храбар осамен борец.

Иако неговите снимки за корумпираните државни службеници имаат милиони кликови на Јутјуб. А на неговиот повик да излезат на улица пред неколку години одговорија бројни поддржувачи, главно млади. Нивните протести беа задушени со сила. Илјадници се уапсени и од тогаш се систематски заплашувани. Некои на крајот завршија на робија.

Кога неколку дена пред доаѓањето на Навални една група активисти преку интернет ги повика граѓаните да дојдат и да го поздрават на аеродромот, полицијата веднаш ги посети луѓето на Навални во Москва и Санкт Петербург. И други опозиционери добија закана со апсење ако дојдат на аеродромот. На Внуково беа апсени оние кои сепак дојдоа.

Сето тоа е доказ дека Кремљ е навистина надмоќен противник.

Легенда под Главна слика

EPA-EFE

Младите бараат подобар живот надвор од државата, бидејќи доаѓаат до заклучок дека приватните компании и странските организации им пружаат поголема поддршка и повеќе ги вреднуваат отколку сопствената држава.

повеќе

Во САД и некои други земји, припадниците на загрозените расни и етнички малцинства имаат пократок животен век од просечниот, и поради тоа не се доволно застапени меѓу оние за кои најмногу се очекува дека ќе починат од ковид-19.

повеќе

Предвидувањата за тоа дека ќе дојде денот кога Бугарија ќе ги искористи пасошите кои Софија така лесно им ги даваше на македонските државјани почнуваат да се остваруваат.

повеќе