Дојче веле: Дали Бугарија е Путиновиот тројански коњ во ЕУ и во НАТО?

Путин со сите сили се бори против влезот на балканските земји во ЕУ и НАТО - за него во моментов Балканот е важно бојно поле.

Фото: ЕПА

Состојбата е сериозна. И не мислам само на агресивниот национализам или на огромната поддршка што Владимир Путин ја имаше во Бугарија пред почетокот на војната против Украина. Мислам на новиот начин на размислување, на бранот што опасно се прошири низ Бугарија. Бранот што, за жал, се шири главно благодарение на младите, помалку образовани луѓе, чии фрустрации се огледуваат во антизападните пароли.

Тоа е мешавина од антилиберализам, омраза кон елитите, теории на заговор, антисемитизам, антициганизам и восхит кон моќникот во Москва, кој сака да го пресуши „либералното мочуриште“. Бидејќи се чувствуваат разочарани од Европа и Западот, овие луѓе сега се борат против западната цивилизација и сѐ што е современо, и тоа така што се колнат во своите „православни христијански вредности“ и конструираат архаична слика на светот. Тоа е слика на свет во кој се важни само крвта и тлото, во кој насилството е оправдано и во кој железната тупаница на Путин конечно ќе го етаблира сето тоа по што тие копнеат.

Во Бугарија има најмногу симпатии кон Русија меѓу сите членки на ЕУ. За ова има длабоко вкоренети историски, културни и конфесионални причини. Пред руската војна против Украина, Путин уживаше поддршка од околу 50 отсто од испитаниците во Бугарија. А сега таа поддршка падна на помалку од 25%, што сепак е застрашувачки многу.

Поради војната се сменија и ставовите на Бугарите кон западните сојузи и тоа во позитивна насока. Денес, 63% од Бугарите сметаат дека е подобро нивната земја да биде во сојуз со ЕУ или НАТО отколку во сојуз со Русија. Сепак, постои безнадежен јаз во бугарското општество. Од една страна се осудуваат Путин и војната, но истовремено се бараат објаснувања и „олеснителни околности“.

Проруски партии

Ваквата реторика редовно ја демонстрираат не само малите проруски партии, туку и традиционалните (и традиционално проруските) партии како што се социјалистите или (изненадувачки) партијата на турското малцинство (ДПС).

Руските влијанија во денешното воено време и мошне драматични времиња во Бугарија резултираат со политички, како и економски и ментални зависности. Од сите земји на ЕУ, Бугарија најмногу зависи од руската енергија, не само од гасот, туку и од нафтата или суровините за нуклеарната централа Козлодуј. 500.000 руски туристи годишно се важен економски фактор, исто како што се проценува дека околу 50.000 Руси поседуваат недвижен имот во Бугарија.

Бугарската армија, која е составен дел на НАТО, главно е опремена со оружје и опрема од советско време, а советските борбени авиони МиГ мора да се одржуваат во Русија. Некои од денешните високи бугарски офицери завршија воена обука во поранешниот Советски Сојуз - и сè уште се многу наклонети кон Русија.

Постојат и некои аномалии, како организацијата на резервни офицери, која агресивно ја шири воената реторика на Москва. Не треба да се потценуваат ниту старите разузнавачки зависности од пред 1989. Поранешните соработници на бугарската комунистичка служба за државна безбедност сѐ уште се активни во политиката и економијата. А за тоа говорат безбројните шпионски скандали, кои ги разоткрија руските мрежи во Бугарија и предизвикаа протерување на неколку бугарски дипломати.

Бугарија, Македонија…

Друг политички развој, можеби помалку видлив, е тесно поврзан со војната на Русија во Украина и зависноста на Бугарија од Москва: ветото на Бугарија против почетокот на преговорите на ЕУ со Северна Македонија за полноправно членство, вели ДВ.

Ова вето е поддржано од огромно мнозинство во Бугарија и сосема е во согласност со руската пропаганда. Русија уште од 19 век се смета за сила што сака да го контролира Балканот. Путин само продолжи со таа политика. Со сите сили се бори против влезот на балканските земји во ЕУ и НАТО - за него моментално Балканот е важно бојно поле. Само што битките што се водат таму не се крвави, тие се битки за срцата и главите на луѓето.

