Дојче веле: Големата енергетска грешка на Ангела Меркел

Германија и денес е соочена со последиците на емигрантската криза. Но, сега е затворена и последната активна нуклеарна централа, а и едното и другото се последици на одлуките на канцеларката Ангела Меркел донесени „по чувство“.

Годината 2015 важи за превртница во работата на Ангела Меркел на функцијата канцеларка. Кога сѐ повеќе бегалци од Блискиот и Средниот Исток почнаа да доаѓаат во Западна Европа преку Балканската рута, шефицата на германската влада, која инаку постапува многу внимателно и промислено, донесе наеднаш одлука која многу смени: пушти десетици илјади луѓе во земјата речиси без проверка. Вториот одлучувачки момент на нејзиното владеење речиси падна во заборав, нејзиното повеќекратно менување а енергетската политика, пишува Дојче веле.

По нејзиниот втор избор за канцеларка во 2009, така беше и ветено, Меркел и нејзините демохристијани имаат еден специјален приоритет – откажување од атомската енергија. Првото откажување во 2001 почна да го воведува претходната црвено-зелена влада, и покрај сите отпори на енергетските концерни, но со поддршка од населението. 2009 беше единствената година по изборите за Бундестагот кога Меркел не беше принудена да стапи во голема коалиција со социјалдемократите. Наместо тоа можеше да владее со малата и економски насочена партија ФДП. Но, победи не поради големиот енергетскополитички пресврт најавен во предизборната кампања, туку и покрај него. Бидејќи, анкетите и тогаш покажуваа дека меѓу Германците е распространет негативниот став кон атомската енергија.

Фукушима и последиците

Само 18 месеци подоцна, тектонските поместувања на другата страна на светот доведоа до неочекуван потрес и во германската енергетска политика. Епицентарот беше покрај источниот брег на Јапонија. Земјотресот на 11 март 2011 предизвика цунами кое имаше катастрофални последици, над 15.000 луѓе загинаа, многумина и денес се водат како исчезнати. Водениот ѕид на места висок 40 метри ја здроби и нуклеарната централа во Фукушима, што ги разнесе соништата за наводната безбедна западна атмоска техника.

Несреќата во далечната Јапонија предизвика стравови особено во Германија. Така во медиумите се шпекулираше дека радијацијата пренесена низ атмосферата би можела да го озрачи Франкфурт. Во Германија претстоеја седум избори за покраинските парламенти. За Меркел тоа беше моментот „да се крене рачната“, три дена по земјотресот во Јапонија, во Германија беше воведен мораториум од три месеци на работата на нуклеарките за тие да бидат испитани.

Канцеларката по итна постапка свика комисија која требаше да ги разгледа можните опции. Потоа на 3 јуни 2011 откажувањето од нуклеарната енергија беше запечатено. На последниот ден од минатата година престана со работа една од најпродуктивните германски нуклеарки „Филипсбург 2“. За само неколку месеци ќе почне нејзиното уривање.

Печатот и јавноста тогаш ја фалеа и славеа одлуката на канцеларката. А таа беше донесена „по чувство“, канцеларката има завршено физика и пред тоа важеше за студена пресметана научничка која е секогаш спремна на компромиси. Дури четири години подоцна, во славната 2015, таа повторно донесе одлука раководејќи се од чувствата.

Имаше и гласови кои тврдеа дека пред бреговите на Германија не може да се очекува земјотрес од девет степени по Рихтер, како и дека производството на енергија во нуклеарките не доведува до штетните емисии на јаглерод диоксид. Но, тие аргументи немаа голем одек.

Ќе има ли нов пресврт?

Атомската енергија е на лош глас и тоа од добра причина: една хаварија може да опустоши големи површини земјиште. Тоа барем важи за реакторите од првата генерација. Случајот со Фукушима покажа дека дури и нуклеарките со помодерна техника не можат да ѝ одолеат на природата. Досега не е најдено ни задоволувачко решение за складирање на нуклеарниот отпад кој зрачи уште милиони години. Но, во време на климатски промени нема да биде лесно да се произведе доволно струја. А баш тоа производство е „заслужно“ за речиси половината од емисиите на штетни гасови.

Имајќи ја предвид вонредната климатска состојба и загрозената енергетска безбедност, Германците би требало да станат поотворени кон атомската енергија. На Самитот Г20 земјите со средно големи економии во ЕУ како Италија, Австрија или Полска го следеа германскиот „антинуклеарен“ курс.

Веќе атомските централи од втората генерација емитуваат многу малку јаглерод диоксид. Кога ќе се земе предвид целиот нивен животен циклус, од изградба до уривање. Светскиот совет за климата пред пет години пресмета колку јаглерод диоксид емитуваат различните извори: нуклеарните централи во просек емитуваат колку и централите на ветер, односно 12 грама по киловат-час. Сончевите колектори се полоши, со околу 41 до 48 грама. Иако и тоа е исклучително мала вредност во споредба со термоцентралите, кои во моментов мораат да ја надополнуваат струјата од нуклеарните централи. Термоцентралите за време на целиот свој животен циклус во просек емитуваат 820 грама јаглерод диоксид по киловат-час.

Кина во 2018 го пушти во погон првиот реактор од најновата, таканаречена четврта генерација. Атомската индустрија ветува успеси кои звучат како научна фантастика: и до 300 отсто повеќе произведена струја со истото количество гориво, атомски отпад кој е радиоактивен само уште неколку стотици, а не повеќе илјади години, подобрување на системот за автоматско исклучување во случај на опасност, помала зависност од воденото ладење што го намалува ризикот од создавање пукнатини и експлозија на водената пареа, можност дел од нуклеарниот отпад повторно да се користи како гориво.

Досега важеше дека реакторите најефикасно работат кога се под полно оптоварување, што спаѓа во предност кога ќе се земе предвид комбинацијата со обновливите извори на енергија кои се подложни на осцилации. Но, првите резултати на истражувањата покажуваат дека нуклеарките од најновата генерација можат да работат пофлексибилно и со тоа да бидат дополнување на еколошката енергетска мрежа на иднината.

Пресметувањето на предностите и маните на атомската енергија е комплексно, но и покрај тоа нуклеарната опција изгледа подобро за иднината од постојаното копање јаглен и неговото горење.

Овозможувањето континуитет на стопанството треба да биде на прво место во агендата на Владата, бидејќи закрепнувањето на економијата ќе дојде токму од приватниот сектор.

повеќе

Светот првично се соочи со кризата предизвикана од коронавирусот на некоординиран начин, при што огромен број држави едноставно ги игнорираа предупредувањата и настапуваа самостојно.

повеќе

Пандемијата на коронавирусот која го зафати целиот свет, не само што има огромно влијание врз јавното здравство, општеството и економијата како целина, туку предизвика пустош и во спортот.

повеќе