Напредок кон нормализација на односите

Додворувањето на Израел на арапските држави значи офанзива против Иран?

Врските на Израел со земјите од Персискиот Залив со кои израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху долго се фалеше одеднаш станаа видливи, кога тој минатиот викенд го посети Оман.

Потоа министерката за спорт Мири Регев ја посети Големата џамија на шеикот Заед во Абу Даби за време на меѓународен натпревар во џудо, каде двапати беше изведувана израелската химна, кога израелските џудисти освоија злато.

Следната недела и израелскиот министер за транспорт Јисраел Кац кој е задолжен и за разузнавачките служби ќе го посети Оман за да промовира воспоставување железнички сообраќај меѓу еврејската држава и земјите од Заливот.

Аналитичарите наведуваат дека дипломатската офанзива е смислена за Израел да му се спротивстави на Иран и да напредува во нормализацијата на односите со тие земји со кои нема дипломатски односи, пишува Франс прес.

Во меѓувреме Соединетите Американски Дрѓжави, близок сојузник на Израел, на 5 ноември ќе ги засилат санкциите кон Исламска Република Иран, заколнатиот непријател на Израел.

Нетанјаху е првиот израелски лидер кој го посетил Оман, американскиот сојузник, претходно посредник во преговорите меѓу САД и Иран, по повеќе од две децении.

Тој во Мускат се сретна со долгогодишниот омански лидер султанот Кабус бин Саид и потоа оцени на седница на својата влада дека „разговорите беа важни за државата Израел и израелската безбедност“, истакнувајќи дека ќе ги има уште.

За тоа време министерката за спорт, позната по тврдолиниските ставови во Израел, беше во Абу Даби, каде министерот за комуникации Ајуб Кара претходно учествуваше на безбедносна конференција и зборуваше арапски.

Движечката сила на тие посети изгледа дека е заедничката загриженост поради Иран, кој Израел и многу земји од Заливот го сметаат за дестабилизирачка сила, која се меша во конфликтите и ги поддржува нивните ривали низ регионот.

Посетите им овозможуваат на тие арапски земји и да се приближат кон САД, забележува Асошиејтед прес.

Американскиот претседател Доналд Трамп вети уште одамна „договор на векот“ за мир на Блискиот Исток, а улогата на Саудиска Арабија како влијателен посредник е доведена во прашање по неодамнешното убиство на саудискиот новинар во конзулатот на таа земја во Истанбул.

Сепак, посетите на Нетанјаху и министрите од неговата конзервативна партија Ликуд, иако претставуваат голем поттик за него во домашната јавност, не значат дека арапските земји веднаш ќе ја прифатат еврејската држава.

Израелско-палестинскиот конфликт е и понатаму многу чувствително прашање во арапската јавност и односите најверојатно ќе останат ограничени без мировен договор.

Израел досега склучи мировни договори само со два арапски соседи – со Египет во 1979 и со Јордан во 1994.

Мировните преговори со Палестинците се замрзнати уште од 2014 година, а од крајот на март во масовните палестински протести против израелската и египетската блокада израелските војници убија повеќе од 160 Палестинци.

Палестинскиот претседател Махмуд Абас ги прекина врските со Белата куќа откако Трамп во декември го призна Ерусалим како главен град на Израел и во мај таму ја пресели американската амбасада.

Палестинците мислат дека Трамп се труди да ја добие поддршката на Саудиска Арабија и другите земји од Заливот за да изврши притисок врз Палестинците да го прифатат неговиот план кои тие однапред го отфрлаат.

Сепак по посетата на Нетанјаху на Оман партијата на Абас Фатах не ја осуди директно таа земја, туку израелските напори да ги нормализира односите со арапските земји пред да постигне мировен договор со Палестинците.

Во услови на партиска деполаризација на граѓаните, политичките елити во Македонија треба да пристапат кон помирување и ненасилно решавање на сите меѓусебни конфликти, за земјата да не се врати на патот на поделба.

повеќе

Помина веќе еден месец од објавувањето на документите на Викиликс на кои сите прочитавме дека Никола Димитров бил „заштитен извор на информации“ на САД. Засега, од обвинителството нема никаков одговор.

повеќе

Неопходно е да се надминат бариерите кои во моментов се присутни во регулаторната, политичката, финансиската и пазарната рамка и кои го кочат напредокот кон обновливите извори на енергија.

повеќе