Накратко, она што денес го гледаме е обидот на Русија, со помош на проруските елити на Балканот, дополнително да го разгори јазот меѓу Бугарија и Северна Македонија и да создаде несигурност кај луѓето од Западен Балкан во нивните напори за европска интеграција, вели ДВ.

Пропаганда и лажни вести

Имајќи предвид дека во овој контекст не можеше да се избегне зборот „пропаганда“: да, тоа е една многу валкана војна што се води во Бугарија. Почнувајќи од манипулативниот и делумно многу непристоен речник на рускиот амбасадор во Софија („Бугарија, евроатлантскиот нокшир“) сѐ до неуморната работа на стотици платени и неплатени корисници на социјалните мрежи што деноноќно го фалат Путин и војната и ги клеветат Украинците како фашисти.

Набљудувачите велат дека комплетни фабрики за тролови се борат за доминантно мислење во Бугарија. На Фејсбук, на пример, меѓу вестите за ужасите на војната во Украина, најмногу може да се најдат објави што го поддржуваат Путин, а кај некои може да се забележат и цинични „смајлиња“.

Но не се работи само за тролови, ботови и делумно „професионални“ корисници што ја шират пропагандата на Кремљ во Бугарија. За жал, и некои медиуми со отворени или прикриени симпатии известуваат за војната на Путин, неговите цели или тврдења што не се темелат на факти.

Еден радиоводител на јавен сервис, сопственик на информативен портал или влијателна информативна страница за која е докажано дека дистрибуира руска пропаганда од најлош вид, сите тие ги размножуваат циничните „штихворти“ од Москва, а на интервјуа покануваат докажани шарлатани или промосковски политичари. И сето тоа се случува под лицемерното мото на различни мислења. Со други зборови: масовно шират лажни вести, лаги и пропаганда и ги блокираат сите критики вперувајќи го прстот кон слободата на мислењето.

Слично на тоа, овие „медиуми“, „новинари“, јутјубери, инфлуенсери од интернет-форуми дејствуваа за време на коронапандемијата, кога без престан зборуваа за „лагата ковид“ и создаваа јавно мислење против кампањата за вакцинација. Многу медиуми во Бугарија буквално се инструменти на политички и економски интереси.

Не случајно оваа земја е на самиот зачеток по прашањето за слободата на мислењето, не само во Европската Унија, туку и на Балканот. Бугарија е исто така (што е и докажано) најкорумпираната земја на ЕУ, земја чие правосудство не заслужува да се нарекува така. Еден дел од бугарската интелигенција сам по себе ѝ е наклонет на Русија, а има сомнеж дека војската и тајните служби сè уште ги негуваат старите врски од советската ера. Сè на сè, не може да се замисли подобра плодна почва за ширење на руското влијание.

Бугарија - земјата што често се нарекува тројанскиот коњ на Москва во ЕУ и НАТО. Земјата во една руска поговорка опишана вака: „Пилето не е птица, Бугарија не е странство“. Каква грозна изрека, особено ако се има предвид дека Бугарија уште во царските времиња била позната како руска територија - но од другата страна на Дунав. И дека во советско време Бугарија двапати се „натпреварувала“ да стане 16-та советска република. Земја на Црно Море, на само неколку стотици километри воздушна линија оддалечена од бојното поле во Украина.

Длабоко поделена земја, па и поради Русија, земја што сега, по прекинот на испораките на руски гас, мора да се подготви за неизвесна економска и политичка иднина.

Овој текст, кој го објави Дојче веле, е скратена верзија на предавањето „Војната и руските влијанија во Бугарија“, кое го одржа новинарот и уредник на ДВ Александар Андреев на годишното собрание на Германско-бугарскиот форум во Берлин, 26 април 2022 година

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Со францускиот предлог на патот кон ЕУ македонскиот народ ќе ја изгуби историската тапија врз сопствената свест и наследство.

повеќе

Ако пак се натури овој бесмислен консензус на Франција, кој ги признава сите емоции на Бугарија, тогаш оваа неспособна власт ќе не одведе подлабоко од сегашниот амбис.

повеќе

Во новите предлози се направени само формални, но не и суштествени промени, во однос на претходниот предлог (кој Владата го нема објавено).

повеќе