АП

Додека луѓето седат дома, Земјата станува сè подива и сè почиста (ВИДЕО)

Еден сосема непланиран голем експеримент ја менува Земјата.

Додека луѓето низ целиот свет седат дома за да го запрат ширењето на новиот коронавирус, воздухот се чисти, иако привремено. Смогот престана да го гуши Њу Делхи, еден од најзагадените градови во светот, а во Индија почнуваат да се појавуваат глетки што не беа видливи со децении. Загадувањето со азот диоксид во североисточниот дел на Соединетите Држави е намалено за 30%. Нивоата на загадување на воздухот во Рим од средината на март до средината на април беа за 49% помали од пред една година. Ѕвездите подобро се гледаат ноќе.

Луѓето забележуваат животни на места и во моменти кога обично ги нема. Низ центарот на Чикаго и во близина на мостот Голден Гејт на Сан Франциско се движеа којоти. По улиците на Сантијаго во Чиле шеташе пума. Козите зазедоа град во Велс. Во Индија, и онака смелиот див свет стана похрабар, па гладни мајмуни влегуваа во домови и отвораа фрижидери за да бараат храна.

Кога луѓето седат дома, Земјата станува почиста и подива.

„Ова извонредно ни покажува колкав всушност метеж ние правиме на нашата прекрасна планета“, вели конзерваторскиот научник Стјуарт Пим од универзитетот Дјук. „Ова ни дава можност магично да видиме колку многу подобро може да биде“.

Крис Филд, директор на Институтот за животна средина Стенфорд Вудс, собрал научници за да ги проценат еколошките промени што се случуваат додека човекот е затворен дома. Научниците, заглавени дома како и останатите, велат дека едвај чекаат да ги истражуваат неочекуваните промени во плевелите, инсектите, временските услови, бучавата и светлинското загадување. Владата на Италија работи на океанска експедиција за истражување на морските промени поради недостигот од луѓе.

„На толку многу начини со огромен чекан го раздразнувавме системот на Земјата и сега гледаме каков е одговорот на Земјата“, вели Филд.

Истражувачите ги следат драстичните падови во традиционалните загадувачи на воздухот, како што се азот диоксидот, смогот и ситните честички. Овие видови загадување убиваат до 7 милиони луѓе годишно низ целиот свет, според претседателот на Институтот за здравствени ефекти, Дан Гринбаум.

Воздухот од Бостон до Вашингтон сега е најчист откако сателитот на НАСА почна да го мери азотниот диоксид во 2005 година, вели атмосферскиот научник на НАСА Бери Лефер. Во голема мера предизвикано од горењето фосилни горива, ова загадување е краткотрајно, така што воздухот брзо се чисти.

Споредено со претходните пет години, загадувањето на воздухот во март е намалено за 46% во Париз, 35% во Бенгалуру, Индија, 38% во Сиднеј, 29% во Лос Анџелес, 26% во Рио де Жанеиро и 9% во Дурбан, Јужна Африка, покажуваат мерењата на НАСА.

„Ова е ѕиркање во она што може да се случи ако почнеме да се префрламе на автомобили што не загадуваат“, вели Лефер.

Почистиот воздух е најзабележлив во Индија и во Кина. На 3 април, жителите на Џаландхар, град во северниот индиски Пенџаб, се разбудија со глетка што не беше видена со децении: снежните хималајски врвови оддалечени повеќе од 160 километри.

Почистиот воздух значи посилни бели дробови за астматичарите, особено за децата, вели д-р Мери Пруницки, директорка за загаденост на воздухот и здравствено истражување на Факултетот за медицина на Универзитетот Стенфорд. Таа забележува дека првите студии, исто така, откриваа поврзаност меѓу сериозните случаи на коронавирусот со луѓето со болни бели дробови и со оние во загадени области, иако е рано да се каже кој фактор е посилен.

Стакленичките гасови што ја заробуваат топлината и предизвикуваат климатски промени остануваат во атмосферата 100 или повеќе години, така што пандемиското исклучување не е веројатно дека ќе влијае на глобалното затоплување, вели научникот за климатски промени на Институтот Брејктру Зеке Хаусфадер. Нивоата на јаглерод диоксид сè уште се зголемуваат, иако не толку брзо како минатата година.

Аеросолното загадување, кое не останува долго во воздухот, исто така се намалува. Но аеросолите ја ладат планетата, така што климатскиот научник на НАСА, Гавин Шмит, истражува дали нивните опаѓачки нивоа може засега да ги зголемуваат локалните температури.

Стенфорд Филд вели дека тој е најзаинтригиран од зачестените глетки на којоти, пуми и други диви животни во градовите, кои се главни ѕвезди на видеата на социјалните медиуми. Собир на диви свињи пред трговски центар во Аризона. Дури и птиците во Њујорк изгледаат погладни и похрабри.

Во Аделаид, Австралија, полицијата сподели видео од кенгур како скока низ претежно празниот центар на градот, а чопор чакали запоседнаа градски парк во Тел Авив, Израел.

Ние не сме под инвазија. Дивиот свет отсекогаш бил тука, но многу животни се срамежливи, вели Пим. Тие излегуваат надвор кога луѓето седат дома.

На морските желки низ целиот свет луѓето им го отежнаа полагањето јајца на песочните плажи. Желките не смее да се вознемируваат, а новороденчињата се збунети од светлата на плажата, вели Дејвид Годфри, извршен директор на Зачувување на морската желка.

Но без светла и без луѓе, годинашново полагање јајца на морските желки се чини многу поуспешно од Индија преку Костарика до Флорида, вели Годфри.

„Има одредена добра страна за животинскиот свет во она што инаку е прилично катастрофален период за луѓето“, вели тој.

АП

Објавено

Четврток, Април 23, 2020 - 09:16

Дали е аксиом дека со членството во НАТО е гарантирана безбедноста на Македонија? Дали почеток на преговори значи и отворен пат за членство во ЕУ?

повеќе

Што е со оние граѓани кои не се вклопуваат во нашиот (би)етнички дискурс?

повеќе

Постојат различни фактори кои влијаат на нивото на ризик кога станува збор за перење пари. Тоа може да биде од клиенти, региони, производи или ризик од финансиски инструменти. Разбирањето на овие ризици, како и факторите што придонесуваат, им овозможува на надлежните органи многу поефикасно да се заштитат од перење пари поврзано со корупција.

повеќе