Додека САД се борат со коронавирусот, Кина распоредува воени ресурси на Пацификот

Пандемијата на коронавирусот неизбежно влијае на сите сфери на меѓународните односи, па така, продолжува и „конкуренцијата“ меѓу Кина и Соединетите Американски Држави на Пацификот.

Кина, од која потекна коронавирусот, ја победи епидемијата, додека Соединетите Држави во моментов се едно од најголемите жаришта.

Коронавирусот се рашири на американскиот носач на авиони Теодор Рузвелт и голем дел од екипажот е заразен.

Друг носач лоциран на Пацификот, УСС Роналд Реган, во моментов е вкотвен во Јапонија, каде што ги обновува резервите и ги врши нужните поправки.

Во март Азија тајмс објави дека филипинскиот претседател Родриго Дутерте сака да го раскине договорот што им дозволува на американските трупи да останат во земјата.

Во тој момент Кинеската народноослободителна армија беше подготвена да дојде на тоа место.

„Морнарицата спроведе борбено ориентирани вежби, во кои учествуваа бродови, подморници и борбени авиони во Јужно Кинеско Море на крајот на март, месец во кој американските воени бродови и авиони честопати неовластено влегуваа во овие води. Експертите велат дека вежбите покажале дека кинеската морнарица може ефикасно да ги контролира и да ги заштити водите додека продолжува да ги зајакнува своите борбени способности“, објави тогаш Кинеската народноослободителна армија.

Сепак, вели Еурактив, по избувнувањето епидемии на носачите и настаните во Јужно Кинеско Море, командантот на Индопацифичката команда на американската армија, Филип Дејвидсон, до американскиот Конгрес испрати барање за зголемување на финансирањето за 20 милијарди американски долари. „Националните и одбранбените стратегии за безбедност и многубројните разузнавачки процени открија нова закана од конфликт меѓу големите сили. Најголемата опасност за Соединетите Држави е ерозијата на конвенционалните средства за одвраќање. Без тоа, Кина и Русија ќе се сметаат охрабрени да преземат акција во регионот за да им наштетат на американските интереси“, пренесува Еурактив.

Откако ќе заврши пандемијата на коронавирусот, се очекува тензиите да се зголемат.

Кина доживеа силен внатрешен удар зашто во текот на епидемијата се појавија дотогаш незамисливи критики на сметка на власта. Еден бизнисмен дури се осмели да го нарече претседателот Си Џинпинг „кловн“. На тоа реагираше партијата и сега тоа е под истрага.

Клучното прашање е колку ќе падне кинеската економија - кризата во 2008 година ја спушти од просечна стапка на раст од околу 10% годишно на нешто повеќе од 6%.

Не треба да се очекува распад на владата, но не се исклучуваат одредени внатрешни тензии. Од штурите јавни информации може да се заклучи дека незадоволството расте и во рамките на Политбирото на Комунистичката партија, пишува Еурактив.

Имено, Си Џинпинг ја презеде целата моќ и го укина ограничувањето на мандатот: но истовремено си ја префрли себеси целокупната одговорност за политичките одлуки. Остана запамтено дека во Вухан, во екот на кризата, тој го испрати премиерот Ли Кекујанг, а тој самиот не се појавуваше две недели.

Кинеските стратези се свесни за хаосот што преовладува во Белата куќа, вели Еурактив, и дека тоа се позитивни околности за брз напредок во стратегиската контрола на Јужно Кинеско Море. Придобивајќи ги на своја страна Филипините, заедно со трајните добри односи со Камбоџа, Мјанмар и Лаос, Пекинг создава стратегиски притисок врз Виетнам, кој во регионот на Југоисточна Азија станува клучен сојузник на САД. И токму овие денови, кинески воен брод потопи виетнамски рибарски брод. Демонстрација на моќ.

САД се во незавидна позиција. Јапонија е исто така погодена од заразата, Јужна Кореја својата политика кон Кина ја калибрира со односот кон Северна Кореја, нејзиниот примарен национален интерес. А носачите на авиони се закотвени. И в.д. државниот секретар за морнарицата исто така поднесе оставка поради скандалот со командантот Рузвелт, кого го обвини дека без дозвола им пуштал информации на медиумите.

Адмиралот Дејвидсон размислува долгорочно, бара да се постават боеви и разузнавачки воени состави на островските кругови на Индопацификот и Океанија, кои би ги заштитиле САД од можен кинески напад. Тоа е тешко замисливо сценарио, но спроведувањето на неговиот план, кое е мошне веројатно, затоа што Конгресот е склон кон тоа, ќе предизвика бурни реакции во Пекинг. Доколку се појават внатрешни проблеми во Кина, можно е Си да ја исполни својата закана за „анексија на Тајван“. Што би имало катастрофални глобални последици, пишува Еурактив.

Кина и САД најверојатно преминуваат во фаза на ривалство што ќе се рефлектира во сите области, особено ако дојде до дополнително економско раздвојување, доколку Вашингтон побара некои нови производствени локации и ги ослабне снабдувачките синџири со Пекинг.

Некои повикуваат на „соработка“, но тоа ќе зависи од внатрешните односи во обете економски сили. Иако Кина тврди дека „не сака да ја преземе улогата што во светот ја играат САД“, нејзините потези ја поткопуваат таа теза.

Во повеќето земји во развој, ковид-19 предизвикува економски ураган.

повеќе

Бизнис заедницата која до пред некој месец постојано „трубеше“ како државата не треба да ѝ се меша во работата, веднаш почна да плаче за државна помош.

повеќе

Кога може оние кои пукаа по нас, оние кои ги убија Аце, Коки и Оливер да бидат на слобода, зошто не би бил помилуван и ти?

повеќе