Претседателски избори во Хрватска

Десница против десница: Битката за гласови на Грабар Китаровиќ и Шкоро

Во фокусот на претседателската трка во Хрватска се води битка на десницата, а не меѓу десницата и левицата, како порано, оцени денес политичкиот аналитичар Иван Релковиќ.

Тој особено укажа на борбата за гласовите на поддржувачите на Хрватската демократска заедница (ХДЗ) меѓу кандидатката на владејачката хрватска партија, актуелната претседателка Колинда Грабар Китаровиќ, и кандидатот на десницата, пејачот Мирослав Шкоро.

Релковиќ предупреди дека поради тоа е во опасност кандидатот на Социјалдемократската партија (СДП) Зоран Милановиќ, кој би можел да остане без втор круг, пишува денес Јутарњи лист.

„Досега во кампањите по правило имавме лево-десна хомогенизација на гласачкото тело, значи ситуации да растат и левиот и десниот кандидат (или партија) кога се случува голема хомогенизација на гласачкото тело. Сега тоа не е така бидејќи имаме војна на десницата каде што се случува двојна хомогенизација на десното гласачко тело и потенцијална пасивизација на левите гласачи“, смета Релковиќ.

Тој додаде дека на Милановиќ му се заканува опасност од зголемување на вкупниот број десни гласачи, но и опасност од изедначување на рејтингот на Шкоро и Грабар Китаровиќ.

„Ако десното гласачко тело дополнително и значително се мотивира, а левото не излезе во полн опсег, Милановиќ од денешните 24-25 отсто поддршка ќе падне за два-ри процентни поени во однос на Колинда и Шкоро. А бидејќи тројцата се блиску во анкетите, за Милановиќ постои опасност и двајцата да го престигнат и тој воопшто да не влезе во вториот круг“, смета аналитичарот.

Покрај тоа, патот на Милановиќ кон вториот круг, наведува Релковиќ, го отежнува и тоа што има повеќе леви и кандидати на левиот центар кои можат да му одземат помал број гласови, но сепак доволно поради малата разлика меѓу водечките кандидати да не влезе во вториот круг.

Повикувајќи се на извори во СДП, загрепскиот весник наведува дека Милановиќ решил во светло на судирот на десницата делумно да ја промени тактиката и во продолжението на кампањата да не ги напаѓа повеќе толку многу актуелната претседателка и ХДЗ. Изборниот штаб на Милановиќ најавува дека до крајот на првиот круг на изборите кандидатот на СДП и повеќе помали партии од левиот центар ќе водат афирмативна кампања, свесни дека со нападот врз ХДЗ и Пленковиќ, Милановиќ наместо себе го турка Шкоро во вториот круг.

Претседателските избори во Хрватска се одржуваат на 22 декември, а доколку новиот претседател не биде избран во првиот круг, вториот круг ќе биде на 5 јануари 2020 година.

Според предизборните анкети, водечки кандидати се Грабар Китаровиќ, Милановиќ и Шкоро, а значителна поддршка уште има и независниот кандидат, европратеникот Мислав Колакушиќ.

ЕУ покажа дека не е во состојба да ги исполни ветувањата дадени пред скоро две децении во Солун и одлучи веќе да не се преправа.

повеќе

Кога политичарите сватија за каква моќна алатка се работи, час поскоро побрзаа да менуваат закони со кои „бомбите" нема да бидат докази.

повеќе

Брегзитот, односно напуштањето на Велика Британија на ЕУ, без сомневање ќе влијае врз градењето на новата политичка архитектура во Европа, со нова поделба на интересни зони на стариот континент.

повеќе