Да не се меша вознемирување и додворување

Дофрлањето на жени станува кривично дело во Германија?

Дофрлањето на жените на улица многу мажи сè уште го сметаат за комплимент. Но, таквото дофрлање или свиркање жените главно го доживуваат како вознемирување. На Инстаграм објавуваат примери, а во бројни градови предупредуваат на тој проблем испишувајќи предупредувања на тротоарите.

EPA-EFE

Слично вознемирување се случува и во виртуелниот простор, на социјалните мрежи.

Досега таквото сексистичко дофрлање од мажи на жени во Германија останува без последици. Но 20-годишната студентка Антонија Квел од гратчето Фулде планира да го смени тоа. Во август таа почна онлајн петиција упатена до министерствата за правосудство и семејство. Веќе ја потпишале 65.000 луѓе.

„Тоа не го прави секој маж, но секоја жена го има доживеано. Кетколинг, така се нарекува вербалното сексуално вознемирување. Дофрлањето не треба да се меша со комплименти. Дофрлањето е искористување на доминацијата и моќта“, се наведува во петицијата.

Вербалното сексуално вознемирување во Германија не е казниво. Претпоставка за постоење сексуално вознемирување е сексуално конотиран контакт. Петицијата затоа бара вербалното сексуално вознемирување во законот да се дефинира како посебно кривично дело.

Германскиот закон предвидува казни за навреди: парична казна или, во особено тешки случаи, и казна затвор до две години. Во некои случаи тој член на законот важи за вербално сексуално вознемирување на улица.

„Тоа е случај која изјавата е експлицитно понижувачка“, вели Ања Шмит од Универзитетот Хале-Витенберг. Но изјави како „имаш згодно тело“ не потпаѓаат под тој член.

Активистката Антонија Квел предлага казнување на сексистичкото дофрлање со парична глоба, како во Франција, каде тој вид вознемирување е казнив од пред две години. Тие што дофрлаат, можат да бидат казнети со најмногу 750 евра. Сексистичкото дофрлање е казниво и во Португалија, Белгија и Холандија.

Според едно истражување кое го спровела Фондацијата за европски прогресивни студии, две третини од жените во Германија во последните две гони најмалку еднаш зад себе слушнале свиркање на улица. Повеќе од 40 отсто доживеале дофрлања, вицеви, сексистички навреди или гестови. Третина од нив се жени помлади од 25 години.

„Има разни случаи. Нормално дека се радуваме поради некои форми на внимание. Ако некоја жена се радува на тоа, тоа е нејзино право“, вели Квел.

Но, додава, мора да им се посвети внимание на жените кои имаат вознемирувачки искуства. „Со години се зборува за таквите случаи и се раскажува во кругот на пријатели. Мислам дека повеќето жени кои живеат во градовите знаат за тој феномен“, вели активистката.

Квел раскажува за своите искуства. Една вечер со велосипед се враќала дома, кога ја стигнал автомобил во кој имало двајца мажи. Едниот од нив низ прозорецот ѝ пружил шише и ѝ понудил да се напие. Но, таа им порачала да се оддалечат. Потоа ја навредувале. Такви вознемирувања често ги следи агресија.

Но, има и критичари на петицијата. Некои мислат дека германското општество не е доволно зрело. Други мислат дека проблемот е до интерпретацијата, бидејќи вознемирувањето е субјективно доживување. Освен тоа велат дека казнивоста би отворила простор за недоверба и одмазди. Многумина се сомневаат дека вознемирувањето на улица воопшто може да биде докажано, а извршителите казнети.

Квел тврди дека проблем со докажувањето постои кај секое кривично дело, особено кај навредите и сексуалното вознемирување, и дека тоа не е аргумент против нејзината идеја. „Моја задача не е да размислувам како тоа може да се гони. Тоа е задача на владата и законодавството“, вели таа.

Правничката Ања Шмит смета дека, без оглед на правните санкции, важно е да се зајакне свеста за овој вид вознемирување.

Петицијата веќе собрала доволно потписи. Сега специјален одбор на Бундестагот ќе се бави со темата. Ако тој дојде до заклучок дека досегашните закони се недоволни во поглед на сексистичкото дофрлање, може да поттикне расправа во парламентот.

Една слична кампања неодамна беше успешна. Во јули Бундестагот меѓу кривичните дела го вклучи таканаречениот апскртинг, кога жените кои носат здолниште или фустан неовластено ги фотографираат од жабја перспектива – на пример додека се качуваат по скали.

За тоа дело е предвидена или парична казна или казна затвор до две години. И сето тоа почна со една онлајн петиција на две млади жени на југот на Германија.

Легенда под Главна слика

EPA-EFE

Северна Македонија, исто така, мора да се придвижи кон енергетска независност, користејќи обновливи извори на енергија кои нема да му наштетат на кревкиот екосистем во оваа прекрасна земја.

повеќе

Турската влада има нови барања од социјалните медиуми и дигиталните платформи како што се Фејсбук (Facebook), Ватсап (Whatsapp), Инстаграм (Instagram) и Твитер (Twitter). 

повеќе

Баталете ги овие глупости со Бугарија, а Османи нека си фати патот до Брисел да земе обрасци за членство во ЕЕО и нека ги пополнат брзо.

повеќе