Пет години по припојувањето

Дојче веле: На Путин му е потребен нов Крим

„Прво дојдоа „зелените луѓе“, па Крим беше припоен кон Русија. Случувањата од пред пет години ја кренаа домашната популарност на Путин до небото, но тој ефект помина“, пишува Дојче веле, со констатација дека Крим во Русија е речиси заборавен.

Пред пет години Русите главно беа во кримски транс. Аналитичарите збворуваа за „Крим-ефектот“, за припојувањето на црноморскиот полуостров како алатка за кревање на популарноста на претседателот Владимир Путин и неговата власт. Но, кога денес зборуваат за тоа, аналитичарите зборуваат во минато време. Според истражувањата на јавното мислење, Путиновата популарност се врати на – сепак високото – нивото на кое беше пред Крим.

Пред пет години таканаречените „зелени луѓе“ – тешко вооружени мажи со униформи без ознаки – ја преземаа контролата врз Крим. Тогаш, на 16 март 2014 година, руската влада организираше референдум на украинската територија. Иако резултатот на референдумот не го призна меѓународната заедница, Путин на 18 март 2014 прогласи „приклучување“ на Крим на Русија.

Тоа во Русија предизвика ретко виден бран на еуфорија. Путиновата омиленост порасна на над 80 отсто. Пред тоа изнесуваше околу 60 отсто. „Тоа може да се спореди со опиеност“, вели Николај Петров од Руската висока школа за економија во Москва. „Тогаш луѓето имаа чувство дека сѐ е можно, сѐ е дозволено. Луѓето беа опиени од повторно пронајдената големина. Чувството на загриженост го снема“, вели Петров.

Константин Гасе од московскиот Карнеги центар е сигурен дека „Крим-ефектот“ бил еднократен и дека не може да се споредува со други настани во руската историја. „Обидот овој ефект да се повтори би пропаднал“, вели Гасе. „Тој не е ограничен на пропаганда. Анексијата на Крим на многумина им даде можност отворено да го изразат она што пред тоа не се осмелуваа“, вели тој.

Алексеј Титков од невладината организација Иницијатива за цивилно општество разликува два типа Руси кои пред пет години ја поддржаа постапката на Путин со Крим. „Некои се многу полетни кога станува збор за воени теми, тежнеат кон радикални погледи“, вели Титков. Другите, според него, се повнимателни и попрагматични. Токму во таа група се случиле најголемите промени во изминатите години.

„Патриотскиот бонус“ за Путин во изминатите пет години се стопи. По најавата на пензиската реформа минатото лето, Путин го поддржуваат околу 64 отсто од руските граѓани.

Делумното отрезнување почна уште порано, велат експертите. „Бројот на луѓето кои веруваат дека санкциите се само штета почна да расте уште кон крајот на 2014“, вели Титков. Кога руските власти во 2015 јавно ги уништија нелегално увезените животни намирници, тоа бројни Руси негативно изненади. Тие и понатаму ја поддржуваа надворешната политика на Кремљ, но сепак чувствуваа дека ситуацијата се влошува.

Новата етапа во развојот на руското општество сѐ уште нема контури, но сѐ позабележливи се одредени карактеристики: разочарувањето, новиот начин на вреднување на нештата, фрстрацијата.

Кремљ сѐ уште нема најдено нешто за да го замени „Крим-ефектот“. Патот со кој би пораснало расположението меѓу населението би била борбата против корупцијата  -„сценарио како во Сингапур и Кина“, вели Титков. „Сепак властодршците тоа од различни причини не можат да го спроведат и се ограничуваат на поединечни случаи на фигури без национално значење како гувернери и градоначалници“.

Во Русија престана и општествената дебата за анектираниот полуостров. Меѓутоа, таа никогаш вистински не се ни водеше. Повеќето Руси анексијата ја прифати како готова работа. „Дури и опозицијата речиси престана да зборува за тоа“, вели Константин Гасе. Еден од најгласните критичари беше поранешниот заменик шеф на владата Борис Немцов, кој беше убиен во 2015 година.

Притоа прашањето на припадноста на Крим „за меѓународниот правен систем сѐ уште е актуелно и болно“, вели Гасе. Ова минско поле, како што вели, би можело да биде еден од најголемите проблеми за риското општество и државата во следните десет до дваесет години.

Демонизирањето на Исламот и неговото постојано поврзување со тероризмот е загрижувачка појава во светот, а и на Балканот.

повеќе

Последните искричења во меѓународниот поредок ја прават нејасна агендата за евроатлантски интеграции на регионот која претставува неопходен услов за долгорочна стабилност на Западен Балкан.

повеќе

Очигледно во градењето на македонското општество заборавивме да ја промовираме правдата како негова примарна цел.

повеќе