петок, 10 мај 2024

Генералното собрание на ОН го поддржа членството на Палестина, Македонија воздржана

Генералното собрание на ОН денеска ја поддржа палестинската кандидатура за полноправно членство, велејќи дека ги исполнува условите, и го повика Советот за безбедност „позитивно да го преиспита прашањето“.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Изјаснувањето на 193-те членки беше светска анкета за тоа кој го поддржува палестинското барање или кој де факто ја признава Палестина како држава, откако САД ставија вето на палестинското барање во Советот за безбедност минатиот месец.

Генералното собрание ја усвои резолуцијата со 143 гласа „за“ и девет „против“, меѓу кои САД и Израел, а воздржани беа 25 земји, меѓу кои и Македонија.

Деветте членки што гласаа против се Аргентина, Чешка, Унгарија, Израел, Микронезија, САД, Папуа Нова Гвинеја, Науру и Палау.

Меѓу воздржаните беа Македонија, Хрватска, Албанија, Италија, Бугарија, Велика Британија, Австрија, Финска, Германија, Летонија, Литванија, Холандија, Романија, Шведска, Швајцарија, Украина…

Резолуцијата не им дава автоматски на Палестинците полноправно членство во ОН, туку само утврдува дека ги исполнуваат условите за приклучување.

„Сакаме мир, сакаме слобода“, рече палестинскиот амбасадор во ОН Ријад Мансур пред гласањето. „Гласот ‘за’ е глас за постоењето на Палестина, тоа не е глас против ниту една држава… тоа е инвестиција во мирот“, додаде амбасадорот, што беше проследено со аплауз.

Според Повелбата на ОН, членството е отворено за сите „мирољубиви држави“ што ги прифаќаат обврските од тој документ и се способни и подготвени да ги спроведат.

Израелскиот амбасадор: Не ве интересира што Палестинците не се мирољубиви

„Сѐ додека има толку многу од вас што го мразите Израел, не ви е грижа што Палестинците не се мирољубиви“, рече израелскиот амбасадор Гилад Ердан, кој говореше по Мансур. Тој го обвини Генералното собрание дека ја искинало Повелбата на ОН, а потоа стави копија од документот во апарат за сечење хартија. „Срам да ви е“, им порача тој на членките на собранието.

Барањето за членство прво треба да биде одобрено од 15-члениот Совет за безбедност на ОН, а потоа и од Генералното собрание. Ако повторно дојде пред Советот, многу е веројатно дека САД повторно ќе стават вето.

Резолуцијата на Генералното собрание усвоена денеска почнувајќи од септември им дава некои дополнителни права и привилегии на Палестинците, како што е место меѓу полноправните членови во собраниската сала, но не и право на глас во тоа тело.

Палестинците во моментов имаат статус на нечленка-набљудувач, што е де факто признавање на државноста изгласана од Генералното собрание во 2012 година.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